Светско првенство во Формула E-ВАЛЕНСИЈА ГИ ДЕТЕКТИРАШЕ СЛАБИТЕ ТОЧКИ

01/06/2021

ИАКО СЕ ОРГАНИЗИРА ПО СЕДМИ ПАТ, ПРВЕНСТВОТО ВО ФОРМУЛА Е ОВАА ГОДИНА ВО ДВА НАВРАТА ПОКАЖА ДЕКА ИМА ПРОСТОР ЗА ПОДОБРУВАЊЕ НА ПРОПИСИТЕ. ПРВОБИТНО ТОА БЕШЕ ВО СЛУЧАИТЕ КОГА ИМАШЕ ИЗЛЕТУВАЊА ПОРАДИ ОТКАЖУВАЊЕ НА СИСТЕМОТ ЗА СОПИРАЧКИ, А СЕГА СО ОРГАНИЗАЦИЈАТА НА ТРКАТА ВО ВАЛЕНСИЈА ВО ПРЕДЕН ПЛАН БЕШЕ СИСТЕМОТ ЗА РАСПОЛАГАЊЕ СО ЕНЕРГИЈАТА.

Гран при викендот во Валенсија започна со негодување на дел од најискусните возачи околу изборот на оваа патека при вклучувањето во првенството за 2021 година. Искусните возачи како Лукас ди Граси и Жан Ерик Верње посочија дека болидите кои ги имаат на располагање, едноставно не се направени за трка на ваква патека.

– Ова е добра патека, но апсолутно не е за Формула Е. Имаме проблеми да се тркаме низ градовите поради пандемијата, па треба да се сметаме за среќни што воопшто имаме каде да се тркаме. Но, мене ми е сосем јасно дека не сакам повторно да во- зиме тука. Не поради тоа што не ја сакам патеката, туку поради тоа што не е добра за Формула Е,

– изјави возачот на ДС Текита, Жан Ерик Верње.

Дури и организаторите направија исчекор да го поддржат ова натпреварување со тоа што на возачите им дозволија по шест сета на пневматици наместо по четири колку што предвидуваат правилата. Исто така, поради суштествено спротивен концепт на овој автодром со досегашните патеки, кои немаа заштитни зони за излетување и каде што се возеше меѓу „ѕидови“, ФИА мораше да ги предупреди возачите за почитување на правилата по прашање на границите на патеката, односно дека возачите не смеат со сите четири тркала во ниту еден момент да се најдат надвор од тркачкиот асфалт. Во текот на 2021 година Формула Е треба да има трка уште на автодромот Пуебла во Мексико, бидејќи Формула 1 патеката е претворена во Ковид болница.

Тренинзите донесоа изненадувачки најбрзо време од возачот на БМВ Андрети, Максимилијан Гинтер, кој во првиот тренинг се најде зад Антонио Феликс Да Коста, но во вториот тренинг го презеде приматот. Гинтер и Да Коста се најдоа меѓу шесте најбрзи во квалификациите, но во последната сесија што носи три поени за таканаречената супер пол позиција, возачот на Мерцедес, Стофел Вандорн го имаше најбрзото време од 1:26.494. Зад него беа Да Коста, Де Вријс и Гинтер. Сепак стјуардите решија да му ја одземат пол позицијата на Вандорн, бидејќи неговите пневматици не биле соодветно идентифицирани со тие што биле пријавени за настап.

Португалецот Да Коста водеше од почетокот на трката што беше обележана од неочекуваниот дожд, а притоа возилото за безбедност четири пати се појавуваше на патеката поради различни инциденти. Сето тоа направи да има луда завршница во која половина од учесниците не стигнаа до целта бидејќи им недостигаше енергија. Додека едни ги обвинуваа тимовите за погрешни калкулации, тие во своја одбрана дадоа објаснување дека при секоја активација на возилото за безбедност има загуба на енергија, што не е предвидено од ФИА. Инцидентите беа предизвикани поради излетувања на возачите, но Антонио Феликс Да Коста постојано беше на врвот и незагрозен од останатите, своевремено создавајќи предност и од 4 секунди во однос на Холанѓанецот Де Вријс. Тој на оваа трка ја одработи казната за старт пет места подолу, поради инцидент предизвикан на трката во Рим, но на крајот сепак се радуваше на победа во Валенсија, при што само уште 11 болиди имаа енергија да стигнат до целта. Втор беше Нико Милер, а трет Стофел Вандорн.

