ПОСЛЕДНИОТ ПРОЕКТ НА ФИА ВО КОЈ БОЛИДИТЕ ЕДНОСЕДИ СЕ НАТПРЕВАРУВААТ ИСКЛУЧИВО НА ПОГОН ОД ЕЛЕКТРОМОТОРИ ПРОДОЛЖУВА ВО НОВА ИСТОРИСКА ФАЗА СО СВОЈАТА ШЕСТА НАТПРЕВАРУВАЧКА СЕЗОНА. ПРЕТХОДНО, ВОДЕЈЌИ СЕ ОД ЛИМИТИТЕ НА АКУМУЛАТОРИТЕ, ПИЛОТИТЕ НА РАСПОЛАГАЊЕ ИМАА ДВЕ ВОЗИЛА КОИ ГИ МЕНУВАА СРЕДЕ ТРКА, СО ЦЕЛ ДА МОЖАТ ДА ЈА ИЗМИНАТ ЦЕЛАТА ДИСТАНЦА, НО ВТОРАТА ГЕНЕРАЦИЈА БОЛИДИ ДОАЃА И СО ДАЛЕКУ ПОДОБРЕНИ ПЕРФОРМАНСИ КОИ ЌЕ ИМААТ КАПАЦИТЕТ ДА ВОЗАТ ОД ПОЧЕТОК ДО КРАЈ!
Сонот што официјално започна да биде сонуван од претседателот на ФИА, Жан Тод, во 2011 година, ја има својата реализација како еден од капиталните проекти за време на неговото „владеење“ со светската автомобилистичка федерација. Првата трка се одржа во Пекинг, во 2014 година, низ Олимпискиот Парк и се етаблираше како најнова атракција од светот на трките, но со хумана идеја во позадина која се залага за свет без јаглерод диоксид. Она што импресионира е одговорот на автомобилските компании, кои ги има дури девет, застапени во официјалните 12 екипи кои го сочинуваат ростерот. Со тоа, платформата што ја нуди овој спорт освен што овозможува возбуда за публиката, претставува своевидна подвижна лабораторија за сите нив, каде што се тестираат решенијата кои потоа можат да бидат вградени во патничките автомобили.
Лани, во сезоната 2018/2019, дебитираа болидите од таканаречената „Генерација 2“ кои нудат можност да се вози целата трка, бидејќи капацитетите за складирање на енергијата сега ја покриваат вкупната дистанца. Со акумулатори кои можат да понесат 250 киловати, освен што болидите ќе ја извозат целата трка, покажуваат завидни перформанси со забрзување од 0-100 километри на час за 2,8 секунди! Дополнително, крајната брзина е 280 километри на час, што овозможува тркачкиот спектакл да биде заснован токму на она што е есенцијално за ваквите нешта, односно да има брзина и престигнувања, а да победи најбрзиот.
Како бранители на трофејот во новата сезона влегуваат од страна на француската фабрика Ситроен, која е застапена со својот бренд ДС во екипата Течита, која доаѓа од Кина. Нивниот возач Жан Ерик Верње, познат од трките на Формула 1, лани ја освои својата втора шампионска титула. Првата ја освои во 2017/2018 година, откако во тимот му се приклучи Андре Лотерер, но сепак не успеаја во првиот обид да стигнат и до конструкторската круна. Оваа година на местото на Лотерер во тимот се вклучива Антонио Феликс да Коста, а досегашниот пилот се префрли во Порше со лични шампионски амбиции.
Секако со свои планови е и фабричкиот тим на Ауди, кој отсекогаш бил меѓу водечките, а влезе во историјата како прв победник во дебитантската сезона. Лукас ди Граси и Даниел Абт се профилираа како нивни возачи на патот кон сла- вата, но покрај веќе споменатите ривали од ДС Течита, тука се и другите фабрики кои сонуваат „електрични соништа“, како Мерцедес, Јагуар, Нисан и другите.
