Светско првенство во Формула Е-ВАНДОРН ЈА КОМПЛЕТИРАШЕ МИСИЈАТА ВО СЕУЛ

05/09/2022

БЕЛГИСКИОТ ВОЗАЧ СТОФЕЛ ВАНДОРН ПРЕД ТРИ ГОДИНИ ОД ФОРМУЛА 1 СЕ ПРЕФРЛИ ВО ФОРМУЛА Е И КОНЕЧНО ВО 2022 ГОДИНА СТИГНА ДО НАЈГОЛЕМИОТ ТРИУМФ ВО КАРИЕРАТА ОСВОЈУВАЈЌИ ЈА ТИТУЛАТА СВЕТСКИ ПРВАК!

 

Иако борбата за светскиот трон математички инволвираше четири возачи, на последните четири трки беше јасно дека Вандорн се издвојува како фаворит. Жан Ерик Верње и Едоардо Мортара не се најдоа меѓу освојувачите на поени на претпоследниот гран при викенд во Лондон, каде што се извозеа две трки. Британскиот викенд беше кошмар за фаворитите, кога сите освен Вандорн не успеаја да влезат меѓу осумте најбрзи на квалификациите. Џејк Денис имаше одличен ден и најпрво во директни дуели со возачите на Мерцедес стигна до пол позицијата, а потоа и до победа во првата трка.

Вандорн кој загуби во финалниот квалификациски дуел тргна од втората позиција и финишираше на второ место, но Мич Еванс од Јагуар успеа да направи подвиг со старт од 14 место и пласман на петта позиција, со што остана во конкуренција. Ник Кесиди го комплетираше подиумот, откако Ник де Врис доби казна од пет секунди за некоректни дефанзивни маневри па се најде на шесто место. Оливер Ескју од тимот Андрети, ја потврди добрата форма на победничкиот тим со пласман на четвртото место.

Ова е техничка патека, а ние имаме добар болид од механички аспект. За разлика од овде, имаме проблеми со брзите патеки, а на бавните сме секогаш добри. Никогаш не е лесно бидејќи сите од првата десетка се навистина брзи и нема опуштање. Но, „чистиот“ квалификациски круг заврши 80% од работата денеска, останатото беше да го држам Стофел на дистанца додека користеше дополнителна енергија,- изјави победникот Џејк Денис од тимот Андрети, кој имаше водство во секој круг од трката, а притоа го постави и најбрзото време за еден круг, што заедно со пол позицијата му донесе четири дополнителни поени (вкупно 29 од првата трка).

Мислам дека денеска ја загубивме титулата. Математички имаме шанса, но сега разликата е голема во однос на тоа што до крајот имаме само уште две трки. Не посакував ваков расплет. Не бевме конкурентни од стартот, но имавме напредок во однос на претходниот ден. Но, судирот со Верње кој помина праволиниски низ свиокот број два ме принуди да одам во бокс, а некои други возачи и да се откажат. Но, во основа не требаше да бидеме на тоа стартно место, рече разочараниот Мортара по првата трка.

Втората трка во ист манир донесе пол позиција на Џејк Денис, но овој пат бразилскиот ветеран Лукас ди Граси беше сензација на денот. Најпрвин во квалификациите стигна до второто место, а во трката ја освои првата победа по пауза од две години. Џејк Денис се најде на второ место, а вториот возач на Мерцедес, Ник де Врис, дојде до подиумот. Вандорн имаше квалификациски кикс, но на крајот заврши четврти додека сите негови ривали за титулата останаа без бодови.

Ова е „најбавната“ патека во сезоната и во финишот откажаа гумите речиси кај сите. Првите два напада не беа важни, но кога го користев третиот „атак мод“ го престигнав, очекував дека гумите на Денис веќе ќе бидат истрошени. Потоа, кога тој ја користеше неговата опција за „атак мод“, не можеше да ми се приближи и работата беше готова, објасни победникот на втората трка во Лондон.

Во пресрет на последниот гран при викенд во Јужна Кореја, Мич Еванс откри дека неговото откажување на втората трка во Британија било поради сопирачките. Тој изрази жалење бидејќи го имал Вандорн зад себе и тоа ќе значело жесток дуел на последниот гран при викенд, но ја прифати тажната реалност изјавувајќи дека сите во тимот биле „со скршени срца“ по таквиот расплет.

