Светско првенство во Формула 1-КОГА МАКС „ВАДИ“ МАКСИМУМ

18/05/2022

АКТУЕЛНИОТ СВЕТСКИ ПРВАК ИМАШЕ ТЕЖОК СТАРТ НА СЕЗОНАТА ИМАЈЌИ ПРЕДВИД ДЕКА ВО ДВЕ ОД ПРВИТЕ ТРИ ТРКИ НЕ УСПЕА ДА СТИГНЕ ДО БОДОВИ ПОРАДИ ТЕХНИЧКИ ПРОБЛЕМИ, НО НЕГОВИОТ ОДГОВОР ВО ЧЕТВРТАТА И ПЕТТАТА РУНДА БЕШЕ УДАР ЗА НАДЕЖИТЕ НА КОНКУРЕНТИТЕ

 

Со освоени 34 поени во Имола и дополнителни 26 поени во Мајами, Макс Ферстапен направи сè што беше во негова моќ за да се врати во игра за шампионската титула. Додека тој прокнижи нови 60 бода на неговото салдо, водечкиот на табелата, Шарл Леклер, додаде само 33 на своето конто. По пет трки од 2022 година, Леклер и Ферстапен се издвоени на врвот од табелата со 104, односно 85 поени, како најочигледни фаворити за титулата.

Големиот „кам-бек“ на Ферстапен започна со уништување на „домашната забава“ на Ферари. Патеката во Имола го носи името „Дино и Енцо Ферари“ и се наоѓа на само стотина километри од фабриката во Маранело. Оваа сезона со одлука на ФИА, оваа патека заедно со „Ред Бул Ринг“ во Австрија и „Интерлагос“ во Бразил беше определена да биде една од трите кои ќе имаат поинаков формат на гран при викендот, акомодирајќи ја ланската иновација на таканаречени „спринт квалификации“. Согласно новите промени, квалификациите се возат во петок попладне по само еден тренинг на патеката, додека во сабота се организира мини-трка на 100 километри, која, пак, го детерминира конечниот редослед за старт во неделното гран при. Сепак, за разлика од 2021 година кога бодови добиваа само првите тројца, сега првите осум во „спринт квалификациите“ добија поени по системот 8-7- 6-5-4-3-2-1. На овој начин, Ферстапен го максимизираше својот учинок, па од Имола си замина со 34 поени, односно 8 бода за прво место во „спринт квалификациите“, стандардните 25 бода за победа во неделната трка и уште еден дополнителен поен за најбрз круг!

Неговиот ривал од Ферари успешно се носеше во улогата на втор фаворит, финиширајќи зад Ферстапен во секоја сесија освен во последната и највредна за освојување на поени – неделната трка. Перез го мина Леклер уште на стартот, а потоа одолеваше на нападите и на крајот дочека огромна грешка на возачот од Монако. Kога се чинеше дека Леклер има темпо и посвежи гуми за да го нападне Перез, следеше огромна грешка на неколку круга пред крајот. Моначанецот излета и падна на осмата позиција, а до крајот успеа да се избори за шесто место, што секако беше големо разочарување за него, но и за италијанските тифози на трибините. За да биде катастрофата на Ферари уште поболна, Карлос Саинц не освои бодови, односно не ја заврши трката поради излетување на самиот почеток од трката. Ваквиот расплет му овозможи на Хелмут Марко, неофицијалниот лидер на таборот „Ред Бул“ кој умешно кокетира со официјалната ролја на „советник“, да испрати вознемирувачки пораки до италијанската „скудерија“.

Конечно стигнавме до еден-два победа, првпат од 2016 година, што е важно за подигнување на моралот. Исто така, овој резултат покажува дека сме конкурентни, едноставно треба да го склопиме пакетот и повторно сме тука во битка за титулите. Ферстапен два пати загуби многу поени, да не беше тоа, сега ќе беше на врвот. Не сум убеден дека Ферари ќе може да ни парира. Видовме дека кога правиме вистински притисок, почнуваат да грешат, Саинц направи голема грешка, Леклер, исто така, изјави Австриецот, со што ги погоди ривалите онаму каде што најмногу „ги боли“.

За да не биде сè толку сурово (само за) Ферари, се погрижи таткото на Макс, поранешниот Ф1 возач Јос Ферстапен. Тој се осврна на друг момент од Имола, кога неговиот син го престигна седумкратниот светски првак Луис Хамилтон за цел круг. Во неговата колумна објавена на официјалниот веб – сајт на возачот на Ред Бул, Јос Ферстапен напиша: Макс имаше неверојатен викенд во Имола, не направи ниту една грешка. Имаше целосна контрола, тоа беше неверојатно. Искрено, уживав кога видов дека го претекна Хамилтон за еден круг, најмногу поради тоа што се случи минатата година. Хамилтон навистина се мачи оваа година, неговиот тимски колега Џорџ Расел е во многу подобра сиутација. Ретко имате прилика на тој начин зад себе да оставите болид на Марцедес, напиша во колумната Јос Ферстапен.

Тоа донекаде испровоцира одговор од тимот на „сребрените стрели“, кои го нагласуваат феноменот на „потскокнување“ како еден од главните проблеми со нивниот болид, кој е конструиран според новите правила за 2022 година.

