ИАКО БЕА ФАВОРИТИ ВО ПРЕД-СЕЗОНСКИОТ ПЕРИОД, НА УЧЕСНИЦИТЕ ОД АПРИЛИЈА ИМ СЕ НАСМЕВНА СРЕЌАТА ВО ТРЕТАТА ТРКА ОД ПРВЕНСТВОТО ДА СТИГНАТ ДО ИСТОРИСКА ПРВА ПОБЕДА
Сезоната стартуваше со трката под рефлектори во Катар, каде што најголемиот фаворит, Франческо Бањаја, не успеа да ја заврши трката, па според старата мудрост дека не победува оној за кој што е речено, возачот на сателитското Дукати – Енија Бастијанини, си замина од премиерната трка сезонава со големиот пехар.
Бањаја беше деветти во квалификациите, но во трката се судри со Хорхе Мартин кој ја имаше пол позицијата, бидејќи и двајцата имаа слаб старт. Тимот ја презема одговорноста за неговиот пад во перформансите и упати јавно извинување до возачот.
Ние сме тим и работиме заедно. Зборувавме и расчистивме, нема потреба од извинување. Јас изјавив дека нема да тестирам повеќе бидејќи сметав дека претеравме со тестирања, но тоа е невоз- можно во фабрички тим. Мојата порака се должеше на тоа што бев бесен и имав многу прашалници во главата поради сето тоа,- помириливо коментираше фаворитот пред втората трка во Индонезија.
Но, тогаш на сцена стапија временските услови и небото „се отвори“ над патеката Мандалика, па силните дождови ја повлијаеја и оваа трка. Најдобро во таквите околности се снајде Мигел Оливеира, а Бастијанини остана лидер во генералниот пласман благодарение на финишот на 11 место.
Не сум среќен со оваа трка, бидејќи преферирам да возиме на суво. Но, во ред е, имав навистина бавен старт и загубив многу позиции. Дури после 7-8 круга го постигнав мојот ритам и бев брз до крајот, при што успеав да повратам неколку места. На крајот стигнав да се борам за осмото место, но Брад Биндер ме престигна во вториот свиок и јас отидов надвор од патеката. Воопшто не е важно што сум водечки во генералниот пласман, единствено што посакувам е да имам подобра трка следниот пат,- гласеше изјавата на лидерот во поредокот.
Статистичарите пресметаа дека износот од триесет бодови по две трки е најмалиот за еден лидер во првенството од 1987 година, а за волја на вистината тогаш наместо 25 се доделувале по 15 бода за победа.
Покрај дождот, главна сторија која што ги окупираше медиумите беше повредата на Марк Маркез, кој откако минатите две сезони пропушти многу трки поради претходните повреди, со новото излету- вање на патеката Мандалика повторно ќе мора да се помири со нова пауза иако беше целосно закрепнат.
Втората невро-офталмолошка евалуација покажа многу позитивен развој за парализираниот нерв кој што беше повреден при падот во индонезиското гран при. Заздравувањето сè уште не е завршено, и Марк Маркез ќе мора да го следи терапевтскиот режим со конзервативен третман, – објави екипата на Хонда.
Во ситуацијата кога поранешниот шампион не беше достапен за коментар по бруталниот пад во сесијата за загревање пред почетокот на трката во Индонезија, медиумите за најнови информации го нападнаа неговиот помлад брат Алекс Маркез кој вози во сателитскиот тим на Хонда. Првите денови мислев дека е нормално што е нерасположен. Никогаш не сум го видел толку потиштен, но за среќа подобрувањата се тука. Тој се чувствува добро и јас се шегував со него. Тој чувствува поголемо подобрување и тоа е добро за неговата глава. Се надеваме дека ќе го видиме набрзо, тој е мој брат, јас сакам да го видам назад на патеката но, исто така, и за возачите со Хонда е добро тој да биде на патеката и да го вади максимум од мотоциклот.
