ИМАЈЌИ ПРЕДВИД ДЕКА ШЕСТАТА СЕЗОНА ВО ФОРМУЛА Е СТАРТУВАШЕ МИНАТАТА 2019 ГОДИНА, А БЕШЕ ПРЕКИНАТА ПОРАДИ КОРОНА-ВИРУСОТ ПО САМО НЕКОЛКУ ТРКИ, ОВА ПРВЕНСТВО БЕШЕ ЕДНО ОД НАЈПОГОДЕНИТЕ И ЕДВАЈ ЗАВРШИ СО ОДРЖУВАЊЕ НА ШЕСТ ТРКИ ВО БЕРЛИН ЗА ПЕРИОД ОД САМО ДЕВЕТ ДЕНА, НО ИЗГЛЕДИТЕ ЗА 2021 ГОДИНА СЕ ПОДОБРИ ОТКОЛКУ ШТО СЕ ОЧЕКУВА.
Во декември 2019 година, светската автомобилистичка федерација ФИА донесе одлука да одобри трките од Формула Е од седмата сезона да се нарекуваат светско првенство, откако беше задоволна од она како се развиваше оваа тркачка серија што започна во 2014/15 и како напредуваше технологијата која им дава енергија на овие тркачки конструкции. Со воведување на „Генерацијата 2“ на болидите кои почнаа да се користат во петтата сезона, возена во 2018 и 2019 година, спортот доби во атрактивност, а и болидите во перформанси, а следуваше и промена во изгледот.
Сегашната генерација на болиди е со должина од 5.160 метри, но додека висината е иста (вклучувајќи ја и подигнатоста над површината), ширината е намалена на 1.770 метри. Задржано е истото меѓуоскино растојание од 3,1 метар додека и предната и задната оска се минимално проширени (25 односно 13 милиметри). Сепак, главната разлика е во зголемувањето на моќноста за 50 киловати и во регенерацијата на енергијата од 150 на 250 киловати. Со тоа се добија перформанси како што е крајна брзина од 280 километри на час, или 55 км/ч повеќе од порано, а забрзувањето од 0-100 км/ч е за 2,8 секунди! Во оваа насока беше дозволата за зголемување на минималната тежина на болидите, која порасна од 880 на 900 килограми, но притоа беше редефинирана тежината на акумулаторот кој сега има „одобрение“ да биде 65 килограми потежок, а со тоа и да има поголем капацитет.
Следната промена беше планирана за осмата сезона, но поради пандемијата од Ковид-19 се помести за деветтата сезона, која треба да се случи во 2022/23 година, а треба да донесе дополнителен напредок од уште 100 киловати, односно 350 киловати моќност во квалификациите, а 300 киловати во трка, со регенерација од 600 киловати (250 на предна оска и 350 киловати од задната оска). Тендерот за изработка на акумулаторите кои ќе ги опслужуваат болидите од Генерација 3 го доби одделот за напредни решенија на Ф1 екипата Вилијамс, а тие ќе треба да имаат својство да користат „флеш полнење“ од 600 киловати наместо стандардното од 80 киловати, технологија што ќе ја обезбеди АББ.
Главна поента на новите правила ќе биде и намалување на тежината: целиот болид ќе треба да биде тежок 780 килограми, заедно со возачот и акумулаторот, односно 120 килограми помалку од сега! Притоа, најголемиот дел од тоа треба да биде остварено со намалување на тежината на акумулаторот, кој ќе треба да „ослабне“ од 385 на 285 килограми. Системот за брзо напојување може да ги врати во игра и влегувањата во бокс, а со тоа и да се овозможи трките да траат подолго. Снабдувањето со пневматици, што досега го правеше Мишелин, од воведување на „Генерација 3“ ќе започне да го прави Ханкук.
Независната проценка на одредени медиуми е дека ова ниво на перформанси ќе биде над нивото што го имаат болидите на Формула 3, со отприлика 470 коњски сили максимална моќност, но сепак нема да биде на нивото на Формула 2. Тоа јасно става до знаење дека четвртата генерација на болиди, која ќе дојде по 2025 година, ќе мора да го подигне дополнително нивото на Формула Е, како таа би станала навистина пандан на најбрзото светско автомобилистичко првенство, познато како Формула 1.
Но, да се вратиме на плановите за седмата сезона: ФИА реши засега да ги закаже само првите четири трки, а потоа да го надградува календарот како што тоа беше случај со Формула 1 оваа сезона. Познато е дека новата сезона ќе започне во Сантијаго (Чиле) со две трки кои ќе се возат на 16 и 17 јануари. Притоа, нема да биде дозволено присуство на публика, со цел властите на оваа земја да не стравуваат од евентуален „бран“ поради големото групирање на луѓето.
Третата и четвртата рунда ќе се возат во Саудиска Арабија, каде што трките се закажани за 26 и 27 февруари. Засега интенцијата е на овие трки да биде одобрено присуство на публика, но конечната одлука ќе биде донесена непосредно пред гран при викендот. Според соопштението на ФИА, се разгледуваат можности за одржување на трки во Мексико и Кина, со цел да се има што е можно повеќе интернационални трки, но пред сè мора да има гаранции за здравјето и безбедноста на учесниците и на навивачите.
Најавено е дека следниот сет на трки ќе биде потврден на почетокот од 2021 година, што би значело некаде пред почетокот на сезоната во Сантијаго. Секоја надградба на календарот, ќе мора да помине низ Светскиот совет за моторспорт на ФИА.
Можна ли е трка во Лисабон? Меѓу шпекулациите кои не се потврдени, се заговара и трка во Португалија, низ улиците на Лисабон, нешто што ќе ги израдува навивачите на актуелниот шампион Антонио Феликс да Коста, кој на завршницата во Берлин ја обезбеди титулата во послед- ната шеста сезона пред Формула Е да стане официјално светско првенство. Сепак, „за утеха“ тој од претседателот на земјата, Марсело Ребело де Соусафор, доби орден за заслуги во спортот. За успехот на Антонио се огласи и тимскиот шеф на Ред Бул во Формула 1, Кристијан Хорнер, кој потсети дека овој возач е еден од многумината што излегле од младинскиот погон на нивната компанија. – Мислам дека е одлично тоа што голем број на возачи доби- ле шанса и направиле успех во други дисциплини, како што тоа претходно го стори Жан Ерик Верње со две титули во Формула Е, како и Себастијан Буеми кој оваа годна (повторно) славеше во трката „24 часа Ле Ман“. Ќе беше интересно да се види како ќе помине Антонио во Формула 1, (бидејќи Верње и Буеми добија шанси да извозат цели сезони, а тој само тестираше – заб. Авт.), но таква можност никогаш не се случи,- рече Хорнер, потсету- вајќи се дека на местото на Португалецот, седиштето во Торо Росо го добил Данил Квјат.