Работиме напорно во фабриката и голем дел од активностите се поврзани со обидот да го разбереме овој феномен, односно да се обидеме да го контолираме. Не е реално дека проблемот ќе исчезне одеднаш, ќе работиме чекор по чекор, но барем има охрабрувачки сигнали. Можеби уште во Мајами ќе се забележи разликата, – изјави Џејмс Шовлин, еден од водечките инженери во тимот на Мерцедес. За волја на вистината, Хамилтон не задоцни цел круг во Мајами, но таквиот расплет можеби може само привремено да го утеши, бидејќи конечните пласмани беа детерминирани од појавата на возило за безбедност на крајот од трката.

Од друга страна, позитивна енергија проструи кај Ферари бидејќи нивните возачи имаа „еден-два“ во квалификациите, кога ја искористија невнимателноста на Ферстапен во одлучувачката сесија на квалификациите. Но, актуелниот светски првак успеа „да ги сложи коцките“ и во трка да ги победи ривалите, престигнувајќи ги двајцата уште во првите десет круга. Според медиумите, падот во перформансите на Ферари е протолкуван како лоша компатибилност на пневматиците со „нечистиот“ асфалт, а дополнително природата на патеката (со брзи свиоци во последниот сектор пред излегување на правецот каде што се бара висока крајна брзина), му одела во корист на ривалскиот тим.

Холанѓанецот тргна во напад уште во првите моменти од трката и го мина Саинц на стартот, а набрзо покажа дека има извонредно темпо и му се залепи на Леклер. Без видливи проблеми ја искористи брзината на болидот за да направи престигнувачки маневар во деветтиот круг. Вториот заплет се случи кога Ландо Норис направи голема грешка на десетина круга пред крајот и возилото за безбедност беше аплицирано на патеката, па така предноста од речиси осум секунди на Макс „падна во вода“. Пред рестартот, сите болиди се наредија еден до друг, па Леклер се обиде да направи притисок, но Ферстапен успешно се одбрани и не потклекна под притисокот. Обратна ситуација имаше во борбата за третото место, па Саинц се одбрани од Перез, по што Шпанецот беше со Ферстапен и Леклер на подиумот во Мајами. Дека Макс повторно беше „пуштен на максимум“ покажа фактот дека повторно го имаше најбрзо извозениот круг, за што доби дополнителен поен. Во завршницата од трката, интересна беше и борбата за петтото место која му припадна на Расел пред тимскиот колега Хамилтон, а во топ 10 завршија и Ботас, Алонсо, Окон и Албон.

Ако земеме предвид колку поени ќе понесеме дома, не можеме да бидеме премногу разочарани, пред сè бидејќи водиме во двете првенства. Сепак, јасно е дека треба да реагираме, рече тимскиот шеф на Ферари, Матија Биното.

За разлика од ривалите, Ферари успеа да донесе конкурентен болид на стартот од сезоната и оттогаш кон него се однесува според правилото „ако нешто добро работи, не го чепкај“. Тие не направија надградби на болидот досега, иако тестираа нов дифузер во Австралија. Враќањето во Европа би можело да ја олесни логистиката и воведувањето на надградбите на болидите, но пред сè да направи и добра анализа каде заостануваат зад ривалите. Мајами покажа дека на правците каде што се мери крајната брзина, Ред Бул беше доминантен уште на тренинзите, па кога во трка го имате Ферстапен зад себе (со активен ДРС што му го овозможуваат правилата), болидот што е напред нема големи шанси сам по себе да опстане долго на таа позиција. Сепак, Биното посочи уште еден факт што може да биде влијателен.

Од оваа сезона постои лимит на средствата кои можете да ги потрошите. Очекувам дека во еден момент, Ред Бул ќе запре со надградбите, во спротивно нема да можам да сфатам како го прават тоа! Во последните два викенди од мај се возат трките во Шпанија и Монако, а потоа на 12 и 19 јуни следуваат трките во Азербејџан и Канада.

Иако е во сенка на резултатите на Ферстапен, вториот пилот на Ред Бул, Серхио „Чеко“ Перез добива големо медиумско внимание со своите изјави. Мексиканецот најпрво изјави дека би заминал од Ф1 доколку календарот и натаму се проширува со додавање на нови трки, а потоа ги освои „ударните вести“ со нова изјава како одговор на прашањето дали би му дозволил на Ферстапен да го помине на патеката ако тоа му е потребно во борбата за шампионската титула.

Би ја напуштил Формула 1 ако тимот ме смета како втор возач. Тоа би било непочитување кон мојата кариера. Ако од мене се побара да го пуштам Макс да победи на трка, а во тој момент јас сум во игра за шампионската титула, мислам дека би настанал голем проблем. Но, сега сето тоа не е важно. Тимот отворено ни даде дознаење дека сака двата возачи да бидат напред. Нема ништо подобро од борба за титула со Макс. Го имаме најдобриот тим и тоа ни помага да напредуваме, изјави 32 годишниот Мексиканец. Во досегашниот тек од сезоната. Чеко Перез е на третата позиција во генералниот поредок со 66 бода.

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.