Светско првенство во Формула 1-САИНЦ ЈА ПРЕКИНА НИЗАТА, ФЕРСТЕПЕН ЗАПОЧНА НОВА

04/10/2023

СО ПОБЕДАТА ВО СИНГАПУР, ВОЗАЧОТ НА ФЕРАРИ СТАВИ ТОЧКА НА РЕКОРДНАТА НИЗА ОД ПОБЕДИ ШТО ЈА НАПРАВИЈА ВОЗАЧИТЕ НА РЕД БУЛ, КОЈА БРОЕШЕ 15 ГРАН-ПРИ ПОБЕДИ

 

Во низата на Ред Бул, последните 10 победи беа на име на Макс Ферстапен. Расплетот во Сингапур значеше дека на последните 26 трки ова е само втор пат победничкиот возач да не биде од тимот на „црвените бикови“. Во Бразил 2022 славеше Џорџ Расел, а претходно во сезоната Ферари имаше четири победи (три за Леклер и една за Саинц).

Проблемите на Ферари беа видливи и минатата година, па резултираа и со повлекување на Матија Биното како тимски шеф, односно со доаѓање на Фредерик Васер, но проблемите со болидот останаа. На квалификациите во Сингапур, делуваше како болидите да ги замениле местата: Ферари функционираше беспрекорно, додека Ред Бул се мачеше со управливоста.
Кога немаш идеален сет ап, гумите ги чувствуваш дека се лоши, а ништо не функционира како што треба,- рече Кристијан Хорнер, тимски шеф на Ред Бул, адресирајќи ги проблемите околу штелувањето на болидот за градските булевари на Синагпур.

Шарл Леклер ја потврди добрата форма на Ферари позиционирајќи се на помалку од една десеттинка зад Саинц, но Џорџ Расел со болидот на Мерцедес се вмеша меѓу нив двајцата и внесе возбуда во трката.

Чувствував дека ја имам контролата во трката. Да бидам искрен, секогаш си под притисок, но имав простор да можам да погледнам зад себе, но имав и брз болид. Кога си под притисок, правиш различни грешки, но чувствував дека ја имам контролата. Добро се справивме со ситуацијата и на крајот ја освоивме победата. Знаев дека ќе имаме долга делница со тврдите гуми и дека мора да го задржам Џорџ зад мене. Морав да го натерам да забави, за да нема опција да изненади со медиум пневматици или при возило за безбедност. Тоа ни успеа до перфекција,- објасни Саинц.

Триумфот во Сингапур беше второ вакво искуство во кариерата на Карлос Саинц, кој своето првенче го прослави минатата година на британското гран-при. Оваа сезона, Саинц немаше ниту еден финиш на подиумот, се до неодамнешната трка во Монца.

Ова е четврта победа за Ферари на трките во Сингапур, додека за Ландо Норис му го донесе на Мекларен првиот подиум трофеј од Сингапур по пауза од 11 години.
Во пресрет на Големата награда на Јапонија, статистичарите објавија дека пред оваа трка Ферстапен никогаш претходно не водел на патеката Сузука при суви временски околности, а овој пат метеоролозите точно предвидоа дека нема да има дожд.

Сепак, прекинот на успешната низа на Ред Бул, донел голема мотивација за холандскиот возач. Ова го откри Кристијан Хорнер по трката, кога на прес конференцијата за медиумите им раскажа на акредитираните новинари дека ги знаел намерите за „реванш“ уште од самиот почеток на гран при викендот во Сузука.

Спортувавме заедно со Макс во средата и тој уште тогаш ми кажа дека сака да победи во трката со предност од 20 секунди пред второпласираниот. А реално, тој дојде на 7 десеттинки од секундата да ја оствари таа цел. Уште од неговиот прв круг на слободните тренинзи се виде дека е 1,8 секунди побрз од останатите иако имаше тврди гуми, а тие беа на медиум или меки. Тоа беше исклучително достигнување. Неговиот последен круг во квалификациите мора да биде запишан во историјата како еден од најдобрите на сите времиња. А потоа успеа пол позицијата да ја претвори во победа иако немаше идеален старт, но сепак беше во можност да го задржи водството, а потоа да направи предност и да ја контролира трката, – раскажа Хорнер.
Според самиот пилот, клучен бил стартот на трката, кога од двете страни беше нападнат од возачите на Мекларен, кои во квалификациите беа најбрзи од останатите.

