ИАКО ФЕРСТАПЕН НА НЕКОЛКУ ТРКИ ПРЕД КРАЈОТ НА СЕЗОНАТА ЈА ОСВОИ ШАМПИОНСКАТА ТИТУЛА, ТОЈ И ПОНАТАМУ ПРОДОЛЖИ ДА ПОБЕДУВА ВО ПРВЕНСТВОТО, НАСПРОТИ „ТРЕВОГАТА“ ШТО ФЕРАРИ ЈА НАПРАВИ СО ОСВОЈУВАЊЕ НА ПОЛ ПОЗИЦИИТЕ ВО САД И МЕКСИКО
Ваквата ситуација беше „веќе видена“ и тоа во текот на септември кога Карлос Саинц направи изненадување со пол позициите во Италија и Сингапур, но Ферстапен со триумфот во Јапонија ги разреши сите дилеми околу прашањето за шампионската титула. Овој пат, Шарл Леклер беше возачот на Ферари кој блесна во квалификациите во Тексас, а потоа и во Мексико Сити, но уште еднаш се покажа дека брзината во квалификациите и брзината во трка не се соодветно конкурентни споредено со конкуренцијата. Додека во квалификациите црвениот болид брилира, особено во вториот дел на сезоната, во трка не е во можност да се бори за победа, а дури и дуелите во борба за првите три позиции им одат мошне тешко. Така, Леклер во Тексас ја заврши трката на шесто место, но беше дисквалификуван заради извесни отстапувања на подот од болидот од пропишаните правила. Ферстапен освои нова победа за која во текот на трката мораше да внимава на Луис Хамилтон, но англискиот возач, исто така, беше дисквалификуван како и Леклер. Второто и третото место во такви околности им припаднаа на Норис и Саинц.
За време на гран при викендот во Мексико, Леклер повторно беше на пол позиција, а Ферстапен и Хамилтон повторно ја завршија трката окупирајќи ги првите две места, па возачот на Ферари се најде на подиумот како третопласиран. Во овој случај, Ферстапен имаше „соло-трка“ во која возачот на Мерцедес беше нецели 14 секунди зад него, а Леклер (и Саинц на четврто место, исто така, со Ферари) задоцнија 23 односно 27 секунди. За таквиот развој на настаните голема улога одиграа случувањата во првиот круг, кога Ферстапен и Перез го „ставија во сендвич“ конкурентот од Ферари, па на крајот Перез излета, а Леклер се пожали дека имал оштетувања на болидот.
Трката на патеката Интерлагос во Бразил донесе и друга интересна димензија, бидејќи беше една од оние неколку во календарот каде што се возат и таканаречените „спринт трки“ како своевидно „прво полувреме“ од гран при викендот. Овој пат, за сензација се погрижи Ландо Норис од Мекларен, кој се етаблираше на пол позицијата во спринт трката, но ниту тој не успеа да го задржи болидот на Ред Бул зад себе, па се утеши со второто место, додека Серхио „Чеко“ Перез по подолго време го донесе и вториот болид на „биковите“ до подиум.
На главната трка во неделата, Ферстапен стигна до својата 17-та победа годинава, но Ферари уште еднаш успеа да ги „изневери надежите“ со тоа што болидот на Леклер кој стартуваше од втората позиција имаше дефект на хидрауликата уште во почетниот загревачки круг.
Се разбира, разочарани сме, и Шарл и ние. Сè уште немаме објаснување за причината, треба да направиме подлабока анализа. Сепак, мора да се фокусираме на следниот гран при викенд бидејќи овој пат бевме во подобра форма од Мерцедес и можевме да ја надополниме нивната бодовна предност (во конкуренција на конструктори),- рече тимскиот шеф на Ферари, Фредерик Васер. Ландо Норис напредуваше од шестото место и успеа да дојде до втората позиција, за во рестартот (по откажувањето на Леклер), да биде единствениот што колку-толку направи притисок врз победникот. По трката, тимскиот шеф на Ред Бул, Кристијан Хорнер, го потенцираше Мекларен како нивен најжесток противник на последните трки.
