Светско првенство во Формула E-ЗАПЛЕТ ВО МЕКСИКО СИТИ

05/04/2020

ПО ВОЗБУДЛИВАТА ТРКА ВО САНТИЈАГО, КАРВАНОТ НА ФОРМУЛА Е КАМПУВАШЕ ВО МЕКСИКО СИТИ КАДЕ ШТО ВОЗАЧИТЕ ЈА ИМАА НАЈБРЗАТА ПАТЕКА ВО КАЛЕНДАРОТ, ВОЕДНО ВОЗЕЈЌИ НА НАДМОРСКА ВИСОЧИНА ОД 2.250 МЕТРИ.

 

Трката во главниот град на Мексико е стандардна во календарот на Формула Е од 2016 година и претставува можност на дело да се види брзината на овие конструкции со електричен погон на патека која е мешавина од градските улици и автодромот „Херманос Родригез“.

Оваа станица од календарот на Формула Е дојде непосредно по трката во Сантијаго (Чиле), а надополнето со тоа дека Мексиканците секогаш прават феноменална атмосфера на трибините однапред навестуваше дека ќе биде вистински спектакл. Изедначеноста во перформансите е видлива, па акцент се става на менаџментот со енергијата, за да се избегнат ситуации како таа на Феликс да Коста во последниот круг во Чиле, кога мо- раше да се откаже од првото место до кое стигна по стартот од средината на колоната.

Долгата стартно-целна рамнина и овој пат беше посочена како место за голем број престигнувања, особено при сопирање, но за 2020 година организаторите додадоа и нова делница, обележана од свиокот број 4 до свиокот број 7. Во средината, од свиоците 9 до 13 се вози покрај трибините на бејзбол-стадионот Форо Сол, за во финишот да излезат низ Пералтада, последниот свиок кој е дел од Формула 1 патеката „Херманос Родригез“. Сето ова се наоѓа во олимпиското село од 1968 година, лоцирано во паркот Марија Миксака, која во традицијата на Ацтеките е позната како бабица, а локалното население ја прославува и како заштитничка на земјоделците кои и се молат за дожд. Ланскиот победник од Ауди, Лукас ди Граси, кој сè уште нема триумф оваа сезона, а тука има славено два пати, токму во оваа трка гледаше можност да се издигне, откако во Сантијаго поради старт од опашката на колоната стигна само до 7 место. Тој беше шести на првиот тренинг, а деветти на вториот тренинг, кога беше шест десетинки зад најбрзите. Но, квалификациите повторно беа потоп за него и за неговиот колега Даниел Абт (двајцата заедно ги имаат последните три победи во Мексико): Бразилецот заврши на 15-то место, додека Абт имаше инцидент во кој се заби во заштитната ограда уште во тренинзите и ги пропушти квалификациите.

– Ова беше најтешкиот судир во мојата кариера, – рече Абт кој беше однесен со хеликоптер во болница поради мерки на претпазливост. – Драго ми е дека возилата се безбедни и дека преживеав без повреда. Беше огромно постигнување од мојата екипа да направи нов болид за трката. Но, јасно беше дека од опашката на колоната не можев да направам ништо,- рече Абт.

На крилја на резултатите од Сантијаго, најбрзиот во квалификациите повторно се истакна и во Мексико Сити. Мич Еванс со Јагуар имаше време од 1:08.174, при што четири пилоти му беа зад петици со задоцнување од една до две десетинки, а големата изедначеност може да се види и низ фактот дека десеттиот Феликс да Коста беше на 0,366 секунди од него. Првите шестмина имаа дополнителна шанса во „супер-пол“ возењето да постават подобри времиња, а тогаш се случи изненадување, па Андре Лотерер со Порше постави време 1:07.922 со кое го истисна Еванс од првото место за 63 илјадити делови од секундата. Најблиску до нив беа Паскал Верлаин и Ник де Вријс со нецели три десетинки задоцнување, додека Себастијан Буеми и Сем Бирд беа на дистанца од четири односно пет десетинки.

