СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ВО ФОРМУЛА 1-ХАМИЛТОН И МЕРЦЕДЕС „ИМУНИ“ НА КОНКУРЕНЦИЈАТА

11/08/2020

СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО ВО ФОРМУЛА 1 УСПЕА ДА ОПСТОИ НА ПЛАНОТ ЗА РЕСТАРТ НА ТРКИТЕ БЕЗ ПУБЛИКА, ПРИ ШТО ТРКАТА ЗА ГОЛЕМАТА НАГРАДА НА АВСТРИЈА БЕШЕ ПОЧЕТНАТА ТОЧКА, А ПОТОА НА ИСТАТА ПАТЕКА „РЕД БУЛ РИНГ“ СЕ ОДРЖА И ГОЛЕМАТА НАГРАДА НА ШТАЕРСКА, ЗА СПЕКТАКЛОТ ДА КУЛМИНИРА ВО СОСЕДНАТА УНГАРИЈА СО ЈУБИЛЕЈНОТО 35. ИЗДАНИЕ НА Ф1 ТРКИТЕ ВО ОВАА ЗЕМЈА.

 

Сезоната на која многумина и се радуваа поради фактот дека се одбележува 70-годишнината од почетокот на Светското првенство во Формула 1 (Голема награда на Британија на 13 мај 1950 година) со ревидиран и интензивен распоред се враќа на светската сцена.

Три трки во три викенди едноподруго беше таканаречениот „јулски дел“ од новиот календар, а веќе од први август следува уште едно такво поглавје. Она што беше забележливо на сите три трки од почетокот на оваа сезона е дека Мерцедес и натаму е убедливо најдобриот конструктор и го има најбрзиот болид.

Во Австрија, Валтери Ботас беше човекот со најголема инспирација, освојувајќи ја пол позицијата и победата, додека Хамилтон поради контакт со Албон беше казнет со додавање време на неговиот резултат, поради што падна од второ на четврто место. Наспроти ова, веќе следната недела видовме сосема поинаков распоред на силите на истата патека, при што дождот беше обележје на квалификациите, па Хамилтон се наметна како најбрз и тоа го повтори и во трката. За разлика од нив, конкуренцијата покажа дека не ја искористила соодветно големата пауза, па така Ферари во двата наврати имаше болид кој испаѓаше во втората сесија од квалификациите, додека Рено и Мекларен „паднаа во сенка“ на болидите обоени во розева нијанса, кои им припаѓаат на Рејсинг Поинт. Нивниот подем е оценет дека се должи на „копирање“ на болидот на Мерцедес од 2019 година, поради што Рено на втората трка во Штаерска вложи протест и ќе ја бара правдата пред техничката комисија на ФИА. Предмет на жалбата се интелектуалните права за конструкција на болидите, бидејќи со пропозициите е предвидено секоја екипа да конструира сопствен болид и да ги поседува интелектуалните права за тоа. Во случајот, од страна на Рено се обжалени делови од системот на сопирачките, што визуелно имаат идентичен изглед со ланскиот на Мерцедес. Стјуардите ја прифатија жалбата велејќи дека таа е поднесена согласно од Член 13 на Спортскиот правилник, но дека не може да биде донесена одлука веднаш бидејќи за постапувањето по оваа жалба имаат потреба од повеќе време.

Поради тоа, болидите со број 11 и број 18 се пломбирани, а побарано е Мерцедес да достави примероци од делови на системот користен во 2019 година. Прашањето натаму ќе биде предмет на истражување од страна на техничкиот оддел на ФИА, по што ќе се комуницира решението преку стјуардите од трката во Штаерска. По првите две трки, Строл и Перез веќе му донесоа 22 бодови на Рејсинг Поинт, па овој тим се најде на четвртото место меѓу конструкторите. За споредба, Рено има две осми места и 8 бодови во генералниот пласман.

Третата трка во Унгарија беше најавена како голема пресвртница за Ферари, во смисла на тоа дека тимот од почетокот на сезоната увидел дека концептот за 2020 година не е конкурентен, па започнал со подготвување нов болид, кој требало да дебитира токму на Хунгароринг. Сепак, од големите најави немаше ништо спектакуларно, освен дека Фетел и Леклер конечно стартуваа во првата десетка, зад болидите на Мерцедес и Рејсинг Поинт. Тоа ни од далеку не ги задоволи критериумите во поглед на нивните перформанси, бидејќи повторно беа на ниво на Мекларен и Рено, со задоцнување поголемо од една секунда зад времето на пол позицијата на Хамилтон.