Актуелниот светски првак Фабио Куарта- раро беше во сенка на лошиот пласман во Катар (деветто место), но во Индонезија се најде на второто место. Тој од своја страна оцени дека напредокот во развојот на неговата Јамаха сè уште е далеку од она што е посакувано ниво и пријави дека има проблеми со пронаоѓањето на добар контакт со асфалтот, особено на задната страна од мотоциклот.
Не знам како да се подготвувам. Да бидам искрен, ова е ситуација каде што не можете да правите многу работи. Не можете секогаш да се обидете да го подобрите контактот, но тој е мошне важен и зависи од патеката, па рангот во кој што нашиот мотор работи добро е навистина малечок. Кога контактот е добар, моторот работи супер, но веднаш штом се загу- би, личи како да притискате премногу, а добивате помалку. Во Катар испробав многу работи, но на крајот потребно е малку среќа и зависи од тоа кој свиок и која патека ви лежи и на неа може да се адаптирате брзо, – рече Квартараро по освоениот подиум.
Дукати повторно „колабираше“ во Индонезија и повторно Бањаја се најде „во прашалници.
Имам многу прашања околу мојата трка. Морам да разберам многу нешта, или што не работеше, бидејќи за време на тестирањето во Малезија моторот беше мошне добар во дождливи услови. Денеска имав проблеми од самиот старт и веќе при првото притискање на сопирачките се чувствував чудно и загубив многу позиции. Тогаш се обидов да притиснам, но предниот дел ми бегаше и имав среќа што не излетав. Ги гледав и пневматиците, изгледаше како да не работат добро. Можеби јас не притискав толку многу како вообичаено, но сепак е чудно. Разочаран сум бидејќи освоив само еден поен во две трки, а нашиот потенцијал е многу поголем од тоа,- про- коментира возачот на Дукати.
Со ваквиот расплет, натпреварувачите стигнаа на третата трка во Аргентина, а таму се случи ново, иако очекувано чудо. Возачите на Априлија кои во зимските тестирања предничеа заедно со Дукати и Сузуки, имаа свој ден, бидејќи нивниот мотор во Јужна Америка работеше перфектно. По шест години развој и тестирање, италијанската фирма на првата априлска трка од 2022 година, стигна до првата победа во историјата во „кралската класа“, откако во минатото продуцираше многу шампиони во пониските категории.
Среќен сум што победив, но ова не менува ништо. Јас сум среќен човек, мојата работа е мојата страст, имам семејство од соништата. Имам сè што човек може да посака. Затоа и оваа победа не менува ништо, но за сите во Априлија, ова е огромен чекор. Пред шест години кога се повлеков од Сузуки и потпишав за нив, никој не сакаше да оди таму, не веруваше во тој проект. Уште во тестирањата знаев дека ја имам најдобрата машина во мојата кариера, но тешко беше да се оцени дали таа ќе биде добра за пласман меѓу првите пет или меѓу првите десет. Го покажавме нашиот потенцијал, чекор по чекор, бидејќи ова не беше среќна победа во дождлива трка. Имавме најбрзо време во квалификациите, а денес и во трката, па го преземавме и првото место во генералниот поредок. Сето ова е како сон. Екстремно сум среќен бидејќи ова е едно од најтешките првенства некогаш. Имам 32 години и сакам да ја завршам кариерата на најдобар можен начин,- изјави Алеш Еспаргаро по триумфот во „Рио Хондо“, најавувајќи дека „ќе бидат во групата што ќе се бори за победи и подиуми на секој гран при викенд.
Еспаргаро со 45 бода е водечки во генералниот пласман, а во групата возачи зад него се Биндер со 38, Бастианини и Ринс со 36, по што седуваат последните двајца светски прваци, Куартараро со 35 и Жоан Мир со 33 бода.
До крајот на април мотоциклистите ќе се тркаат на американското гран при во Тексас, по што следува враќањето во Ев- ропа на патеката Алгарве во Португалија и шпанското гран при во Херез на 1 мај.