Се разбира, беше тесно на стартот низ првите два свиоци, но потоа мојот болид беше мошне добар за возење. Во ретровизорот видов дека Оскар ми се доближува од десната страна, додека Ландо надоаѓаше од левата страна и се обидов да им го затворам приодот. Додека го правев тоа со Оскар, Ландо ми се приближи и јас веќе немав каде да одам. Се обидов да продолжам право и за среќа ништо не се случи. Бевме навистина близу, но такви се трките, така е на стартот. Имавме дуел низ првиот и вториот свиок, но ми се чини дека имав малку среќа и имав подобар контакт со асфалтот во вториот, бидејќи бев на нормалната линија за разлика од нив што се обидуваа од надворешна страна. – вели во својата изјава победникот Ферстапен.

Алудирајќи на трката од 1990 година, кога на стартот се судрија првите двајца возачи во Сузука (Аиртон Сена и Ален Прост), Ландо Норис по квалификациите изјави дека за него како третопласиран реприза на таквиот настан би било најсоодветно сценарио.

Мене ми изгледаше дека сум во перфектна позиција да го повторам славниот инцидент на Сена и Прост. Навистина бев во буквално совршена ситуација за тоа. Забележав дека имам добар старт и бев возбуден со педалот за гас во моментите после стартот, но знаев дека не сум доволно блиску до Макс. Можев да го видам Ландо како доаѓа од спротивната страна и прифаќањето на третото место во поредокот беше најбезбедната опција за мене во тој момент,- рече дебитантот Пјастри.
Најбрзиот круг во трката го имаше Ферстапен и тоа со време кое што беше цела секунда побрзо од кој било друг возач.

Со победата во Јапонија тимот Ред Бул ја осигура шеста конструкторска титула, но втора во низа. За Макс Ферстапен победата во Јапонија воедно значи дека по тринаесетти пат едноподруго успеал пол позицијата да ја конвертира во победа, со што го собори досегашниот рекорд во сопственост на Михаел Шумахер.

Со 35 последователни финиши во низа, Холанѓанецот се наоѓа на второто место на вечната листа, зад Хамилтон, кој има 48 финиши во трки.

Ландо Норис во Сингапур го забележа третиот пласман на подиумот оваа сезона, а со трофејот освоен во Јапонија, го изедначи својот најдобар досегашен резултат, 4 подиуми во 2021 година. За него ова е десетти финиш на подиумот во кариерата, а само уште четири возачи освоиле толку пласмани меѓу првите три, без притоа да стигнат до победата: Ник Хајдфелд, Штефан Јохансон, Крис Амон и Роман Грожан.

Оскар Пјастри го освои својот прв подиум финиш на оваа трка во Сузука, а четворица возачи во минатото, исто така, својот прв подиум го славеле на ова патека: Мика Хакинен, Роберто Морено, Агури Сузуки и Камуи Кобајаши. Пјастри е првиот возач по Ленс Строл во 2017 што се искачил на подиумот во својата дебитантска сезона.

Со новите бодови, Ферстапен дојде до точно 400 поена, додека Перез има 223 поени. Луис Хамилтон го презема третото место во генералниот пласман со 190, пред Алонсо со 174 и Саинц со 150. Кај конструкторите, Ред Бул има 623, но битката за позициите од второ до четврто место е отворена: Мерцедес има 305 поени, Ферари е трет со 285, додека Астон Мартин падна на четврто место со само 221 поен и ќе мора да се чува од Мекларен на петтата позиција кој има 172 поена.

До крајот на сезоната има уште шест трки, но поради големата предност, Макс Ферстапен би можел уште на првата (во Катар) да ја потврди третата шампионска титула.

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

АМСМ | Клуб мобилити
Privacy Overview

This website uses cookies so that we can provide you with the best user experience possible. Cookie information is stored in your browser and performs functions such as recognising you when you return to our website and helping our team to understand which sections of the website you find most interesting and useful.