СЕРХИО ПЕРЕЗ ГО ИСКОРИСТИ КАПАЦИТЕТОТ НА БОЛИДОТ ПОДГОТВЕН ОД ТИМОТ ЗА ДА ЗАБЕЛЕЖИ ДВЕ ПОБЕДИ ВО СПРИНТ-ТРКАТА И ГРАН ПРИ ТРКАТА ВО АЗЕРБЕЈЏАН, СО ШТО СЕ ЕТАБЛИРАШЕ КАКО КОНКУРЕНТ ВО БОРБАТА ЗА ТИТУЛАТА.
Доминацијата на Макс Ферстапен е делумно запрена, бидејќи неговиот тимски колега од Ред Бул, Серхио Перез, успеа да врзе две победи и да му се доближи во генералниот пласман на само шест бода, со што ја направи интересна борбата за титулата во возачка конкуренција. Мексиканецот и во минатото има изградено имиџ на возач што одлично се снаоѓа на уличните трки, па така минатата сезона, исто така, победи во Баку, но и на трката во Монте Карло. Бидејќи на овој гран при викенд беа возени и „спринт-трка“ од 100 километри и „гран при трка“ која е 300 километри, Перез очигледно имаше своја стратегија и на крајот успеа да ја реализира.
Меѓу нив двајца има шест поени разлика, а досега се извозени четири трки, значи и двајцата се конкурентни. И двајцата сакаат да победат, и тоа е она поради кое што се вработени од страна на тимот. На крајот се сведува на тоа што ќе направат на патеката. На денешната трка беа слободни да се тркаат, како и на сите трки оваа сезона. Тоа ќе остане така сè додека нема тимски интереси, како што е, на пример борба со некој друг тим, што е поголем интерес отколку возачкиот интерес.
Но, во моментот тие се слободни да се тркаат. Утрото пред трката ги потсетив дека од наша страна се слободни да се тркаат, но дека не сакаме реприза на она што се случи во 2018 година кога имаше инцидент. Мислам дека се предизвикуваа еден со друг колку што тоа беше возможно, но денеска имаше јасна разлика што ги делеше двајцата. Чеко дефинитивно го заслужува својот прекар „Крал на уличните патеки“, но имаше и среќа со аплицирањето на безбедносното возило. Направи разлика од четири, ја контролираше трката и ја искористи шансата да ја конвертира во победа. Тој го имаше Ферстапен зад себе и знаеше дека нема да биде лесно, но сепак успеа да направи разлика и ги заслужува сите пофалби, извози одлична трка, рече тимскиот шеф, Кристијан Хорнер.
Имајќи предвид дека другите возачи оваа година ниту ја имаат почувствувано сласта на победата, ниту имале шанси да се изборат за неа, ваквиот резултат ги прави возачите на Ред Бул главни фаворити за титулата во поединечна конкуренција.
Во моментов и двајцата се конкуренти за титулата. Постои мала разлика меѓу нив и остатокот од учесниците, но до крајот има 19 трки и уште пет спринт трки. Тоа значи дека ни престои многу работа, трки што ќе се возат на различни типови на патеки, значи и нивните разлики ќе одат горе и долу. Клучен фактор ќе биде издржливоста на болидот и ние во моментот сме фокусирани на градење континуитет со двајцата возачи. Кога ќе се вратиме во Европа, сигурен сум дека ќе има значителни надградби на болидите, додека ние имаме редуциран капацитет за развој оваа година, па затоа и нашиот фокус ќе биде да се обидеме да направиме разлика, додава Хорнер.
Од почетокот на сезоната како единствени кои покажуваат перформанси за борба со „таборот на биковите“, се наметнуваат возачите на Ферари, но црвените болиди најдобрите моменти ги имаат во квалификациите, додека во трките најчесто не успеваат да ја покажат истата брзина.
Мора да се грижиме за пневматиците бидејќи нашиот болид во спротивно ќе ги уништи и нема да може да ги вратиме во живот. Тоа има огромно влијание врз нашите перформанси. Сметам дека од гледна точка на менаџментот на гумите завршивме перфектна работа, но сè уште не сме доволно брзи. Дали заостануваме во првиот дел од трката или на крајот, нештата може да се сменат, но во моментот едноставно немаме доволно перформанси за тоа, изјави третопласираниот Леклер, кој во спринт трката го освои второто место.
Тимскиот шеф на Ферари, Фредерик Васер, во својата анализа укажа дека она што било видено во Баку, може да е под влијание и на стратешките надмудрувања околу изборот и спроведувањето на стратегиите.
Ако се гледа само последната етапа од трката, не сум сигурен дали Ред Бул планираше две застанувања бидејќи тие притискаа пеколно од почеток до крај. Но кога ние одлучивме дека ќе одиме со едно застанување и моравме да ги чуваме гумите во првиот дел, знаевме дека ќе имаме предност на крајот. Генерално, тие беа побрзи од нас, и ние не треба да се разочаруваме. За да разбереме дали разликата е од механичка или аеродинамична природа, тоа е посебна приказна. Во овој момент ние имаме проблем со конзистентноста и тоа е вистината овој викенд. Но како во еден круг, така и во текот на трката болидот беше мошне поконзистентен овој викенд и сметам дека одиме во вистинска насока вели Французинот.
Излегувањето на возилото за безбедност секогаш е момент кој може да влијае на стратегијата околу пневматиците, но во исто време и на намалување на разликите меѓу одредени возачи во колоната. Поради тоа, неколкумина од нив се најдоа „залепени“ еден зад друг, при што се покажа дека одлуката за скратување на ДРС зоната влијаела на намалувањето на бројот на престигнувања.
Ферари е само малку побрз од нас на правците. Дополнително тие беа брзи кога го користеа и задното ДРС крило и јас морав само да го следам Саинц низ средниот сектор. Тоа не беше лесно, но давав сè од себе. Возачот секогаш сака да има поголема моќност на моторот, но мислам дека имаше влијание и тоа што ДРС зоната беше покуса. Не знам зошто го направија тоа, затоа што во минатото тоа овозможуваше добри трки. Сега, додека го вклучиш задното крило, веќе е доцна, објасни Луис Хамилтон, а со ваквата констатација беше согласен и победникот Перез. Тимскиот шеф на Мерцедес, Тото Волф, испрати порака до челниците на Формула 1 дека треба да се анализира примерот од Баку за да не се случуваат „досадни трки“.
Денешната трка не беше трилер. Едноставно немаше престигнувања, дури и кога имаше големи разлики во ритамот. Не беше добра забава. Мора да го анализираме викендот кога имаме спринт формат, и што можеме да добиеме од тоа, но на крајот се сведува на тркачки натпревар. Потребни се дуели и во спринт трката видовме еден таков меѓу Расел и Ферстапен, но во главната трка немаше ниту еден. Дури и кога ќе се доближиш на две десеттини, беше тешко да се престигне, речиси невозможно, освен ако тој возач не направи грешка. Мора навистина да го разгледаме ова и да се потрудиме да избегнеме досадни трки во иднина, порача Волф.
Формула 1 „се сели“ во Мајами, пред да го стартува европскиот дел од сезоната во средината на мај со трките во Имола и Монте Карло. Ферстапен со 93 поени е лидер на табелата пред Перез со 87, по што следуваат Алонсо со 60 и Хамилтон со 48 поени. Ред Бул со 180 бода по четири трки веќе има значителна предност бидејќи Астон Мартин има 87, Мерцедес 76, а Ферари поради неконзистентноста во пласманите, само 62 бода.