Согласно правилата, трката трае 45 минути плус еден круг, но прашањето на победникот беше решено на стартот, кога Еванс не му дозволи на Лотерер да избега и се втурна во бескомпромисен дуел од внатрешната страна на првиот свиок. Со тоа Еванс успеа да го врати водството, а Лотерер имаше лоша среќа и потоа беше инволвиран во друг инцидент каде што потешко го оштети болидот. Со перфектна егезкуција на планирано- то, Еванс не им дозволи на конкурентите да го загрозат, а зад неговиот грб – се одвиваше голема драма со излетувањата на Нико Мулер и Фелипе Маса.

– Не ме сфаќајте погрешно, среќен сум што победив, но нема да се возбудувам поради тоа! Навистина е уба- во чувството, бидејќи на претходниот настан во Сантијаго имавме проблеми со менаџменот на трката, а дене- ска покажавме дека тоа сме го надминале. Сакам да му се заблагодарам на тимот за работата меѓу двете трки,- рече австралискиот пилот.

Освен Лотерер, проблеми имаше и третиот на стартот, Ник Де Вријс, кој исто така, не ја заврши трката со бо- лидот на Мерцедес. Пред 40-илјадната публика во Мексико тој на почетокот беше втор за Еванс, но потоа беше престигнат од другите и при еден таков момент се допре со сонародникот Роберт Фријнс.

– За несреќа, мојата трка заврши во ѕидот. По инцидентот бев кај стјуардите, за мене чувството беше дека сум само патник и дека не можам да направам ништо. Сепак, сакав да се извинам за она што се случи, бидејќи не можав да го запрам болидот.

Слично како во Чиле, возачите на ДС Течита имаа продуктивен ден, па стартувајќи од 8 и 9 место, Жан Ерик Верње и Антонио Феликс да Коста имаа уште славни моменти за радост на публиката. По набројаните отка- жувања, пред нив се најдоа Бирд и Буеми. По трката беше соопштено дека комуницирале со тимот за да изготват заедничка стратегија за финишот, но откако не успеале во тоа, Антонио Феликс да Коста го пре- стигна Буеми и тргна во соло трка кон подиумот. На пет минути пред крајот, Бирд направи грешка додека беше под притисок, па Шпанецот го презема второто место, а Буеми веднаш по него како трет.

Со таквиот распоред на крајот, Мич Еванс воедно го презема и првото место во генералниот пласман.

– Не знаев дека сум предводник на табелата. Убаво е да си таму, но сè уште е рано, нештата можат брзо да се сменат на секоја од следните трки,- скромно изјави Еванс.

СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО ВО ФОРМУЛА Е ПРОДОЛЖИ СО ТРКАТА ВО МАРАКЕШ, КОЈА СЕ СЛУЧИ ПРЕД OБЈАВУВАЊЕ НА ОВОЈ БРОЈ НА КЛУБ МОБИЛИТИ. СЕПАК, СО ФОКУСОТ КОН СВЕТСКАТА ПАНДЕМИЈА ОКОЛУ КОРОНАВИРУСОТ, ОРГАНИЗАТОРИТЕ НАЈАВИЈА ДЕКА ВОСПОСТАВУВААТ СУСПЕНЗИЈА НА ЦЕЛОТО ПРВЕНСТВО ВО ВРЕМЕТРАЕЊЕ ОД ДВА МЕСЕЦА. СО НЕА, ОПФАТЕНИ СЕ И ПЛАНИРАНИТЕ ТРКИ ВО ЈУЖНА КОРЕЈА (СЕУЛ), ИНДОНЕЗИЈА (ЏАКАРТА), ИТАЛИЈА (РИМ) И ФРАНЦИЈА (ПАРИЗ). УШТЕ ВО ЈАНУАРИ БЕШЕ ОТКАЖАНА ТРКАТА ВО КИНА, ПА ТАКА, СО ВОВЕДУВАЊЕ НА ПРИНУДНОТО МИРУВАЊЕ НЕШТАТА ЌЕ БИДАТ ПОВТОРНО ЕВАЛУИРАНИ КОГА ЌЕ СЕ СОЗДАДАТ УСЛОВИ ЗА ПРОДОЛЖУВАЊЕ НА ПРВЕНСТВОТО.

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.