РЕД БУЛ Е НОЌЕН КОШМАР ЗА ФЕРАРИ, ОТКАКО УСПЕА ДА ВРЗЕ ЧЕТИРИ ПОБЕДИ ВО НИЗА И ДА ГИ ПРЕЗЕМЕ ДВЕТЕ ПРВИ МЕСТА НА ТАБЕЛИТЕ КАЈ ВОЗАЧИТЕ И КОНСТРУКТОРИТЕ
Откако славеше во Имола и Мајами, Макс Ферстапен ја продолжи серијата со нова победа во Барселона, и тоа во најболното сценарио што можеше да биде замислено од страна на неговиот ривал во шампионатот Шарл Леклер, кој мораше да се откаже од трката поради дефект додека водеше во неа. Ваквиот расплет донесе до изедначување на позициите на табелата, за потоа „октанскиот циркус“ да стигне во престолнината на рулетот, Монте Карло. Иако по традиција на тесната патека не можат да се очекуваат престигнувања, а Шарл Леклер ја имаше пол позицијата, сепак, за возбудата се погрижија променливите временски услови.
Стартот беше поместуван во неколку наврати, за трката да започне по еден час од предвиденото и да се одвива зад возилото за безбедност. Кога конечно се чинеше дека трката доби своја физиономија со сите возачи на гуми за силен дожд, Леклер водеше со пет секунди по 15 круга, а патеката почна да се суши, па Перез и Ред Бул преземаа ризик да стават интермедија пневматици, додека Ферари имаше збунувачка конверзација дали да сочека уште и да одат на варијанта со гуми за суво.
Перформансите на Перез наскоро се покажаа доволно убедливи дека неговиот избор е вистински, па правејќи седум секунди предност во еден круг тој успеа да го преземе водството. Со натамошното сушење на асфалтот беше за очекување дека набрзо ќе има уште еден пит стоп, во кој Ферари уште еднаш направи „виц“ повикувајќи го Леклер кога влезот во бокс беше забранет. По ставањето на гуми за суво, токму пред да се случи инцидент на патеката во кој беше „преполовен“ болидот на Мик Шумахер, редоследот беше Перез, Саинц, Ферстапен и Леклер. Откако беше истакнато црвено знаме за прекин, возачите влегоа во бокс и можеа да сметаат на мирен финиш поради временските услови кои се нормализираа. Понекогаш се случуваат грешки, но генерално овој пат имаше премногу грешки. Како и претходните години, оваа трка покажува колку е тешка, па се навикнувам да си одам дома разочаран, но ние не можеме да правиме така, особено поради моментот во кој се наоѓаме. За несреќа, сè беше против нас! Тоа е животот и ќе мора да се вратиме посилни, изјави Леклер.
Продолжението на трката беше оптоварено со временски лимит, бидејќи едно гран при не смее да трае повеќе од два часа поради ТВ преносите. На тој начин, наместо предвидените 78 се извозеа вкупно 64. Иако првата четворка беше хомогена по структурата, немаше обиди за престигнување и промена на позициите. Перез прв ја мина целта и со тоа стигна до трета победа во кариерата. Иако Мексиканецот го доби трофејот на победничкиот пиедестал, беше лиферувана информација дека Ферари бара појаснување за прекршоците кои возачите на Ред Бул ги направиле при излегување од боксот со нагазување на линијата. Овој пат стјуардите се определија да не изречат казни, иако во минатото имало таква пракса.
Во суштина, дури и најблагата казна да беше аплицирана, од типот додавање на пет секунди на конечното време, Перез ќе ја загубеше победата бидејќи возачите беа еден зад друг во финишот. Сигурен сум дека ситуациите како оваа ќе нè направат посилни. Дополнително, станавме свесни дека да се биде конкурентен е една работа, а да се победи е дополнителна задача. Едноставно, тоа е на друго ниво по тежина. Сметам дека одиме напред како тим, учиме и веројатно ќе ни треба малку повеќе време. Секако дека е разочарување кога го имате најбрзиот болид, ја освојувате пол позицијата, а не победувате во трката. Она што се случи во Шпанија беше комплетно поинакво искуство, бидејќи имавме проблеми со издржливоста додека бевме водечки во трката. Во овој случај имаше околности кои го направија нашиот живот покомплициран. Но ние не се покажавме најдобро со проценката и носењето на одлуките, па затоа ова е разочарување на крајот од денот, рече од своја страна Матија Биното, тимски шеф на Ферари. Победата на Перез беше воедно и доказ дека Ред Бул во овој дел на сезоната не применува тимски наредби и не го форсира Ферстапен, за што претходно имаше предупредувачка изјава од Перез. Првиот човек на англискиот тим, Кристијан Хорнер, повикувајќи се на добрите стратешки одлуки на инженерите во Ред Бул, го пофали Перез дека отсекогаш во кариерата добро се снаоѓал во вакви услови и на вакви патеки.
За нас не е важно кој возач ќе биде светски шампион. Се разбира, титулата во конкуренција на конструктори е со огромно значење. Двајцата возачи имаат иста шанса. Сезоната е долга, навистина долга, и ќе има успони и падови. Добро е да се знае дека обајцата се на врвот. Чеко е во најдобрата форма на својата кариера, завршува одлична работа. И тоа не е само еднаш, го видовме тоа кога ја освои пол позицијата во Саудиска Арабија. За нас е фантастично што тој е во таа форма и потребна ни е соработка меѓу нив. Ферари има побрзо возило, особено во квалификациите. Во трките има многу непознати, но тие се сериозни ривали. Мора да работиме тимски за да успееме да имаме двајца наши возачи пред нивните, елаборираше Хорнер.
Иако сите медиуми му отстапија место на победникот за негова изјава, многу поголема тежина имаат зборовите на неговиот тимски колега Макс Ферстапен кој, исто така, го потенцираше тимското заедништво. Навистина работиме добро како тим и не гледам зошто тоа би требало да се промени. Секогаш се обидуваме да го оптимизираме возилото и да работиме за тимот, а тоа значи да прифатиме кога некој ќе заврши подобра работа. Сметам дека на тој начин покажуваме почит еден кон друг. На крај треба да победи подобриот, нели? Ние сме тука да го дадеме најдоброто од себе на патеката, но во ист момент да се почитуваме и да освоиме што е можно повеќе поени за тимот, додаде Ферстапен.
На крајот од гран при викендот беше соопштено дека Перез ќе добие и продолжување на договорот со Ред Бул, што додава тежина на целиот настан. Во продолжение на првенството следуваат трките во Азербејџан и Канада (двете во јуни), по што ќе има уште четири гран при викенди пред летната пауза. Ферстапен е водечки на табелата со 125 бода, Леклер има 116, но Перез му се доближи на 110. Џорџ Расел со 84 и Карлос Саинц со 83 се веднаш зад нив. Ред Бул има 235 бода, а Ферари со 199 сега е на второто место, пред Мерцедес со 134 и Мекларен со 59 поени.