ЖЕЛБИТЕ НА ГЛЕДАЧИТЕ ПРЕТОЧЕНИ ВО НОВИТЕ ПРАВИЛА НА ФИА МОЖАТ ДА СЕ ИЗГЛАГОЛАТ КАКО „ПОИЗЕДНАЧЕНИ ТРКИ СО ПОВЕЌЕ БОЛИДИ ВО КОНКУРЕНЦИЈА ЗА ПОБЕДА, ОДНОСНО СИТУАЦИИ ВО КОИ МНОГУМИНА ЌЕ МОЖАТ ДА ПРЕСТИГНУВААТ ЛЕСНО И ДА СОЗДАДАТ ДОБРО ШОУ“. ДАЛИ ЌЕ СЕ ПОСТИГНЕ ПОСАКУВАНОТО?
Прекројувањето на болидите во Формула 1 првенствено беше планирано за 2021 година, но по одложувањето на стартот на сезоната во 2020 година поради пандемијата од Ковид-19, инженерите добија дополнителна година за доработка на своите идеи. Конечно, на крајот на февруари, првата тренинг сесија во Барселона им овозможи на пилотите во Формула 1 да ги тестираат новите конструкции и да ги почувствуваат главните разлики.
Комплицираните аеродинамички решенија беа исфрлени со новите идеи за правилата, кои според многумина беа напишани така што не оставаа простор за двојни толкување или „наоѓање дупка“ во регулативата. Без странични крила, едноставно предно крило, спуштено задно крило, болидите наликуваат на своите претходници од пред 40 години. Од друга страна, има и нови пневматици кои од досегашните бандажи со 13 инчи ќе свртат нов лист во историјата и ќе се преориентираат на 18 инчи, како порелевантна технологија на современите конструкции. Првиот тест во Барселона донесе неколку позитивни најави дека поизедначени трки со поголем број возачи во потера за победата е возможна мисија, но на крајот од денот – првите места и најбрзите времиња им припаднаа на досегашните владетели: Мерцедес и Ред Бул. Сепак, подлабоката анализа укажува дека има простор за оптимизам. Најбрзото време е поставено со најмеките гуми, а дел од возачите не успеаја да дојдат до моментот да „тренираат квалификации“.
Поголемиот дел беа фокусирани на поминување што е можно повеќе километри, акумулирање на податоци за однесувањето на болидите, со цел на следните тестирања и трки да имаат сознанија за нивно подобро штелување. Така на пример, и најдоброто време постигнато од Ферари е со тврди гуми, а разликата до она најбрзото е половина секунда. Имајќи предвид дека сепак е ова само прво возење, треба да се антиципира дека промени и изненадувања се можни, но првите впечатоци на возачите се генерално добри за очекувањата на публиката. Но, една од првите посочени карактеристики на новите конструкции е – тежината. Со новите правила, минималната тежина е определена на 795 килограми, а во 2008 година (пред воведувањето на КЕРС и акумулаторите за дополнителната енергија), таа изнесуваше 200 килограми помалку!
Болидите се секогаш забавни, но ги паметам деновите кога тие беа значително полесни. Мислам дека тоа е единствената маана – тежината. Се чувствува како да се претешки, рече Себастијан Фетел, поранешен четирикратен шампион. Со исклучок на тежината, зимските тестирања беа уживанција. Болидот е комплетно нов, па мора да го приспособиш својот возачки стил, беше интересно да се испробаат различни нешта, изјави Шарл Леклер, кој беше одушевен од новиот болид на Ферари.
Мислам дека со волку тешки болиди, како и со помал воздушен потисок поради новите правила, очекував многу полош болид, или барем потежок за возење. Но, засега се чувствува мошне добро балансиран,открива Даниел Ри- киардо за болидот на Мекларен. Од гледна точка на перформансите, се очекува да нема проблеми во смисла на тоа дека болидите ќе станат побавни и неинтересни. Напротив, со новата аеродинамика на брзите делници болидите се како „залепени“ за асфалтот и тоа ветува дека нема да има загуба во брзината.
Во смисла на перформансите, не сме далеку од лани. Ако се има предвид развојот што ќе уследи по стартот на сезоната, мислам дека ќе дојдеме до слични перформанси, гласи мислењето на Пјер Гасли.
Мислам дека сите се побрзи од она што очекуваа да бидат, можеби и четири секунди по круг. Перформансите при високите брзини се слични со оние што ги имавме лани, посочи Џорџ Расел.
При големи брзини чувството е убаво. Залепен си за земја и возилото продуцира повеќе воздушен потисок, мошне поконзистентно. Затоа е и убаво за возење,дополнува Карлос Саинц.
Она што беше инспирација за промените да нема турбулентен воздух зад болидите, со цел оние што се побрзи да можат полесно да направат престигнувачки маневар, се чини дека е постигнато, при што возачите дадоа мошне описни импресии.
Следев некои болиди и ми се чини дека има подобрување. Вообичано се чувствуваше како загуба на воздушниот потисок, па одеднаш имаш подуправливост или огромна преуправливост. Не очекувам дека е можно сосема да се искорени, пред сè поради брзините што ги имаме во Формула 1, но делува како да е под контрола, кажа светскиот првак Макс Ферстапен. Би рекол дека при заостанување од три до една секунда, сега е полесно да следиш некого. Кога си на една секунда до половина секунда заостанување, чувството е исто како претходно. Но, кога ќе падне под половина секунда, тогаш е многу подобро отколку лани,мошне искрено признава Шарл Леклер.
Јас забележав дека следењето е подобрено, но истовремено ефектот на возење во заветрина, исто така, исчезна заедно со турбулентниот воздух. Се најдов зад Ландо Норис на оддалеченост од една или две должини на болидот, но потоа на правците не можев да му се доближам,загрижено елаборираше Расел за своето искуство.
Последната изјава укажува дека на возачите и инженерите ќе им треба уште многу време за да направат конструкции што ќе извлечат максимум во рамки на новите правила, а притоа да немаат проблеми со возните својства. Меѓу потенцијлните проблеми за кои се говори по тестот во Бахреин е таканаречното „потскокнување“ на болидите, па голем број на медиуми пренесоа сознанија дека тоа може да биде проблем што потенцијално ќе влијае на одредени перформанси. Имено, првата солуција со подигање на висината е возможна само доколку проблемот биде ефикасно решен во кус рок, бидејќи секоја друга опција повлекува пообемни зафати, како на пример промена на подот на болидот.
Затоа, следниот тест во Бахреин, кој ќе биде одржан во сосема поинакви временски околности, ќе се смета и за многу поверодостоен и релевантен, бидејќи сега инженерите имаа само еден поглед на нештата. Со втора патека и поинакви временски околности, некои компоненти (како на пример пневматиците) ќе работат мошне поразлично, па ќе се има појасен став за одредени појави, но и за севкупниот распоред на силите.