ЛУИС ХАМИЛТОН УСПЕА ДА СТИГНЕ ДО ПОБЕДА ВО ТРКАТА ЗА ГОЛЕМАТА НАГРАДА НА ТУРЦИЈА ИАКО ВО ЦЕЛИОТ ГРАН ПРИ ВИКЕНД ИГРАШЕ „САМО“ ЕПИЗОДНА УЛОГА.
Луис Хамилтон имаше кошмарен почеток на гран при викендот, за време на враќањето на Формула 1 во Истанбул за првата Голема награда на Турција по пауза од девет години, но во финишот на трката успеа да се трансформира во победник, а со тоа и да ја потврди седмата шампионска титула.
Макс Ферстапен заедно со Александар Албон покажаа вонсериски перформанси доминирајќи во сите тренинзи во Истанбул, додека Хамилтон беше најгласен во критиките за новата асфалтна подлога која правеше пневматиците на Пирели да не можат да остварат добар контакт, па болидот на Мерцедес не можеше да го покаже потенцијалот. Саботните квалификации донесоа уште поголем „хорор“ бидејќи се случи „поплава“ па целата сесија беше стопирана за речиси цел час. Во услови додека патеката се сушеше и условите за возење се менуваа, Ферстапен и Албон повторно започнаа како лидери, но во финалната трета сесија беа изненадени од пилотите на Рејсинг Поинт. Ланс Строл ја освои пол-позицијата станувајќи првиот Канаѓанец по Жак Вилнев од 1997 година со такво постигнување, а Серхио Перез дојде до третото место, раздвојувајќи ги пилотите на Ред Бул.
На овој начин беше исценирана феноменална приказна за стартот на трката, во кој повторно пилотите тргнаа на влажна подлога, при што сите употребија гуми со најсилна дождлива спецификација, освен двата болида на Вилијамс кои стартуваа од гаражата со интермедија. Се очекуваше дека патеката целосно ќе се исуши, па возачите постепено се префрлуваа на интермедија, но кога чукна часот за префрлување на гуми за суво, половина од патеката сè уште беше опасно влажна и почнаа проблемите. Строл на таков начин го загуби водството, и два пати ги менуваше интермедија гумите, како и пилотите на Ред Бул. За разлика од нив, оние кои останаа на првиот интермедија сет и имаа мошне изабени гуми кои и покрај профилот изгледаа целосно мазни во финишот – ја добија трката.
Имено, Хамилтон до 34 круг не беше меѓу првите тројца, возејќи најголем дел како шести, но кога ривалите по втор пат влегоа во бокс, тој го презема водството од Перез и создаде недостижна предност, а беше следен само од Мексиканецот. Во голема драма која се одигра во последниот круг, Шарл Леклер го нападна Перез за второто место, но притоа не успеа да го искронтролира болидот, па беше престигнат од Перез и Фетел кој му го „украде“ третото место. Пласман до десеттото место и поени обезбедија и Саинц, Ферстапен, Албон, Норис, Строл и Рикардо.
Седмата титула за Хамилтон значи негово израмнување со рекордерот Михаел Шумахер, додека зад нив останува Хуан Мануел Фанџо со пет Ф1 трофеи. Возејќи кон боксот, гледачите на ТВ преност го слушнаа неговиот емотивен момент кога низ солзи радосници им порача на младите да веруваат во себе и во своите соништа. Видно возбуден тој уште долго не можеше да излезе од сребрениот болид, по што му пристапи четирикратниот првак Себастијан Фетел и му честиташе на постигнувањето.
– Сведочиме како правиш историја човеку,- беа зборовите на Германецот кои се слушнаа во ТВ преносот.
Подоцна, тој ги повтори комплиментите и на официјалната прес конференција.
– Хамилтон уште еднаш докажа дека е најдобар во оваа ера, во тоа веќе нема сомнеж. Тешко е да го споредувате со Фанџо, тоа нема логика. Секоја ера има свои пилоти, а Хамилтон е најбрз и најдобар во нашата. За мене Михаел Шумахер е специјален, но Хамилтон на крајот оствари подобри резултати од него. Бројките го велат тоа, Хамилтон го заслужува сето ова, – нагласи Германецот.
Старо-новиот првак, на крајот се почувствува прозван да даде одговор на сите кои велат дека неговиот доминантен болид му ги овозможил сите успеси, со што побара повеќе почит за неговото дело во мото спортот.
– Би сакал да има повеќе комплицирани трки како оваа последната во Турција, во тешки услови како што возевме. Колку повеќе пати има такви трки, толку повеќе ќе можам да докажам за што сум способен. Заслужувам повеќе респект, ова беше многу тежок викенд во кој не зависиш од болидот. Има уште еден одличен пилот кој вози ист болид како мојот и очигледно не остварува исти резултати како мене. Слушам интересни коментари од големи пилоти од минатото. Секако дека ви е потребен добар тим и одличен болид, никој нема освоено Ф1 титула на друг начин,- рече Хамилтон.
За да го илустрира својот став, тој даде и еден пример од минатото.
– Не беше сè така лесно во мојот пат. Кога бев дел од картинг трките возев стар болид „од петта рака,“ со срање мотор! Во мојата прва сезона, момчето кое победуваше, имаше одлични мотори кои ги правеше таткото на Џенсон Батон.
Кога тоа момче отиде ниво погоре, се сеќавам дека мојот татко мораше да направи нова хипотека на нашиот дом, за да ми купи таков мотор од 2.500 фунти. Кога го ставија во мојот картинг, постојано бев напред. Во овој спорт секогаш е потребен добар материјал, но исто така, многу е важно да знаете како да го користите, како што покажав јас во Турција, – додаде Британецот.
До крајот на сезоната има уште три трки, од кои две во Бахреин (со менување на конфигурацијата на патеката) и финалето во Абу Даби закажано за 13 декември.
Саудиска Арабија влегува во Формула 1 Саудиска Арабија ќе стане 33-та земја која ќе биде домаќин на една Ф1 трка, откако одговорните луѓе денеска и официјално ја додадоа патеката во Џеда во предлог – календарот за следната натпреварувачка сезона во 2021-ва година. Станува збор за уште една улична трка во 3,5 милионски град во Саудиска Арабија, а планот на Формула 1 е гран при викендот да се одвива во вечерни услови за дополнително збогатување на спетаклот.
– Планот е најдобрите светски возачи во Формула 1 да имаат битка во улиците низ градот во спектакуларна трка која ќе се вози навечер. Трката ќе се вози во Џеда крај брегот на Црвеното Море, со што ќе се обезбеди зачудувачка крајбрежна позадина за целосен викенд на уживање во мотоспортот во вториот град по големина во Саудиска Арабија,- објавија од менаџментот на првенството.
Фетел го откри рецептот на Ферари Чудесниот резултат со освојување на третото и четвртото место од страна на црвените болиди на трката во Турција воедно е најдобриот пласман за тимот од Маранело во 2020 година. Себастијан Фетел, користејќи го отсуството на тимскиот шеф Матија Биното, направи шега на сметка на лидерот.
– Освоивме повеќе бодови од било која трка, а Матија не е тука. Ако следниот пат не освоиме волку бодови, после тоа повторно ќе го оставиме да седи дома,- заклучи Германецот.