Светско првенство во Формула Е-ЈАГУАР СЕ ВОЗДИГНА ВО БРАЗИЛСКАТА УРБАНА ЏУНГЛА

13/04/2023

ЛАНСКИОТ ПРЕТЕНДЕНТ ЗА ТИТУЛАТА, МИЧ ЕВАНС, ИМ СЕ ВРАТИ НА ПОБЕДИТЕ ВО ФОРМУЛА Е ОТКАКО ВО ФИНИШОТ НА БРАЗИЛСКОТО ГРАН ПРИ ГО ДОБИ ДУЕЛОТ СО НИК КАСИДИ

 

Првата трка на Формула Е во „урбаната џунгла“ на мултимилионскиот бразилски мегалополис, Сао Паоло, му донесе голема радост на минатогодишниот кандидат за титулата, Мич Еванс. Исто како и шампионот Стофел Вандорн, тој имаше тежок почеток на 2023 година, но овој триумф му дава надеж дека има шанса да се врати „во игра“ за трофеите. Победата на Еванс беше забележана под голем притисок од страна на Ник Касиди, кој во финишот на трката му се доближи на возачот на Јагуар, по што болидите речиси во текот на целиот последен круг беа „еден до друг“, а воедно и третопласираниот Сем Бирд, исто така, со Јагуар ја комплетираше „тројката“ задоцнувајќи само половина секунда.

 

Стартот на трката не ветуваше ваков расплет, бидејќи освојувачот на пол позицијата Стофел Вандорн, ја поведе колоната и направи комфорно водство, додека зад него се одвиваше дуелот на Антонио Феликс да Коста и Мич Еванс. Драматиката беше содржана во трите „скршени носа“ на тројца различни возачи во различни инциденти, но сите тие мораа во бокс веќе на крајот од првиот круг. Еванс и Коста се сменија во водство меѓу петтиот и седмиот круг, додавајќи заплет во приказната, но веднаш потоа португалскиот возач имаше уште неколку загубени позиции, па така Еванс и Касиди се најдоа зад лидерот.

Природата на бразилската патека беше изразена во долги правци, на кои возачите преферираа да возат во заветрина и да штедат енергија на стартот, што подоцна беше коментирано од страна на Вандорн.

Се обидував да ги пропуштам ривалите тие да го преземат водството и ја дигав ногата од педалот за гас порано од што треба, но тоа го правеа и сите останати. Да водиш на ваква патека е своевидна казна и да правиш дупка во воздухот. Во одредени моменти возачите кои го пуштаа педалот доаѓаа паралелно со мене, па беше опасно, рече Вандорн.

Имајќи предвид колку круга беше во водство, Стофел извози одлична трка и беше „ветрокршач“ за сите нас. Не сум сигурен дали ми се допаѓа ова, на некој начин е кул, но навистина провоцира и нешто што е премногу. На другите трки можеби е океј, но овде е премногу,- потврди Коста. Поради инцидентот на Саша Фернандез беше аплицирано возилото за безбедност, по што колоната на болиди повторно беше формирана и претходните разлики и одвојувања на лидерите беа загубени. Рестартот му помогна на Коста да се врати во игра и повторно да дојде до второто место, но само два круга подоцна Ник Касиди се реши дека треба да прејде во напад и успеа да ги престигне сите пред него. Но, поради судирот на Ден Тиктум со Џејк Денис и Паскал Верлаин повторно беше повикано возилото за безбедност.

 

Не знам што можев јас да направам, не ми е јасно што мислеше тој. Ја видов снимката од он-борд камерата и ми изгледа како Тиктум да е во некој свој свет. Многу сум изнервиран од него. Ова ме повредува и мене и тимот бидејќи потрошивме цела недела во подготовки далеку од нашата база, работејќи во позадина, за некој едноставно да заборави да ги притисне сопирачките. Бесмислено е,- изјави Џејк Денис, кој е втор во генералниот пласман.

Болидот едноставно не запре. Бетонската подлога која беше поставена пред почетокот на гран при викендот е добра кога на неа има втриено гума, но ако не си на тркачката линија… Јас сопирав порано, се надевав дека ќе имам престигнувачки маневар, но болидот не застана. Сум немал такво искуство досега во кариерата. Се разбира дека го видов Џејк и му се извинив, тоа не беше мојот план, објасни Тиктум во своја одбрана. Во моментите по рестартот беше лиферуван податокот дека Вандорн има 3% помалку енергија од ривалите, по што тој почна да ја штеди онаа која ја имаше на располагање. Еванс изби на второ место, додека Верлаин кој беше во бокс успеа да се врати на четврто место, а неговиот тимски колега од Порше, Антонио Феликс да Коста, поради преширок влез во еден свиок изгуби неколку позиции и „се прости“ од шансите за победа.

Влезот во финишот беше маркиран од перформансите на возачите на Јагуар: најпрво Бирд направи неколку престигнувачки маневри за да стигне до третото место, а потоа Еванс почна да му прави притисок на Касиди, за конечно да го престигне во првиот свиок од 31 круг. Чувајќи ја енергијата ривалот се обидуваше само да го следи лидерот во заветрина, за конечно да нападне во последниот круг, но тој маневар не беше успешен.

 

Зад водечката Еванс, Касиди и Бирд, на крајот сепак Коста дојде до четвртото место, додека двата возачи на ДС Пенске, Верње и Вандорн, се најдоа на петтото и шестото место.

И покрај тоа што финишираше како седми, Паскал Верлаин останува лидер во генералниот поредок со 86 бода, додека четири возачи зад него се речиси изедначени во бодовите. Џејк Денис кој победи на првата трка и беше два пати втор, по инцидентот во Бразил остана на 62 бода, а сега Ник Касиди му се доближи со 61, по што следува Жан Ерик Верње со 60 и Антонио Феликс да Коста со 58. Возачот на Јагуар, Сем Бирд е зад нив на шестото место со 44 бода, предводејќи нова група на возачи со слични поени, во која е и победникот од оваа трка, Мич Еванс, на деветто место со 39 бода.

Формула Е доаѓа во Европа со две трки во Берлин на крајот од април и една во Монако на почетокот од мај, по што треба да уследи турнеја на Далечниот Исток со одамна планираните „двојни“ трки во Сеул и Џакарта, кои не можеа да се организираат за време на пандемијата од Ковид-19. Досега се извозени шест од планираните 17 трки, но со претходно набројаната серија (вкупно седум трки на четири локации), ситуацијата на табелата ќе биде многу појасна во поглед на профилирање на новите кандидати за шампионските почести.

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.