СТАТИСТИЧКИ ЗАНИМЛИВОСТИ
Со освојување на второто место во Бразил, Ландо Норис по 13. пат во кариерата се најде на подиумот, а со тоа на вечната листа се изедначи со германскиот пилот Ник Хајдфелд, па обајцата ја делат позицијата на „возач со најголем број пласмани на подиумот, но без победа во трка“. За разлика од Хајдфелд кој ја заврши кариерата пред десетина години, Норис сè уште го нема кажано последниот збор и се надева дека „ќе мигрира“ од оваа конкуренција. Пол позицијата на Шарл Леклер во Мексиско беше 21-ва во неговата кариера, но му донесе непријатна улога да стане лидер на листата „возач со најголем број први стартни места, кој не освоил шампионска титула“. Досега, првото место го држеше Валтери Ботас, благодарение на резултатите кои ги постигна како тимски колега на Хамилтон во Мерцедес за време на доминацијата на оваа екипа, поточно меѓу 2017 и 2021 година. Иако и двајцата се активни возачи, Ботас (роден во 1989 година) со 220 стартови и 10 победи е на залезот од кариерата по дебатирањето во 2013 година, возачот од Монако е помлад (роден во 1997 година), а Ф1 кариерата ја започнал во 2018 година и досега има пет гран при победи зад своето име. Пласманот на подиумот на Фернандо Алонсо во Бразил беше вкупно 106-ти во кариерата, со што се изедначи со „професорот“ Ален Прост на четвртото место на вечната листа. Ова е негов осми трофеј оваа сезона, но на патеката Интерлагос по деветти пат се искачува меѓу првите тројца, притоа без да освои победа на ова гран при. |
Видовме вистинска трка! Ландо ги имаше своите најдобри гуми на стартот и неговиот обид за престигнување беше надвор од идеалната линија. Ми олесни кога видов дека Макс го задржа водството по првиот круг. Потоа беше „игра на мачка и глушец“, затоа што треба да се чуваат гумите и да се се направи предност, а возењето во заветрина на оваа патека е навистина моќно. Исто како и во спринт трката, Макс успеа да сработи одлично и да направи предност. Имавме пит стоп во ист момент и успеавме да ја зголемиме предноста. Кога се префрливме на „медиум“ пневматиците, сè беше под контрола до крајот. Мекларен дефинитивно се најблизок ривал што сме го имале на последните неколку трки, објасни Хорнер.
Дуелот за третата позиција беше интересен, особено по откажувањето на Расел, па на крајот Перез и Алонсо режираа драма во последниот свиок, минувајќи рамо до рамо низ целта. Во фото-финишот минималната предност од 53 стоти делови на секундата беше на страната на поранешниот двократен шампион, Фернандо Алонсо.
Чеко правеше навистина голем притисок во финишот, му реков да не ми прави веќе вака, премногу сум стар за такво нешто. Ова беше потешко отколку победата во 2005 година на Имола,- низ смеа рече Алонсо пред акредитираните новинари во Бразил, потсетувајќи на драматичниот финиш кој пред две децении го режираа со Михаел Шумахер.
На две трки пред крајот на сезоната Ферстапен е прв на табелата со 524 бода, додека за втората позиција во финишот ќе се борат Перез и Хамилтон, кои имаат 258 односно 226 бодови. „Мртва трка“ е и онаа брканица за четвртата позиција, каде што Алонсо со 198 бода, Норис со 195 и Саинц со 192 бода ќе атакуваат до финишот во Абу Даби. Кај конструкторите Ред Бул е убедливо прв со 782 бода, а Мерцедес има мала предност во однос на Ферари (382:362) во дуелот за второто место, при што Мекларен на идентичен начин води пред Астон Мартин (282:261).
До крајот на сезоната во 2023 година има уште две трки, ново-востановената трка во Лас Вегас и традиционалното финале во Абу Даби.