Светско првенство во Формула 1-ЅВЕЗДЕНАТА ПРАШИНА ОД ФЕРСТЕПЕН ЗАВРШИ ВО ЛИЦЕТО НА ХАМИЛТОН

30/12/2021

РОДЕНА Е НОВА ЅВЕЗДА! МАКС ФЕРСТАПЕН СТИГНА ДО ПРВАТА ШАМПИОНСКА ТИТУЛА ВО ФОРМУЛА 1, А НЕГОВИОТ ПРОБИВ ВО НЕБЕСНИТЕ ВИСОЧИНИ НА ВЕЧНОСТА БЕШЕ ПРОСЛЕДЕН СО ЕКСПЛОЗИЈА НА ПОПЛАКИ

 

По 10 месеци тркање насекаде по планетата Земја, „хороскопот“ сакаше титулата да биде одлучена во последниот круг од гран при викендот во Абу Даби. Сезоната беше исполнета со многу тензични дуели, два големи судири меѓу Хамилтон и Ферстапен во Силверстоун и Монца, уште низа други збиднувања кои имаа влијание на конечниот редослед, но тежината на последниот момент го направи своето.

Главниот човек задолжен за спроведувањето на регуларноста од страна на ФИА, Мајкл Маси, дозволи рестарт на трката која се спроведуваше во услови со безбедносно возило на патеката поради излетувањето на Николас Латифи.

Правилата налагаа за рестарт најпрво да им се дозволи на оние болиди кои се веќе заобиколени за цел круг, да излезат пред возилото за безбедност и да одат напред со идеја да стигнат на опашката од колоната, а водечките да останат сами. Во такви услови се брише претходната разлика меѓу два болида, а Хамилтон беше десетина секунди пред Ферстапен. Во Мерцедес проценија дека трката нема услови да биде рестартирана на време и не го повикаа возачот во бокс, па Хамилтон како водечки се најде зад возилото за безбедност. Наспроти ова, Ферстапен влезе кај механичарите, монтираше нови меки и свежи гуми, и се построи зад ривалот. Од вкупно осум болиди кои требаше да го престигнат возилото за безбедност, тоа успеаја да го направат само оние кои беа меѓу првите двајца.

Мајкл Маси свесно даде зелено светло за рестарт, со идеја прашањето за титулата да се реши на патеката, бидејќи во спротивно ќе завршеа возејќи зад безбедносното возило, и спектаклот ќе изостанеше. На овој начин, Ферстапен со леснотија го престигна Хамилтон и со победа стигна до шампионската титула. Тоа не им се допадна на челниците на Мерцедес и тие вложија протест, но стјуардите ги одбија, по што најавија и судска разврска преку Вишиот апелациски суд на ФИА.

 

Сепак, неколку дена подоцна, а точно на денот на церемонијата на доделување на наградите, Мерцедес ја повлече жалбата. Во соопштението издадено во име на тимот, но без потпис или наведување на име, стои дека си заминале од тркачката патека со неверица, иако поразот е составен дел од трките.

Заедно со Луис се обидовме да одговориме внимателно на настаните од финалето во Формула 1. Отсекогаш сме се воделе од љубовта кон спортот и веруваме дека секое натпреварување треба да биде заслужено освоено. Како што се одвиваа настаните, многумина почувствуваа (а и ние бевме меѓу нив), дека нештата не се развија правилно. Причината зошто вложивме протест е бидејќи правилата за безбедносното возило беа применети на поинаков начин од досега виденото, а тоа влијаеше на конечниот резултат, се вели во првиот дел од соопштението на Мерцедес АМГ.

Таквата жалба до стјуардите требала да биде во интерес на фер плејот и сите натпреварувачи да ги знаат правила под кои настапуваат.

ФИА именуваше комисија за да согледа што се случило во Абу Даби, а со идеја да ги зацврсти правилата, при што ги покани и тимовите да учествуваат.

Ние активно ќе соработуваме со комисијата за да изградиме подобра Формула 1, за секој тим и за секој навивач што го сака овој спорт како и ние. Ќе ја сметаме ФИА за одговорна во овој процес и поради тоа ја повлекуваме нашата жалба, се вели на крајот.

Иако името на Тото Волф од крајот на трката во Абу Даби не беше веќе споменато, а тимскиот шеф не беше потпишан ниту на ова соопштение, циркулираат гласини дека истото можеби е под притисок од централата. Таквиот впечаток е засилен и со бурната реакција на Сузи Волф, поранешен возач, а сега сопруга на Тото Волф и тимски шеф на Вентури Мерцедес во Формула Е.

Влегувајќи во последниот тркачки викенд верував дека и двата тима и двајцата возачи заслужија да станат шампиони. Требаше да биде спектакл, трка за историја, сите се надевавме дека ќе нема контроверзи. Тоа не се случи. Она што бидна е сè уште тешко да се прифати. Тоа не е бидејќи загубивме, Макс и Ред Бул заслужија да победат и ние знаевме дека има шанса да бидеме поразени, но начинот на кој Луис беше ограбен ме остави со длабока внатрешна неверица, пишува Сузи Волф. Таа целата вина ја свали врз грбот на техничкиот делегат на ФИА, Мајкл Маси, кој „спровел правило на начин на кој што никогаш претходно не било спроведено“.

