Светско првенство во Формула Е-ПРВИ СЕРИОЗНИ ПРОМЕНИ НА ПРАВИЛАТА

17/02/2022

ОСМАТА СЕЗОНА СТАРТУВА СО ТРКИТЕ ВО САУДИСКА АРАБИЈА, ОВОЈ ПАТ СО НОВ СИСТЕМ НА КВАЛИФИКАЦИИ

 

Светското првенство во Формула Е се подготвува за својата осма сезона која што ќе започне со трка под рефлектори на една од технички најпредизвикувачките патеки во годината, поточно низ улиците на градот Дирија во Саудиска Арабија. Сезоната ќе започне со две трки возени во два дена, на кои што ќе учествуваат единаесет тимови и дваесет и два возачи. По разните прекини кои што оставија печат, а се должеа на откажувањето на трките поради пандемијата, оваа година Формула Е планира да го има најбогатиот календар досега, особено откако светската автомобилистичка федерација ФИА од лани ја призна како официјално светско првенство.

Можеби Мерцедес не ја освои титулата со Луис Хамилтон во Формула 1, но затоа Ник Де Вриес им ги донесе шампионските почести во Формула Е, при што германскиот тим успеа да ја освои и конструкторската круна. Покрај Ник Де Вриес како главни фаворити за висок пласман се сметаат возачите од екипата на Јагуар, Мич Еванс и Сем Бирд, заедно со Жан Ерик Верње и Антонио Феликс да Коста во тимот на ДС Течита кои претходните години освоија неколку шампионски трофеи. За разлика од овие две екипи кои што и лани беа во врвот и немаат промени во својот состав, тимот на Пенске се засили со Антонио Џовинаци, кој помина четири сезони во Формула 1 заедно со Кими Раиконен, но од оваа сезона доби ангажман во ова светско првенство.

Меѓу најсуштествените промени на правилата спаѓа ревидираниот систем на квалификации, кој што беше многу критикуван во минатото бидејќи на оние што беа водечки во генералниот пласман им правеше неприлики со дефиницијата дека тие мора да излезат први на патеката при отворањето на квалификациската сесија. Со новиот квалификациски формат, возачите ќе бидат поделени во две групи од по 11 учесници, а ќе имаат на располагање сесија од 10 минути. Најбрзите четири од секоја група ќе го дефинираат конечниот стартен поредок со „нокаут“ елиминациски дуели, кои ќе бидат претставени како четвртфинале (А1 : Б4, А2 : Б3, А3 : Б2, А4: Б1) и полуфинале (на една страна победниците од трките каде што се А1 и А2, наспроти победниците од трките каде што се Б1 и Б2). Победникот во финалето ќе ја добие пол позицијата, финалистот ќе биде втор, поразените полуфиналисти на 3 и 4 место, а поразените четвртфиналисти од 5 до 8 место. Ако возачот на пол позиција е од Групата 1, непарните позиции од 9 до 21 се пополнуваат со возачи од таа група, а во спротивно со оние од Група 2.

Со правилата е дефинирано дека времето на една трка може да биде продолжено за 10 минути доколку се случи несреќа на патеката која што ќе ја предизвика излегување на возило за безбедност или друг систем за предострожно возење. Трките се планирани да траат 45 минути плус еден круг. Што се однесува до болидите, тие би требало да бидат најбрзи од сите досега бидејќи ќе имаат моќност на електромоторите од 220 киловати, што е десет проценти повеќе од моќноста што ја имаа во минатата седма сезона. Користењето на таканаречениот „атак мод“, ќе значи дека болидите во тој момент ќе имаат моќност од 250 киловати наспроти 235 киловати видени во претходната сезона.

 

МАСЕРАТИ ВЛЕГУВА ВО ФОРМУЛА Е

Во 2023 година ќе дебитираат болидите од таканаречената генерација три што значи дека болидите ќе станат уште помоќни и побрзи. За разлика од најавеното повлекување на БМВ и Ауди, нови производители на автомобили ќе се приклучат кон ова светско првенство. Ваквите планови прв ги објави италијанскиот конструктор Масерати, којшто најави дека це- лата гама на нивни автомобили ќе биде дос- тапна, исто така, и во комплетна електрична конфигурација.

 

КАЛЕНДАР ЗА 2022 ГОДИНА

28 јануари ГМ Саудиска Арабија, Дирија
29 јануари ГМ Саудиска Арабија, Дирија
12 февруари ГМ Мексико, Мексико Сити
9 април ГМ Италија, Рим
9 април ГМ Италија, Рим
30 април ГМ Монако, Монте Карло
14 мај ГМ Монако, Монте Карло
15 мај ГМ Германија, Берлин
4 јуни ГМ Индонезија, Џакарта
2 јули ГМ Канада, Ванкувер
16 јули ГМ САД, Њујорк
17 јули ГМ САД, Њујорк
30 јули ГМ Велика Британија, Лондон
31 јули ГМ Велика Британија, Лондон
13 август ГМ Јужна Кореја, Сеул
14 август ГМ Јужна Кореја, Сеул

 

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.