Но, во Сеул се случи токму спротивното. Јагуар беше извонредно конкурентен од првото излегување на патеката и Мич Еванс успеа да се квалификува трет, а потоа и да победи во првата трка. Оливер Роуланд ја освои пол позицијата, но во трката патеката која беше во фаза на сушење по претпладневниот дожд очигледно повеќе му одговараше на мотивираниот Еванс. Дополнително, осум болида не успеаја да го завршат првиот круг на мократа патека, излетувајќи на претпоследниот свиок, а меѓу нив имаше и кандидати за висок пласман како Ник де Врис, Ник Касиди, Андре Лотерер и Оливер Ескју. По рестартот, Еванс не беше нападнат од ниту еден ривал, па делуваше дека Роуланд е задоволен од второто место. Лукас ди Граси повторно заблеска со пласман на третото место, кое му го донесе и илјадитиот поен во Формула Е. Џејк Денис беше четврти, но Вандорн успеа да спаси дел од поените со пласман на петтото место. По ваквиот расплет, Еванс дојде во ситуација да има 21 поен помалку во трката за титулата и да може да го предизвика Вандорн за светската круна на последната трка. Пред него имаше две математички варијанти, при што во првата му беше потребна победа, а во втората второ место и најбрз круг во трката, додека неговиот ривал не смееше да освои поени. Потребно е да направам „копи – пејст“. Ќе ми биде од помош ако успеам утре да стигнам до пол позицијата, но уште повеќе ми треба победата во трката. Ние денеска покажавме дека можеме, но болидите на Мерцедес се добри и тие ќе бидат рамо до рамо со нас. Ова е Формула Е и сè е можно. Нема да се предадеме без борба. Ќе вложиме сè што имаме, рече Еванс.

Но, веќе следниот ден тој се соочи со непријатности, па се квалификуваше на 13 место, од каде што успеа да напредува само до седмата позиција. За разлика од него, Вандорн повторно беше стабилен и во трката стигна до третото место, а по крајот на трката поради казна од пет секунди за второплaсираниот Џејк Денис (контакт со Антонио Феликс да Коста кој ја имаше пол позицијата во првиот круг), па тие двајцата си ги заменија позициите на подиумот.

Победник во трката беше Едоардо Мортара, кој со ова стави печат на одличната сезона во која што имаше три победи и едно второ место, но тоа се покажа премалку во однос на шампионската титула. Вандорн имаше седум подиуми и освои поени на сите трки со исклучок на една (Мексико). На крајот, белгискиот возач имаше 213 бодови на своето конто, Еванс застана на 180, а Мортара на 169 бода.

Кога го започнав ова патешествие со Мерцедес пред четири години, бев мошне самоуверен бидејќи тие беа доминантни секаде каде што се натпреваруваа. Формула Е навистина е поинаква, тука нема ништо „директно“. Лани ја освоивме „двојната круна“, односно двете титули: екипно и поединечно со мојот колега Ник. Оваа година беше мојот ред! Минатата година бев депримиран кога ја загубив битката по трката во Лондон и оваа година не сакав ништо да препуштам на случајноста. Тоа е она што го правев цела година, давав максимум од себе. Само една победа, но со конзистентноста мислам дека импресиониравме. Имавме добра борба, со четири возачи во конкуренција за титулата, рече Еванс, кој како клучен момент ја извојува победа низ улиците на Монте Карло. – Оттогаш наваму речиси да не погледнувавме наназад, постојано се квалификувавме меѓу првите. Кога имавме тешки денови, успевав да се издигнам. На пример, на трката во Берлин, во првиот круг паднав на 12. место, а на крајот се борев за победа. Таквите моменти ја направија оваа титула! Мерцедес како производител објави дека се повлекува од Формула Е, што значи дека освен својот тим, нема да обезбеди тркачка опрема ниту за Вентури. Веќе е извесно дека Масерати ќе го преземе снабдувањето на Вентури за следната сезона, додека Мекларен ќе го преземе досегашниот тим на Мерцедес.

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.