Светско првенство во Формула-ДАЛИ ФОРМУЛА Е ЌЕ МОРА ДА СЕ ВОЗИ НА АВТОДРОМИ?

18/04/2022

КОНЦЕПТОТ НА ТРКИ СО БОЛИДИ КОИ 100% ОД СВОЈАТА СНАГА ЈА ЦРПАТ ОД ЕНЕРГИЈАТА ШТО ИМ Е СКЛАДИРАНА ВО АКУМУЛАТОРИТЕ ДОСЕГА ДОЗВОЛУВАШЕ ТРКИ НИЗ ГРАДСКИТЕ УЛИЦИ ИЛИ ДРУГИ ПАТЕКИ, КАДЕ ШТО ЈА ПРОПАГИРАШЕ СВОЈАТА „НУЛА ЕМИСИЈА НА ШТЕТНИ ГАСОВИ“. НО, БОЛИДИТЕ ОД ТРЕТАТА ГЕНЕРАЦИЈА НА ФОРМУЛА Е, ЌЕ СТАНАТ ПРЕМНОГУ БРЗИ!

 

Градските трки имаат неодминлив шмек бидејќи луѓето можат да ја следат тркачката акција од секаде! Монако како патека што има најдолга традиција на градска трка во историјата на Формула 1 ни има овозможено призори каде што луѓето се забавуваат на уникатен начин, капејќи се во својот базен лоциран на покривот, пиејќи шампањско на некој од балконите со добар поглед на трката, или едноставно уживајќи на забавите кои се организираат по големиот број јахти во марината, дојдени специјално за гран при викендот. Публиката едноставно има причина за повеќе уживање и следење на тркачката акција од блиску, нешто што не може да се преслика на автодромите, иако и тамошното гостопримство за корпоративните гости чини „суво злато“ и нуди ретко видени задоволства од кулинарскиот свет. Градски трки има и во пониските категории на натпреварување, па дури некои од нив се пандан на Монако и Ф1, како што тоа со традиција е Макао за дел од младинските серии, но безбедносните мерки се засилуваат, а сето тоа ја оневозможува досегашната „декаденција“ и разгаленост на публиката.

Формула Е имаше поинаква мисија кога се организираше низ улиците на Лондон, Париз и Њујорк, но со развојот на технологијата, се развија и перформансите. Третата генерација на болиди во Формула Е се очекува да биде втората најбрза автомобилистичка серија, зад Формула 1, бидејќи перформансите ќе ја надминат Формула 2 (поранешна ГП2), а која е се вози речиси исклучиво на автодроми.

Со новите правила, капацитетот на акумулаторите ќе биде 350 киловати (еквивалент на 470 коњски сили), а првичните прогнози велат дека времињата за еден круг ќе опаднат за пет до седум секунди, споредено со актуелните болиди на Формула Е. Се очекува крајната брзина да надмине 320 километри на час. Дури и извршниот директор на натпреварувањето, Џејмс Ригли, призна дека со одредени промотери веќе разговараат за нови локации. Се очекува прва на удар да биде трката во Париз, која досега се возеше на патека чија што должина беше само 1,93 километри долга.

Болидите од Генерација 3 ќе бидат побрзи и ќе има повеќе шанси за престигнување. Јасно е дека некои патеки ќе имаат тешкотија да се приспособат на новите подобрувања, како што е забрзувањето. Често се спомнува патеката во Париз, каде што има многу свиоци од 90 степени, што е типични за уличните патеки. Разговараме со луѓето, ние сè уште сакаме да имаме трки таму. Тоа се нашите планови и за 2023 и за понатаму, изјавил Ригли како одговор на новинарско прашање.

Ригли го посочил и веќе видениот пример каде што Формула Е во минатото користела скратена верзија од патеката во Монако, но од почетокот на болидите кои се таканаречена „Генерација 2“ промотерите дозволија трката да се одвива на истата патека како и за Формула 1.

Таквата транзиција ни донесе особено атрактивна трка, со 65 престигнувања и шест промени во водството. Тоа е она што очекуваме да се случи со болидите од „Генерација 3“, но дополнително и да се постигнат времиња за еден круг што се пет, шест или седум секунди побрзи во еден круг. Во соработка со ФИА ќе евалуираме кои патеки се безбедни и можат да овозможат возбудливи трки.

Дел од промотерите сами ја потенцираат подготвеноста за да ги акомидираат новите болиди од 2023 година.

Сè што можеме да направиме за да биде попредизвикувачко и повозбудливо, ќе ни биде задоволство да го направиме. Ние ќе се обидеме да понудиме сè, па и нешто ново, доколку мора да се менува должината на патеката. Нашата цел е трката тука да биде нешто специјално. Многу е важно да ги направиме трките возбудливи, ние сакаме да ги имаме најдобрите трки, гласи изјавата на Принцот Калид бин Султан ал-Фаисал, кој е претседател на авто-мото федерацијата на Саудиска Арабија.

Веќе на 28 април во Монако е закажана промоција на болидите од „Генерација 3“. Од друга страна, во веста за приклучувањето на Јужна Африка во календарот на првенството за идната година, исто така, може да се насети определбата за иднината.

Електричните возила ќе го најдат својот пат тркајќи се покрај некои од најфамозните локации во Кејптаун, како што е Грин Поинт и Вотерфронт, се вели во соопштението.

Со заминувањето на Ауди, БМВ и Мерцедес, се зголемија грижите дали Формула Е ќе продолжи да ги интересира големите светски производители, или тие сметаат дека она што го научија досега во „подвижната лабораторија“ ќе им биде доволно за блиската иднина. За 2023 година потврдени се Масерати, Нисан, ДС автомобили, Јагуар, Махиндра и Порше, како и кинеската компанија НИО 333.

Болидите од „Генерација 3“ ќе направат од трките низ градските улици уште поголема драма и возбудлива акција, правејќи во исто време голем скок на полето на електричната мобилност. Ќе има нов стандард на перформанси и ефикасност што ќе биде доказ за иноватиовниот развој на електричните возила од страна на производителите кои се инволвирани во трките, вели Ригли, што меѓу редови ја најавува определбата Формула Е да остане на улиците, а не на автодромите. Трките се прават за публика, а таа живее во големите метрополи и не мора да оди на далечни дестинации за да ја види акцијата одблиску. Концептот на Формула Е ќе остане уникатен, барем за уште некое време, бидејќи со доближувањето на Формула 1, двете серии ќе си конкурираат и ќе започнат да си пречат една на друга. На овој начин, тоа нема да се случи набрзо, што му годи на спектаклот.

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.