Луис Хамилтон, ти покажа неверојатен интегритет и дигнитет и покрај неправдата. Ти си најголемиот на сите времиња. Расплетот на последните кругови во неделата? Тие што знаат, си знаат, дури и оние кои што не можат да си признаат сами на себе. Честитки за Макс, но честитки и за секој член на Мерцедес АМГ за рекордната осма шампионска титула. Се надевам дека до март следната година ќе има владејачко тело со спортски интегритет и фер плеј во својата суштина, за да можам повторно да се вљубам во Формула 1, поентира сопругата на Тото.

Одговорот стигна од официјалната говорница каде што Ферстапен ја доби титулата, а каде што Тото Волф и Луис Хамилтон не се појавија.

Светски шампион, звучи многу добро. Испив неколку пијачки во неделата вечерта и се разбудив во понеделник попладне некаде околу 2 часот. Имав голема болка во главата и сфатив дека сум станал светски првак. Сега, потребен ми е одмор, ова беше исцрпувачка сезона. Можам да сфатам дека Хамилтон е разочаран, од трката минаа само неколку дена. Но, треба да се знае дека ова е тркање и вакви работи се случуваат. Треба да погледне на сè она што го има остварено во кариерата, тоа сигурно ќе му даде голема утеха. Не верувам дека ќе се повлече, тој и натаму сака да ја освои осмата титула и сигурно ќе биде конкурентен и наредната година. Не гледам причина зошто би ставил крај на кариерата. Не го сожалувам, но сфаќам дека е болно да се загуби титулата на таков начин. Но, и тој освои титула на таков начин, во последниот круг. Првите денови нема да биде задоволен, но ќе ја сфати ситуацијата,  изјавил Ферстапен. На свеченоста на ФИА, конструкторската шампионска титула во име на Мерцедес ќе ја подигне Џејмс Алисон.

Од друга страна, јавноста виде и слушна две различни лица од Луис Хамилтон. Откако бил престигнат и не успеа да го возврати ударот, на Хамилтон му стана јасно дека ќе заврши втор, по што огорчено им се обратил на луѓето во Мерцедес преку радио врска.

Ова беше изманипулирано,  рече огорчениот Хамилтон преку радио врската, но тој момент не се слушна во директниот пренос, односно излезе на виделина во следните денови.

Надвор од болидот, Луис му честиташе на својот ривал и „се одјави“ со достоинствена порака.

Прво честитки за Макс и неговиот тим. Мислам дека направивме неверојатна работа оваа година, мојот тим, сите во тимот, сите мажи и жени, работевме напорно цела година. Ова беше тешка сезона. Горд сум на нив, благодарен што беа со мене на ова патување. Дадовме сè од себе, не се откажавме, тоа е најважно. Се чувствував одлично во болидот во изминатите месеци, особено при крајот. Сè уште сме во пандемија, внимавајте, на сите им посакувам среќни празници. Се гледаме следната година!

 

 

ХАКИНЕН НЕ САКА ФИНИШ СО БЕЗБЕДНОСНО ВОЗИЛО

Двократниот шампион Мика Хакинен, во неговата последна колумна за медиумите смета дека директорот на трката не погрешил со одлуката да им дозволи на Макс Ферстапен и Луис Хамилтон да имаат уште еден натпреварувачки круг во завршницата, потенцирајќи го и квалитетот на двајцата возачи кои според него се вистински шампиони.

Неверојатно е што најдолгата сезона на Светското првенство во Формула 1 беше решена во последната трка. Тешко е да се објасни што се случуваше во неделата и сигурен сум дека е ова е момент за кој фановите ќе зборуваат уште долго. Мислам дека ќе беше полошо ако трката завршеше со безбедносно возило, тоа ќе беше негативна реклама за првенството. Директорот на трката мора да балансира меѓу безбедноста и тркањето, а тоа е тешка задача, иако видовме дека стјуардите ги поддржаа неговите одлуки. Не верувам дека ќе има промени на резултатите, а Макс и Луис покажаа дека се големи шампиони и амбасадори на овој спорт.

 

ЖАН ТОД ЈАВНО ГО ПРАША ХАМИЛТОН, ДАЛИ МАКС БЕШЕ СРЕЌКО?

Претседателот на ФИА, Жан Тод, на свечената церемонија и доделувањето на пехарите упати јавна критики до оние кои сметаат дека моментот во Абу Даби треба да се набљудува како изолиран пример.

Макс имаше среќа во Абу Даби, тоа е точно. Но, дали имаше среќа и на Силверстоун? Дали имаше среќа во Баку и Унгарија? Макс победи на десет трки и тоа е важно, посебно што против себе имаше голем шампион како Луис Хамилтон и импресивен болид на Мерцедес. Од друга страна, Мерцедес сигурно заслужува поголеми признанија за оваа сезона, но и самата осма конструкторска титула по ред е неверојатен успех. Најдобар тим беше Мерцедес, а најдобар возач Макс и на тој начин треба да ја заокружиме сезоната,  изјави Тод.

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.