Следниот ден започна со „еден два“ резултат за тимот на Порше во слободните тренинзи, а нивните добри перформанси беа потврдени и со второто место на Андре Лотерер во квалификациите, само една десетинка зад Џејк Денис, кој слично како тимскиот колега Гинтер, го доведе тимот БМВ Андрети до најдобрите стартни позиции на патеката која постојано се сушеше и стануваше се побрза. Џејк Денис имаше најбрзи времиња и во борбата за супер пол позицијата, повторно пред Андре Лотерер. По 30 круга во втората трка, првите тројца завршија онака како што стартуваа, со што Денис направи викенд за паметење со прва пол позиција и прва победа во својата дебитантска сезона.

– Сите возачи се шокирани дека имав водство од првиот до последниот круг. Никој не мислеше дека тоа е можно. Тука се натпреваруваш со ривали како Да Коста, Верње, Роланд, и да ги победиш сите нив, тоа е навистина голем поттик за самодоверба,

– рече младиот Денис.

Веднаш по трките во Валенсија, беше организирана и трката низ улиците на Монте Карло. Сем Бирд и Мич Еванс од Јагуар имаа рана доминација во тренинзите, а нивните времиња остварени на вториот слободен тренинг беа побрзи и од оние што подоцна беа поставени во квалификациите и во борбата за супер пол позицијата. Но, и тука судбината вмеша прсти, па Бирд имаше проблеми во контакт со Де Вријс, и двајцата се најдоа на опашката од колоната. Антонио Феликс да Коста со минимална предност од 12 илјадитинки се најде на првото стартно место, а во интервал од 12 до 59 илјадитинки зад него се најдоа Робин Фријнс, Мич Еванс и Жан Ерик Верње.

Првите двајца имаа дуел за победа во првата половина од трката, но потоа Еванс се вклучи и го презема водството. Сепак, излегувањето на возилото за безбедност не му одеше во прилог бидејќи имаше помалку енергија од ривалите, па во рестартот беше престигнат од Феликс да Коста, што де факто беше и последен круг во трката.

На средина од сезоната, по седум извозени трки, Холанѓаните Фријнс и Де Вријс водат на табелата со 62 односно 57 бода, додека Мич Еванс и Антонио Феликс да Коста се зад нив со 54 и 52. Во оваа зона каде што со една победа може да се направи пресврт се и Сем Бирд со 49 бода, Стофел Вандорн со 48 и Жан Ерик Верње со 46 поени.

Согласно календарот што ФИА и Формула Е го финализираа во пресрет на трката во Валенсија, до крајот се предвидени уште четири гран при викенди, почнувајќи од во Мексико во јуни, за сезоната да заврши со трки низ улиците на Њујорк, Лондон и Берлин. Секој од овие гран при викенди ќе има по две трки и со тоа сезоната ќе брои вкупно петнаесет трки.

На овој начин, де факто, е откажана трката во Мароко што беше предвидена за крајот на мај, како и онаа во Чиле за почетокот на јуни. Исто така, претходно откажаната трка во Сеул што беше најавена за можна реорганизација кон крајот на сезоната со овој план ќе мора да чека до следната сезона.

ТОД ГИ ПОВИКА МЕДИУМИТЕ ДА ЈА ПОДДРЖАТ ФОРМУЛА Е

Претседателот на ФИА, Жан Тод, има симпатии кон проектот Формула Е, кој по шест години во развој, оваа година за првпат е признаен како светско првенство. – Јасно е, Формула Е се развива многу добро. Но потребно е да се направи поголем притисок, односно потребно е подобро покривање од медиумите. Потребен ни е интересот и на медиумите и на навивачите, тоа е она што мора да го изградиме. Сакаме да ја промовираме мобилноста на електричните автомобили во градовите, и притоа Формула Е е одличен начин тоа да се направи. Ги имаме сите состојки за да имаме силно првенство и тоа мора да биде добро изрекламирано. Огорчен сум кога ќе видам специјализиран магазин којшто не посветува доволно простор за овие трки. Тие заслужуваат многу повеќе, – изјави Тод откако минатиот месец присуствуваше на трката што се возеше низ улиците на Рим.

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.