МАКС ФЕРСТАПЕН И РЕД БУЛ ЈА ПРОДОЛЖИЈА НЕВЕРОЈАТНАТА НИЗА НА УСПЕСИ СОБОРУВАЈЌИ ЕДЕН ОД НАЈСТАРИТЕ РЕКОРДИ ВО СПОРТОТ
Со нова „еден-два“ победа во Белгија, на патеката Спа Франкоршамп, возачите на Ред Бул стигнаа до 12 триумфи во низа и на тој начин го подобрија остварувањето од 1988 година, кога Аиртон Сена и Ален Прост освоија 11 трки за Мекларен Хонда. Ова беше петта „еден-два“ победа за Ред Бул оваа година, при што и лани на оваа патека имаа идентичен пласман. Иако резултатите од претходните трки наговестуваа дека „биковите“ се главни фаворити, сепак постоеја надежи дека сето ова нема да „оди како подмачкано“.
Претходната трка за Големата награда на Унгарија донесе пол позиција за Луис Хамилтон и Мерцедес, кои од трка во трка бележат напредок, особено по усвојувањето на новите пневматици на Пирели од трката во Силверстоун. Објаснето е дека станува збор за промени во конструкцијата на гумите за суво време, кои се должат на зголемените перформанси на болидите, но сепак додека Ред Бул и Мерцедес се снаоѓаат добро, во исто време Астон Мартин почна да заостанува зад ривалите. Дополнително, актуелниот светски шампион Макс Ферстапен за трката во Белгија доби казна од пет места поназад на стартот, поради надминувањето на дозволениот број на промена на делови за трансмисијата на болидот. Таа казна беше валидна само за главната трка, но не и за спринт трката која се одржа во саботата. Така, уште еднаш се покажа дека синиот болид е премногу брз во однос на другите, па Ферстапен без особени проблеми ги однесе победите и во двата настана. Најголема закана беше дождот во квалификациите, па Оскар Пјастри од Мекларен успеа да направи изненадување, за Ферстапен сепак да го собори неговото време и да се етаблира како лидер во последните секунди. Поради лошите временски услови, стартот на спринт трката доцнеше еден час, па поради тоа, кога конечно појдоа, возачите мораа да бидат предводени од безбедносното возило во првите неколку круга. Сите излегоа на патеката со гуми за дожд, но откако ситуација почна да се менува, најголем дел од возачите влегоа да менуваат, со исклучок на Макс Ферстапен. Ова му овозможи на Оскар Пјастри да избие на првото место и за првпат во кариерата да води на една трка во Формула 1, но сепак тоа не траеше долго. Откако излезе од бокс, Ферстапен беше една и пол секунда зад Пјастри, по што следеше излетување на Фернандо Алонсо, поради кое имаше ново безбедносно возило на патеката. Расчистувањето на инцидентот значеше и продолжување на спринтот, по што Макс без многу проблеми го мина Пјастри, за осигурување на победа на Спа. Ова е втора победа за Ферстапен на спринт трките оваа сезона, додека Пјастри го оствари најголемиот резултат и само потврди дека Мекларен сериозно напредуваше во последно време. Трет низ целта мина Пјер Гасли од Алпин, а иако Луис Хамилтон заврши четврти, на крајот беше казнет со пет секунди поради инцидентот со Чеко Перез и назадуваше три позиции (7-ми). Од друга страна, Перез не ја заврши спринт трката и мораше да се повлече, а четвртото место на Хамилтон го зазема Карлос Саинц. Пред него на крајот завршуваат и Леклер и Норис, а зад него меѓу првите десет сè уште Расел, Окон и Рикиардо. Во главната трка, Ферстапен ја потврди својата шампионска класа триумфирајќи пред тимскиот колега Серхио „Чеко“ Перез, додека Шарл Леклер го освои третото место. Во првата десетка беа уште Хамилтон (возејќи најбрз круг), Алонсо, Расел, Норис, Окон, Сторл и Цунода. За потполната доминација говори и фактот дека возачот на Ред Бул преку радио врската им понуди на своите инженери да направат еден дополнителен пит-стоп, па наместо да ги чува пневматиците да му дозволат да вози побрзо.
РИКИАРДО СЕ ВРАТИ ВО КОКПИТОТ!
Формула 1 тимот АлфаТаури реши да направи промена во возачкиот состав и да го замени Ник де Врис со многу поискусен колега Даниел Рикиардо. Промената се случи за време на гран ри викендот во Будимпешта, по само 10 извозени трки од 2023 година. Искусниот Даниел Рикиардо, кој ја започна кариерата во сестринскиот тим Ред Бул, во меѓувреме возеше за Рено и Мекларен, пред да се врати во „старото јато“. Де Врис дојде како шампион од Формула Е, но сепак потфрли со резултатите од почетокот на сезоната и беше еден од само двајцата возачи кои немаа освоено поен. Во првите два настапа и Рикиардо се соочи со квалификациски позиции на 13 и 19 место, како и финиш без бодови на 13 и 16 место. |
Можам да притиснам и да направиме уште еден пит стоп? Ајде да направиме еден пит-стоп тренинг, предложи актуелниот шампион преку радио комуникацијата. Неговото барање беше одбиено. Од друга страна, тимскиот колега Перез по триумфот во Азербејџа на 30 април не покажува мотивација да се бори за врвот со Ферстапен, што провоцираше нова изјава од Луис Хамилтон на оваа тема. Седумкратниот светски првак смета дека Ферстапен не би имал лесна задача, кога би имал истболид како неговиот, што јасно алудира на тоа дека возачот на Мерцедес сè уште се чувствува доволно силно за да го предизвика најдобриот во израмнети услови на патеката.
Во овој момент невозможно е да се победи Ред Бул. Тоа ќе се случи само ако се откажат од некоја трка. По круг се побрзи за 0,8 секунди, а понекогаш и за секунда. Тоа е актуелната реалност во Формула 1, не можам да направам ништо околу тоа. Секако дека сакам да бидам брз како нив и сакам таков болид. Да бев во болидот на Чеко, на Макс немаше да му биде лесно како досега, но во животот не е сè така како што посакувате, рече Хамилтон, кој на Хунгароринг ја освои рекордната 104. пол позиција. Ферстапен и Перез се лидери на табелата со 314 и 189 бода, додека зад нив ветераните Алонсо и Хамилтон имаат „дуел“ за третото место, па на летната пауза заминаа со резултат 149:148. Во нивна близина се Леклер и Расел со по 99 бода, како и Карлос Саинц со 92 поена. Продолжението на сезоната е закажано со последните две трки на европско тло, во Холандија и Италија, по што следуваат трките на Блискиот и Далечниот Исток, како и оние во САД и Јужна Америка. По откажувањето на трката за Големата награда на Емилиа Ромања во Имола поради поплава, како и минатогодишното укинување на трката за Големата награда на Русија, за 2023 година остануваат да се возат уште десет трки до крајот на сезоната.