Светско првенство во ФОРМУЛА 1-РАНИ ТРАНСФЕРИ ЗА СКИЦИРАНА ИДНИНА

08/02/2024

ИАКО ЈАНУАРИ ВО ПОСЛЕДНИВЕ ГОДИНИ НЕ Е „ПРЕПЛАВЕН“ ОД ГЛАМУРОЗНИ ПРОМОЦИИ НА НОВИ БОЛИДИ, СЕПАК ДЕЛ ОД ТИМОВИТЕ ГО СВРТЕА ВНИМАНИЕТО СО ПРЕДВРЕМЕНО ОБНОВУВАЊЕ НА ДОГОВОРИТЕ СО СВОИТЕ ГЛАВНИ ВОЗАЧИ

 

Ферари го продолжи договорот со Шарл Леклер, а Мекларен исто така, соопшти дека нивниот возач Ландо Норис се обврзал на нов повеќегодишен договор со тимот. Со ваквите потези, овие двајца возачи (иако веќе имаа валидни договори), покажаа доверба кон своите матични екипи и верба во она што се работи. Но, има и друга страна на приказната.

До крајот на оваа сезона во многу тимови ќе мора да се решат прашањата за ангажман на возачите, па едноставно сега тие опции се помалку.

Факт е дека во Мерцедес сè уште вози Луис Хамилтон, кој по седум шампионски титули се етаблираше како еден од најуспешните возачи во овој спорт. Иако тој сè уште покажува висока класа на перформанси и мотивираност да продолжи, сепак фактот дека штотуку наполни 39 години, го приближува за некој чекор кон крајот на кариерата. Иако Мерцедес веќе го има Џорџ Расел, секој тим што има шампионски амбиции инсистира да има и силен втор возач.

Со други зборови, Расел не може да остане сам, кога и онака не е верификуван како „шампионски материјал“. Фернандо Алонсо, кој веќе има 43 години, покажа дека сè уште има квалитет за да биде во Формула 1, но и неговиот договор во Астон Мартин доаѓа пред истек.

Истовремено, во Ред Бул се бара наследник на Серхио Перез кој влегува во последната година од договорот. Имајќи ги предвид случките од минатата сезона, барем оние кои излегоа во јавност, а се однесуваа на неговите релации со топ менаџментот. Макс Ферстапен веќе присвои три шампионски титули, па местото во вториот болид на Ред Бул иако на хартија звучи како одлична понуда, во пракса никој не сака да биде „втора виолина“, макар и во шампионски тим.

Ландо Норис и претходно бил поврзуван со „биковите“, па овој пат неговата одлука да го продолжи договорот со Мекларен е јасен одговор на шпекулациите за неговата иднина, барем на кус рок. Во соопштението за овој настан тој го изрази оптимзмот за ваков чекор, кој се темели на тоа дека „никогаш не биле поблиску до победа“. Од неодамна, Мекларен го засили својот технички тим со Роб Маршал (од Ред Бул) и Давид Санчез (од Ферари).

Ферари иако го продолжи договорот со Леклер, сè уште го нема затворено прашањето за вториот возач, бидејќи на Карлос Саинц му истекува договорот на крајот од сезоната. Тимот од Маранело ќе биде присилен да реагира побрзо, бидејќи Саинц во црвениот болид покажа дека може да победува на трки и ќе биде баран на пазарот, особено што во друштвото се приклучува и новиот тим на Ауди од 2026 година.

Станува јасно дека освен новостите за новите болиди и нивните тестирања пред стартот на сезоната закажан за 2 март во Бахреин, ќе има уште една „жешка тема“ за која ќе следат повеќе новости.

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

АМСМ | Клуб мобилити
Privacy Overview

This website uses cookies so that we can provide you with the best user experience possible. Cookie information is stored in your browser and performs functions such as recognising you when you return to our website and helping our team to understand which sections of the website you find most interesting and useful.