СО КОМПЛЕТИРАЊЕТО НА ШЕСТ ТРКИ ОД ШАМПИОНАТОТ, ОНИЕ СО НАЈГОЛЕМА КОНЗИСТЕНТНОСТ СЕ ИЗДВОИЈА И КАКО ГЛАВНИ ФАВОРИТИ ЗА ТИТУЛАТА
По невообичаената двомесечна пауза, Формула Е продолжи со реализација на трките предвидени со календарот. Очигледно, Саудиска Арабија и Мексико беа доволни за загревање, но по избивањето на пандемијата со Ковид-19 некои трки станаа невозможни за организација поради разните прописи и протоколи кои ги лимитираат патувањата, па така публиката веќе и ќе заборави дека трките на Формула Е се возеа во Јужна Кореја и Кина, на пример. Дополнително, трката во Ванкувер, Канада која беше планирана за оваа сезона, е поместена за 2023 година. Европскиот дел од календарот започна со двете трки во Рим, а уште на првата прес конференција водечкиот во генералниот пласман, Едоардо Мортара од Вентури, ја допре оваа тема, која е болна точка на сите организатори во овие времиња.
Мене ми делуваше како пауза меѓу две сезони, бидејќи трката во Мексико беше пред речиси два месеци. Не мирував два месеци, најпрвин бев болен веднаш по Мексико, но сега сум среќен дека сме во Рим и го правим она што го сакам. Се надевам дека ќе можеме да останеме конкурентни како што бевме во првите викенди. Трките нудат поголемо задоволство кога се бориш на врвот. Мислам дека не е најважно дали ќе останеме водечки во генералниот пласман, поважно е да бидеме конкурентни и да продолжиме да освојуваме добри резултати и поени. Дури на крајот на првенството ќе видиме каде сме, рече швајцарскиот возач. Мортара победи на втората трка во Дирија, Саудиска Арабија, а беше меѓу фаворитите и во Мексико, но таму се случи блесокот на Порше и „еден-два“ победата на Верлен и Лотерер. Поради ваквиот пресврт, сите очекувања во Италија беа токму насочени кон тоа дали ќе уследи доминација од страна на германскиот тим, или, пак, во игра ќе се вратат некои претходни победници, како Ник де Врис и Стофел Вандорн, кои му донесоа „еден-два“ на Мерцедес во првата трка сезонава.
Тренинзите започнаа со најбрзо време од Мортара (1:40.022), пред Мич Еванс од Јагуар и Ник де Врис од Мерцедес, но веќе на втората сесија, резултатите беа унапредени за цела секунда и најбрзи беа други тројца возачи: Жан Ерик Верње (1:39.082) пред Паскал Верлен од Порше и Сем Бирд од Јагуар. Следуваа квалификациите според ново воведениот систем кој предвидува директни дуели како полуфинале и финале по првичното традиционално возење во група. Ова им овозможи на возачите на Мерцедес да влезат во завршницата со двата болида меѓу најбрзите четири, а на крајот и Стофел Вандорн да се најде на пол позицијата. Робин Фријнс од Вирџин беше втор, пред Ник де Врис од Мерцедес.
Но, трката покажа сосема друга верзија на приказната и во неа победи Мич Еванс, кој стартуваше од деветтото место! На стартот поради излетувањето на Максимилијан Гинтер беше аплицирано возило за безбедност, но Еванс успеа да ја престигне возачката двојка на Порше, а во рестартот „му се закачи“ на Џејк Денис. Нивниот дуел траеше повеќе од пет круга, но кога му се доближија на Антонио Феликс да Коста, Еванс искористи момент кога Џејк Денис беше „во сендвич“ и направи контакт со болидот пред себе (за што заработи и казна). Пред него беше водечката четворка од квалификациите (Вандорн, Фријнс, де Вријс и Верње), па најпрво поради пад во перформансите на ривалите стигна до трето место. Тогаш се случи и промена на врвот, Фријнс го престигна Вандорн за првото место, по што Еванс со внимателно активирање на расположливата енергија успеа да ги престигне еден по еден и на направи предност од седум секунди, додека тие продолжија со двобојот зад неговиот грб. На крајот Фријнс беше втор, Вандорн трет, додека од четврто место натаму се најдоа Верње, Бирд, да Коста, Мортара и Верлен.
