Светско првенство во ФОРМУЛА 1 – ХАМИЛТОН ОБЕЗБЕДИ ТИТУЛА И ЈА ПОСВЕТИ НА СВОЈОТ МЕНТОР

01/12/2019

ТРКИТЕ ВО МЕКСИКО И ТЕКСАС УШТЕ ЕДНАШ ПОКАЖАА ДЕКА КОГА МЕРЦЕДЕС Е НА ВРВОТ ОД СВОИТЕ МОЖНОСТИ, „СРЕБРЕНИОТ“ БОЛИД ВО РАЦЕТЕ НА БОТАС И ХАМИЛТОН Е НЕДОСТИЖЕН ЗА КОНКУРЕНТИТЕ, БЕЗ ОГЛЕД КОЛКУ ТИЕ БЕА УСПЕШНИ НА НЕКОИ ПРЕТХОДНИ ТРКИ.

 

Користејќи ја уникатната конфигурација на некои трки како белгиската Спа или Италијанската Монца, Ферари покажа дека може да победува во Формула 1 со својот мошне подобрен болид за разлика од стартот на сезоната. Болидите на „ергелата“ од Маранело имаа уште неколку проблесоци во трките на Сингапур и Русија, но сонот заврши со селење на циркусот на прекуокеанските трки во Азија и САД. Фетел успеа да направи пол позиција во Јапонија, а Леклер во Мексико, но во двата случаи Мерцедес дојде до победа, и тоа Ботас на Сузука, а Хамилтон во Мексико Сити. Притоа, тие демонстрираа дека во тркачки, а не во квалификациски услови сè уште имаат солидна предност кога се користат потврдите смеси на пневматиците. Така на пример, во Јапонија се користеа трите најтврди смеси што Пирели ги нуди во 2019 година, а во Мексико иако постоеше разлика од цела секунда при користење на меките, Ферари избра стратегија во трка за да се наттркува со „сребрените трели“ токму на потврдите пневматици. Шарл Леклер кој стартуваше прв, беше жртва на стратегијата на Ферари со две влегувања во боксот, а имаше и малер при едно од застанувањата, па на крајот мораше да се задоволи со четвртото место.

Луис Хамилтон ја доби трката со Фетел издржувајќи со гумите кои му беа постари за десетина круга и ги одби нападите кои возачот на Ферари го контемплираше за крајот на трка со посвежи гуми. Сепак, Хамилтон со победата која е 83. во неговата кариера не успеа во овој наврат да ја обезбеди и титулата кај возачите, откако Мерцедес веќе стана шампион кај конструкторите на претходното гран при, па драмата се пресели во Тексас.

На американска територија повторно заблеска Валтери Ботас, па ја освои пол позицијата, а потоа и победата во трката. Тие двајца се етаблираа како единствени конкуренти за почестите на оваа трка откако болидот на Фетел уште на 2901стартот имаше дефект на суспензијата, а Леклер почна да заостанува и да вози со предострожност. Ботас беше на стратегија со две застанувања и без проблеми го помина Хамилтон на патеката кога се најде зад него со посвежи пневматици во финишот. Победничкиот пиедестал го комплетираше Макс Ферстапен од Ред Бул, додека Шарл Леклер мора да се задоволи со четвртото место. Албон повторно се наметна со пласман меѓу првите пет, а зад него во оваа прилика беа Рикиардо, Норис, Саинц, Хулкенберг и Квијат.

Со новата титула, Хамилтон е на второто место на вечната листа, со само една помалку од легендарниот Михаел Шумахер кој освои седум во кариерата. Овој нов успех во кариерата возачот на Мерцедес го прослави емотив- но и ги искористи социјалните мрежи за да се отвори и покаже што му лежи на срце и колку му значи новата титула која му ја посвети на менторот Ники Лауда.

– Шест светски титули! Не можам да почнам да го опишувам ова чувство, ама знам дека никогаш нема да го заборавам. Кога бев дете и растев во Стивенејџ, мојата желба беше да победам во една Ф1 трка и да освојам титула, па сега што сум тука и ја претставувам мојата земја, ова ги надминува сите замисли. Ако само едно дете ме види и одлучи да го следи својот сон, кој и да е, ништо не би ме направило повеќе горд! Не би бил овде без многу од вас, моето неверојатно семејство- посебно мојот татко кој ме научи никогаш да не се откажувам, без моите пријатели, мојот тим во Манчестер и моите навивачи. Бевте од почеток со мене на ова патување и поради тоа сум фокусиран и одлучен. Засекогаш сум ви благодарен од дното на срцето на секој од вас за константната поддршка и љубов. Оваа сезона е за Ника Лауда, мојот неверојатен пријател и ментор кој го загубивме минатата година, човек кој покажа оти храброста и одлучноста оди рака под рака. Ники, ова е за тебе, ќе продолжам да правам да си горд,- порача Британецот. На две трки пред крајот на сезоната, Хамилтон има 381 поен, а Ботас 314, со што е математички недостижен во услови кога победникот може да освои по 25 бода за триумф во трка и евентуален дополнителен поен за најбрз круг. Останатите позиции сè уште се таму за да бидат освоени, а Шарл Леклер како сензација на година е трет со 249 бода, Ферстапен има 235, а Фетел 230 бодови. Зад нив, исто така, има борба за шестото место, при што Албон со 84 бода води пред Саинц со 80 и Гасли со 77 бода.

Многу поважен е пласманот на табелата кај конструкторите, бидејќи според неа се делат и парите заработени од ТВ правата. Мерцедес со 695 е недостижен на врвот, Ферари во вториот дел на сезоната се наметна пред Ред Бул и поведе со 479 наспроти 366, со што се чини дека ќе го задржи приматот во финишот. Мекларен е четврти тим со 121 поен, пред Рено со 83, по што следи изедначена борба на Рејсинг поинт со 65 и Торо Росо со 64 бода. Заубер со 35 поени е поуспешен само од Хаас со 28 и Вилијамс со еден поен. Последните две трки за 2019 година се возат во Бразил и Абу Даби, по што ќе следува зимската пауза, а рестартот во 2020 година е закажан за 15 март.

ВОЛФ ОЧЕКУВА УШТЕ УСПЕСИ ОД ЛУИС!

Шестата Формула 1 титула за Луис Хамилтон донесе многу комплименти на адреса на Британецот, а не се штедеше ниту неговиот претпоставен, Тото Волф, кој е тимски шеф во Мерцедес. – Мислам дека кај него сè уште постои неверојатна мотивираност, сака да победи на секоја трка. Сè додека продолжува да се однесува на ваков начин, може да освојува титули, сметам дека не постојат лимити за Хамилтон. Многу сум горд на сите во тимот, зад кулисите е завршена голема работа, немаше подобро сценарио за една трка од тоа едниот возач да победи, а другиот да ја освои титулата. Видовте колку мала е разликата меѓу стратегиите со едно и две застанувања во боксот, ќе ги оставиме да се натпреваруваат на ист начин и следната сезона, – истакна тимскиот шеф на Мерцедес. Претходно, Волф потврди дека Хамилтон и Ботас остануваат возачи на тимот во 2020 година.

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.