ВАЛТЕРИ БОТАС ПОБЕДИ ВО ТРКАТА ЗА ГОЛЕМАТА НАГРАДА НА АВСТРАЛИЈА ВОЗЕНА НА ПАТЕКАТА „АЛБЕРТ ПАРК“, ПРИКАЖУВАЈЌИ ДОМИНАНТНИ ПЕРФОРМАНСИ СО БОЛИДОТ НА МЕРЦЕДЕС, СО ШТО СТИГНА ДО ЧЕТВРТИОТ ТРИУМФ ВО СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО НА ФОРМУЛА 1.
И покрај тоа што немаа добри резултати на зимските тестирања, „сребрените стрели“ на Мерцедес освоија нова убедлива победа на стартот од новата сезона во Формула 1. Валтери Ботас го предводеше Луис Хамилтон до „еден два“ триумф со кој покажаа дека распоредот на силите за новата сезона не е сменет и покрај големиот број промени на аеродинамичките правила. Финецот немаше победа во 2018 година, а овој пат со разлика поголема од 20 секунди славеше пред Хамилтон, предност што е поголема отколку што беше видено на сите трки минатата година (меѓу првиот и второпласираниот). Ботас на стартот го мина Хамилтон и остана во водство до крајот, притоа возејќи и најбрз круг за да освои и дополнителен бод согласно новите правила. По крајот на трката, во одлично расположение финскиот пилот потврди дека ова е неговата најдобра трка во кариерата. Со победата на Големата Награда за Австралија, Ботас стана третиот Финец по Мика Хакинен (1998) и Кими Раиконен (2007, 2013) кои триумфирале на „Алберт Парк“.
– Не знам што се случуваше. Не знам што да кажам. Стартот беше навистина добар од моја страна. Ова дефинитивно беше најдобрата трка во мојата кариера. Денес треба да уживам во неа, изјави Ботас непосредно по крајот на трката.
– Бев свесен за новото правило и видов дека имам многу добар ритам, па морав да се обидам да ја остварам и таа цел, сепак 26 бодови се подобри од 25. Гумите беа истрошени и можеби беше малку ризично, но беше вредно. Многу сум среќен, едвај ја чекам следната трка, – истакна победникот на првата трка во шампионат на Формула 1.
За Хамилтон ова е четврта година во низа да стартува од пол позиција и да финишира како второпласиран, при што во два наврати Фетел му ја „крадеше“ победата, а по еднаш тимските колеги (во 2016 година Розберг и сега Ботас). Макс Ферстапен со Ред Бул кој досега немаше освоен трофеј во Мелбурн го направи единственото престигнување во трка гледано во борбата за пласман на подиумот, престигнувајќи го Фетел по менувањето на гумите. Ова е прв подиум за Хонда по камбекот во Формула 1 во 2015 година, а последен и беше оној од Баричело во 2008 година. Холандскиот возач беше меѓу оние кои најдолго останаа со меките гуми на стартот од трката, додека Фетел беше првиот од фаворитите кој влезе во бокс, па таа разлика од десетина круга посвежи гуми се покажа пресудна за пласманот во финишот. На крајот и Леклер го достигна Фетел, но сепак возачите на Ферари не ги заменија местата и финишираа така на четвртото и петтото место. Младиот Французин праша преку радио врската „Дали треба да останам зад Себастијан“ по што следуваше потврден одговор и упатство да остави простор меѓу нив. Поени за пласман меѓу првите 10 освоија уште Магнусен, Хулкенберг, Раиконен, Строл и Квјат. Според статистиката, досега кога сезоната започнувала со „еден-два“ победа во Мелбурн, екипата станувала шампион кај конструкторите, а победникот шампион кај возачите.Следната трка се вози за Големата награда на Бахреин на 31 март.
ФОРМУЛА 1 СЕ ПРОСТИ ОД ЧАРЛИ ВАЈТИНГ
Формула 1 заедницата доживеа непријатно изненадување, откако на почетокот од австралискиот гран при викенд беше соопштено дека во текот на ноќта починал човекот кој низа години наназад беше задолжен за спроведување на правилата како технички делегат на ФИА, а воедно ја имаше и функцијата „Директор на трката“. Според официјалното соопштение до медиумите, 66-годишниот Чарли Вајтинг починал од пулмолошка емболија и бил пронајден мртов во својата хотелска соба во Мелбурн, каде што допатувал за првата трка од Формула 1 во 2019 година. Вајтинг на позицијата „Директор на трка“ дојде во 1997 година, а во Формула 1 работеше цели 40 години. Кариерата ја започнал во тимот Хескет, во 1977 година, а потоа се префрлил во Бребем каде што работел за Берни Еклстоун. Откако овој го продал тимот за да сконцентрира на организацијата на трките, Вајтинг преоѓа во ФИА од 1988 година. Тој беше стартер на трките, како и прв фронт за решавање на евентуални спорни ситуации во текот на трката, по што предметите (ако останале отворени) беа препраќани до стјуардите на трката.
Минативе години негов најблизок помошник беше Лорен Меки, кој помина пет години во ФИА, но сепак реши да се врати во Формула 1 како спортски директор на Ферари. Иако во првите реакции за смртта на Вајтинг беше кажано дека ќе биде невозможно да се замени човек како него поради инволвираноста во многу области, почнувајќи од логистиката на Формула 1 сè до судењето за време на трките, ФИА делуваше брзо и го назначи Австралиецот Мајкл Маси на неговата позиција. Тој досега беше стјуард на Формула Е, а претходно работел во австралиската серија Суперкарс.