Веќе следниот ден донесе нова трка во Рим, која започна со „покажување заби“ од Верње во тренинзите, а потоа и со освојувањето на пол-позицијата. На ова „кумуваше“ расплетот од претходните квалификациски дуевниманието со освојување на пол позицијата пред Верлен, Верње и Вандорн. Но, во трката, Еванс не успеа да ја исконтролира потрошувачката на енергија како во претходните случаи и се жалеше на преголемо трошење, па ривалите го чекаа моментот кога тој ќе мора самиот да го „отпушти“ педалот за гас. Верлен имаше комфорно водство во средишницата по што уследи застанување поради дефект, но тогаш Вандорн го забрза ритамот и ја користеше заштедената енергија, па на крајот успеа да ги помине ривалите и да ја однесе победата.
Имам победа тука во 2015 година со ГП2, но во Формула Е не ми одеше од рака. Оваа година имав добар пласман во квалификациите, и знаев дека ова ќе биде долга трка, во која треба да се чека шансата. Еванс и Паскал не се одвоија на стартот, а јас успеав да заштедам енергија. Тоа ми помогна, особено откако го преземав водството и почнав да правам предност. Вториот „атакмод“ го искористив токму за да ја зголемам разлик.
Со ова Вандорн изби и на првото место во генералниот пласман, каде што има 81 поен, пред Верње со 75. Двократниот победник од Рим, Мич Еванс, исто така, е во „високото друштво“ со 72 бода, додека конзистентниот Робин Фријнс има само еден поен помалку.
До крајот на сезоната се предвидени уште 10 трки, кои треба да доведат до прогласување на новиот шампион во средината на август.
НИСАН ГО ОТКУПИ ТИМОТ ВО ФОРМУЛА Е
Јапонската фабрика Нисан се обврза кон Формула Е со прифаќање на правилата што ќе ја регулираат „Генерација 3“ во следните години на трките со болиди на електричен погон.
Откако пред само два месеца беше лиферувана веста дека поранешниот Ф1 возач, Шарл Пик, го презема белгискиот тим ДАМС, сега е објавен договорот со кој ДАМС му продава на Нисан дел од својот тим, поточно оној дел што ги подготвува болидите за настап во Формула Е. ДАМС се натпреварува во Формула Е од 2014 година, при што најпрво ги бранеше боите на Рено, а потоа се „ребрендираше“ и го претставува Нисан. Нивен најголем успех беше второто место во сезоната 2018/2019 година. Нашата соработка беше одлична од почеток и соработувавме за да постигнеме големи успеси минативе три-четири години. Решивме да инвестираме во „Генерација 3“ и да имаме целосна контрола во секој домен. Овој проект е интегрален дел на Нисан. Од инвестициска гледна точка ние сме сосема подготвени да го направиме овој чекор. Одделот за истражување и развој останува во Франција, но ние веќе испративме многу инженери од Јапонија да работат таму на овој проект. Сега, двете страни работат заедно за идентична цел и да си го пренесат знаењето и умеењето,- изјави Ашвани Гупта, извршен директор на Нисан. Медиумските написи најавуваат дека со овој чекор Нисан ќе ги преземе и работите за конструкцијата на болидот, што досега било извршувано од трета надворешна страна. Исто така, наскоро се очекува потврдување и на уште едно преземање, откако Мерцедес најави дека се повлекува од Формула Е, а купец најверојатно ќе биде приватниот тим Абт Моторспорт, кој во минатото го водеше проектот на Ауди во Формула Е. |