Освен што меѓу возачите има многу поранешни Ф1 ѕвезди, почнувајќи од Фелипе Маса, Себастијан Буеми, Жан Ерик Верње, Лукас ди Граси, Брендон Хартли и други со помалку славно искуство, тука е и светскиот првак од 1978 година, Марио Андрети кој се јавува како тимски шеф на својата екипа што соработува со БМВ.
Во новата сезона најавени се 12 екипи, па вкупно 24 возачи ќе атакуваат за новите трофеи во трките распределени низ Европа, Северна и Јужна Америка, Блискиот Исток и Африка. Почетокот на сезоната е со две трки низ улиците на Ријад во Саудиска Арабија, а струјните кола ќе се исклучат по уште една двојна трка низ улиците на Лондон. Сите дру- ги градови како Њујорк, Мексико Сити, Рим и Париз, имаат по една трка во својата тркачка програма.
Иднината се случува пред нашите очи, време е на оваа тркачка серија да се гледа многу посериозно во иднина!
КАЛЕНДАР ЗА 2019/2020:
22.11.2019 ДИРИЈА Е-ПРИ, РИЈАД, САУДИСКА АРАБИЈА
23.11.2019 ДИРИЈА Е-ПРИ, РИЈАД, САУДИСКА АРАБИЈА
18.01.2020 САНТИЈАГО Е-ПРИ, ЧИЛЕ
15.02.2020 МЕКСИКО СИТИ Е-ПРИ, МЕКСИКО
29.02.2020 МАРАКЕШ Е-ПРИ, МАРОКО
21.03.2020 САНИЈА Е-ПРИ, КИНА
04.04.2020 РИМ Е-ПРИ, ИТАЛИЈА
18.04.2020 ПАРИЗ Е-ПРИ, ФРАНЦИЈА
03.05.2020 СЕУЛ Е-ПРИ, ЈУЖНА КОРЕЈА
06.06.2020 ЏАКАРТА Е-ПРИ, ИНДОНЕЗИЈА
21.06.2020 БЕРЛИН Е-ПРИ, ГЕРМАНИЈА
11.07.2020 ЊУЈОРК Е-ПРИ, САД
25.07.2020 ЛОНДОН Е-ПРИ, ВЕЛИКА БРИТАНИЈА
26.07.2020 ЛОНДОН Е-ПРИ, ВЕЛИКА БРИТАНИЈА
СПОРЕДБА: ГЕНЕРАЦИЈА 1 ВС ГЕНЕРАЦИЈА 2
ТЕХНИЧКИ СПЕЦИФИКАЦИИ | ГЕН 2 | РАЗЛИКА ОД ГЕН 1 |
ДОЛЖИНА | 5160MM | +160MM |
ШИРИНА | 1770MM | -10MM |
ВИСИНА | 1050MM | ОСТАНУВА ИСТО |
ПРЕДНА ОСКА | 1553MM | +25MM |
ЗАДНА ОСКА | 1505MM | +13MM |
НАД ЗЕМЈА | 75MM (MAX) | ОСТАНУВА ИСТО |
МЕЃУОСКИНО РАСТОЈАНИЕ | 3100MM | ОСТАНУВА ИСТО |
МИНИМАЛНА ТЕЖИНА СО ВОЗАЧ | 900KG (АКУМУЛАТОР 385 КГ) | +20 КГ (АКУМУЛАТОР +65 КГ) |
МАКСИМАЛНА МОЌНОСТ | 250KW, ЕДНАКВО НА 335 КС | +50KW, +67 КС |
ТРКАЧКИ ЛИМИТ | 200KW, ЕДНАКВО НА 270BHP | +20KW, +30 КС |
РЕГЕНЕРАЦИЈА НА МОЌ | 250KW | +100KW |
МАКСИМАЛНА БРЗИНА | 280KM/H | +55KM/H |
ЗАБРЗУВАЊЕ | 0-100KM/H | -2.8S |