Тој, пак, имаше причина за поголемо славје, првото стартно место во Унгарија е број 90 во неговата кариера, издвојувајќи се на вечната листа пред Шумахер со 68 и Сена с о 64.

– Морав да се штипнам за да поверувам во ова. Деведесет пол – позиции, навистина се многу! Доволно сум понизен за да кажам дека им должам многу на повеќе луѓе, болидот е извонреден. Како и да е, Валтери Ботас секогаш прави да биде многу тешко за мене и повторно беше доста тесно, – изјави Хамилтон по неверојатниот подвиг.

Најголемите возбудувања во трката беа нанижани пред стартот: најпрво Ферстапен излета во ѕидот додека возеше од гаражата кон стартната позиција, а откако неговите механичари одлично се снајдоа во ваквата ненадејна тревога, сите стратегии се сведоа на изборот на пневматици. Речиси сите стартуваа со интермедија, освен болидите на Хаас кои влегоа во бокс по загревачкиот круг и стартуваа од последните места. И покрај тоа, веќе по пет круга тие се најдоа меѓу првите пет кога останатите влегоа да менуваат гуми. За разлика од Мерцедес и Рејсинг Поинт, кои извозеа два стинта на „медиум“, останатите предводени од Ферстапен и Леклер, пробаа стратегија со „меки“ и „тврди“ гуми. Тоа донесе до мала драма на крјот во која Ботас го бркаше второто место на Ферстапен, но не успеа да го престигне бидејќи загуби многу време заобиколувајќи задоцнети болиди (меѓу кои беа и оние на Ферари со цел круг зад победниците).

Со осмата победа во Унгарија го израмни рекордот на Михаел Шумахер за бројот на победи на едно гран-при. Воедно, ова е негова шеста победа заедно со пол позиција (во низа), а со триумфот во Штаерска и Унгарија го надмина и рекордот од 19 гран при успеси на Аиртон Сена за победи остварени со тотална доминација: пол позиција и целосно водство во трка.

Зад тројката Хамилтон-Ферстапен-Ботас се најдоа Строл и Албон. Ферари имаше уште една потпросечна трка во која Фетел го освои шестото место пред Перез, додека Рикиардо по трет пат се најде на осмото место оставајќи го зад себе Кевин Магнусен. Карлос Саинц со Мекларен во последните кругови го престигна идниот тимски колега Леклер во трка за последниот бод наменет за десеттото место.

ЖАН ТОД ГО НАЈАВИ ШУМАХЕР НАСКОРО ВО ЈАВНОСТА

Жан Тод во последно време се издвои како најрелевантен извор за здравствената состојба на Михаел Шумахер, а непосредно пред денешната трка за Големата награда на Унгарија, легендарниот Французин излезе со нови детали, но и оптимистичка прогноза за цела јавност. Поранешниот шеф на Ферари редовно го посетува Германецот во неговиот дом, а додека семејството Шумахер цврсто ги чува во тајност сите детали за состојбата на Михаел, иако е доста резервиран, Тод е единствениот кој дава било какви точни информации за прославениот Ф1 шампион.

– Го видов Михаел минатата недела. Ќе ви кажам дека се бори. Бев во неговиот дом и повторно го видов, се надевам дека брзо ќе може да го види и цел свет. Тоа е она на кое работат тој и цело негово семејство, – откри Тод во ексклузивното интервју за „Дејли меил“. Во истото, Тод беше запрашан дали Шумахер е и најдобриот Ф1 возач на сите времиња, по што легендарниот Французин даде објективен одговор, нагласувајќи дека неправедно е да се избира само еден од повеќе шампионски ери.

– Јас го сакам Михаел, но невозможно е да кажете кој е најдобар на сите времиња. Тука е Хуан Мануел Фанџо, Џим Кларк, Аиртон Сена и секако Михаел. Може само да се каже кој е најдобар во својата ера, во својата генерација, – порача Тод.

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.