Светско првенство во ФОРМУЛА 1-РЕЗУЛТАТИТЕ НЕПРОМЕНЕТИ, ТУРБУЛЕНЦИИТЕ НА МАКСИМУМ

14/03/2024

СТАРТОТ НА НОВАТА СЕЗОНА ВО ФОРМУЛА 1 НЕ ДОНЕСЕ НИШТО НОВО ОД АСПЕКТ НА РАСПОРЕДОТ НА СИЛИТЕ КОГА Е ВО ПРАШАЊЕ ДОМИНАЦИЈАТА НА ФЕРСТАПЕН И РЕД БУЛ, НО ЗАТОА ВО ПОЗАДИНА „БАБОТАТ“ ПОВЕЌЕ КУЛОАРСКИ СЕНЗАЦИИ

 

Стартот на новата сезона во Формула 1 не ветува големи возбудувања за неутралните фанови на авто спортот, бидејќи Макс Ферстапен уште еднаш демонстрираше страшна доминација и покажа дека и по зимската пауза не постои конкурент што може да го предизвика на дуел за победа во трките. Иако имаше забелешки за стабилноста на болидот за време на тренинзите, Макс и Ред Бул го пронајдоа вистински рецепт за триумф и стартуваа со победа на Големата награда на Бахреин. На тоа претходеше освојување на првото место во квалификациите со време 1:29.179, но всушност најбитниот факт е дека за Макс ова е 33. пол позиција во кариерата со што се израмни со Џим Кларк и Ален Прост. Доминацијата на Ред Бул беше потврдена и со перформансите кои ги прикажа Чеко Перез. Мексиканецот стартуваше како петти и брзо падна на шестото место, но откако успеа да се консолидира, почна лесно да ги минува ривалите и на крајот рутински заврши како втор.

Ферстапен беше далеку пред него со повеќе од 20 секунди предност, а денеска за место на подиумот се избори Карлос Саинц, кој ја доби битката со својот тимски колега Шарл Леклер, иако тој стартуваше како втор. Расел, Норис и Хамилтон се погрижија за британски поредок од петтото до седмото место, додека меѓу првите десет се најдоа уште Пјастри, Алонсо и Строл.

Надвор од трката јавноста беше фокусирана на две вести: истрагата против тимскиот шеф на Ред Бул, Кристијан Хорнер, како и трансферот на Хамилтон во Ферари за 2025 година. Додека за првиот случај во игра се многу шпкулации, втората вест прерасна во првокласна сензација за само неколку часа. Иако на почетокот од годината Ферари соопшти дека го продолжил договорот на Шарл Леклер, се очекуваше наскоро да биде потврдено дали Карлос Саинц ќе остане негов тимски колега. Наместо тоа, шпанските медиуми добиле информација која наводно потекнувала од таткото на возачот на Ферари, дека неговиот син ќе бара друг ангажман бидејќи Ферари преговара со Хамилтон.

Под притисок на спортските медиуми од Шпанија, Ферари и Хамилтон одлучиле набрзина да го официјализираат трансферот и тоа го објаснува фактот што имаше многумина зачудени и во Англија и во Италија.

Италијанскиот дневен весник „Коријере дела спорт“ наведува дека и Шарл Леклер бил разочаран од ваквиот расплет. Наводно, возачот на Монако има повеќегодишен договор со Ферари и првичниот план бил тој да биде лидер на проектот, нешто што сигурно ќе се промени по доаѓањето на големиот шампион од Британија.

ТАТКОТО НА МАКС МУ ПОРАЧА НА ХОРНЕР ДА СИ ЗАМИНЕ ОД РЕД БУЛ

Предводникот на Ред Бул беше под интерна истрага за непристојно однесување кон женски член на тимот, но на крајот не беше санкциониран, а викендов доби поддршка и од сопругата, поп-пејачката Гери Халивел, која пристигна во Бахреин за да биде во друштво на Хорнер. Дека случајот нема брзо да биде заборавен говори и изјавата на таткото на Макс, Јос Ферстапен кој побарал разделба на Ред Бул и актуелниот тимски шеф.

Постојано ќе има тензија додека тој е на функцијата. Тимот се става во опасност да се „распадне“, вака не смее да продолжи, бидејќи еден ден ситуацијата ќе експлодира. Хорнер изигрува жртва, иако тој го направи проблемот,  изјавил Ферстапен сениор за „Дејли Меил“ кој ја објави сторијата, но екипата демантираше и тврдеше дека во тимот постои единство. Бидејќи спорните пораки на Хорнер се појавија во медиуми, Ферстапен беше посочен како можен извор на истите, но тој одрече дека сторил такво дело.

Леклер е шокиран и разочаран од одлуката на Ферари, бидејќи не знаеше ништо од тоа што се случи. Од прв и недопирлив возач, сега може да биде само втор возач во тимот,  пишува „Кориере дело Спорт“. Леклер својот најдобар резултат во Ферари го имаше во 2022- ра година кога заврши втор во генералниот пласман, додека Ферари не знае за титула во Формула 1 од 2007-ма година кога последен пат со црвениот болид шампион стана Кими Раиконен.

Од друга страна, Шпанецот Саинц иако му ја донесе единствената победа на Ферари во 2023 година, допрва ќе соопшти каде ќе ја продолжи кариерата. Се чувствувам добро, ова беа интензивни две недели за мене и моето семејство, како и за сите во Маранело. Јас сум фокусиран на тоа што следи, на сезоната која претстои, а која е многу важна за Ферари. Знам како да се носам со притисокот и со стресот, невозможно е да немате стрес пред една трка како член на Ферари. Оваа година е најважна за мене во кариерата, особено кога влегувате во истата како возач на Ферари, изјавил Саинц.

Луис Хамилтон беше спонзориран од Мерцедес уште во младинските денови и преку таа конекција стигна до деби во Мекларен, а потоа и трансфер во фабричкиот тим на Мерцедес како заменик за Шумахер.

Имав неверојатни 11 години со овој тим и многу сум горд на она што го постигнавме заедно. Мерцедес е дел од мојот живот уште од мојата 13. година. Тоа е место каде што пораснав, така што донесувањето одлука да заминам беше една од најтешките одлуки што некогаш сум морал да ги донесам. Ама ова е вистинско време да го направам овој чекор и возбуден сум што преземам нов предизвик. Засекогаш ќе бидам благодарен за неверојатната поддршка на моето семејство Мерцедес, особено на Тото за неговото пријателство и лидерство и сакам заедно да завршиме на високо ниво. Јас сум 100 проценти посветен да го испорачам најдоброто што можам оваа сезона и да ја направам мојата последна година со Сребрените стрели, една за паметење, порача Хамилтон кој ја активираше клаузулата во договорот која му овозможи да си замине по 2024 година. И додека карванот на Формула 1 се сели во Саудиска Арабија, аферата со Кристијан Хорнер сè уште нема разрешница, а веќе е на повидок нова при што се шпекулира со името на претседателот на ФИА, кој наводно правел притисоци врз стјуардите за извесни тркачки одлуки.

До крајот на март Формула 1 ќе ја посети и Австралија, по што следат априлските трки во Јапонија и Кина, додека европскиот дел на сезоната почнува на 19 мај со трката во Имола, односно Големата награда на Емилија Ромања.

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

АМСМ | Клуб мобилити
Privacy Overview

This website uses cookies so that we can provide you with the best user experience possible. Cookie information is stored in your browser and performs functions such as recognising you when you return to our website and helping our team to understand which sections of the website you find most interesting and useful.