ОВА БЕШЕ ЈУБИЛЕЈНА ДЕСЕТТА ТРКА ПОД ИМЕТО ГОЛЕМА НАГРАДА НА АБУ ДАБИ, А ПО СЕДМИ ПАТ СЕ ВОЗЕШЕ КАКО ПОСЛЕДНА ВО ГОДИНАТА. ВО НЕА ФЕТЕЛ И ХАМИЛТОН ВЛЕГОА СО ПО ТРИ ПОБЕДИ, НО АКТУЕЛНИОТ ПРВАК ЗАБЕЛЕЖА УШТЕ ЕДЕН ТРИУМФ ВО НИЗА СО КОЈ ЈА ПОТВРДИ ДОМИНАЦИЈАТА. НА ОВАА ТРКА АЛОНСО СЕ ПРОСТИ ОД ФОРМУЛА 1, ДОДЕКА РИКИАРДО, ИСТО ТАКА, ЈА ВОЗЕШЕ ПОСЛЕДНАТА ТРКА ЗА РЕД БУЛ ПО 100 ТРКИ ЗА ОВОЈ ТИМ.
Во пресрет на новото издание на оваа трка беа големи очекувањата дека Мерцедес ќе го форсира Валтери Ботас, но Финецот не успеа да се наметне од стартот, а подоцна во трката имаше и други проблеми со моторот и гумите, па со прекуреден влез во боксот се елиминираше себе си од конкуренција за победа. За разлика од тоа, Хамилтон се жалеше на своите гуми кои ги монтираше правејќи мошне ран пит стоп, но успеа незагрозен од никого да стигне до победата со лесно парадно темпо.
Возачот на Мерцедес најбрзо ги извозе сите 55 кругови и тоа со време од 1:39:40.382 притоа оставајќи ги зад себе Себастијан Фетел од Ферари и пред Макс Ферстапен од Ред Бул кои се најдоа на завршниот пиедестал. Ова за Хамилтон беше единаесетти триумф во оваа календарска година или вкупно 73 во кариерата, со што само уште еднаш докажа зошто е најдобар Ф1 возач во моментов.
За 2019 година постојат многумина кои се надеваат дека ќе бидат конкурентни и ќе се борат со него за титулата, почнувајќи од тимскиот колега Валтери Ботас, преку двојката на Ферари составена од Себастијан Фетел и Шарл Леклер, па сè до надежниот Макс Ферстапен во Ред Бул.
– Очекувам главен ривал да биде Себастијан,- одговори Хамилтон на новинарско прашање кое бараше од него да го посочи возачот кој би можел да го предизвика за титулата. – Потоа доаѓа Валтери,- додал актуелниот шампион за официјалната веб страница на Формула 1.
Осврнувајќи се на промената на моторот во Ред Бул, возачот на Мерцедес рекол дека посакува тие што може почесто да се вклучуваат во борбата за победи.
– Имаат одличен болид и беа мошне силни на крајот од сезоната, а идната ќе ја започнат со нов мотор. Дали ќе бидат во можност да се натпреваруваат со нас? Се надевам, бидејќи ќе биде епски ако Ред Бул успее да се вмешува почесто во борбата за врвот. Мора да ја подобрат издржливоста, тоа беше нивна најслаба точка оваа година. Има многу нешта на кои што треба да се осврнат, но им посакувам се најдобро. Ние сме тука за да се тркаме,- вели Луис Хамилтон.
Британецот на крајот дојде до 408 бодови, додека неговиот најсериозен ривал Фетел остана на 320. Раиконен го задржа третото место со 251 бод, пред Ферстапен со 249 и Ботас со 247 поени. Идната сезона стартува на 17 март со трката за Големата награда на Австралија во Мелбурн.
АЛОНСО НЕ ЖАЛИ ЗА НИЕДНА ОДЛУКА
Фернандо Алонсо заминува од Формула 1, но освен искажаната надеж за достојно простување, нема многу убави спомени од Абу Даби. Во 2010 година дојде тука како водечки во генералниот пласман, но ја изгуби титулата од Фетел кој имаше поинаква стратегија. За Алонсо најдобар пласман во Абу Даби се вторите места во 2011 и 2012 година. За него ова беше 311 старт во Формула 1, откако во 2001 година започна со Минарди, па потоа се префрли во Рено, Мекларен и Ферари. Кон неговото име се запишани 32 победи и уште 65 други пласмани на подиумот, но пред сè – шампионските титули во 2005 и во 2006 година.
– На крајот на денот има само еден што е среќен. Сега, тоа е Луис Хамилтон. Сите други се несреќни. Даниел Рикардо е супер возач, но нема титула. Макс Ферстапен е супер возач но нема титула. Нико Хулкенберг е супер возач но нема подиум. Фетел веќе неколку години не може да освои титула. Така е тоа во Формула 1. Јас кога ја носев одлуката да се префрлам во Ферари, сите повратни одговори или 10 од 10 беа дека тоа е вистинската одлука. Кога се префрлував во Мекларен Хонда во 2015 година, 9 од 10 велеа дека тоа е вистинската одлука бидејќи Хонда имала една година повеќе за развивање на турбо-моторот. Јас не жалам за ништо, можам да бидам горд на она што сум го постигнал, сум возел за три големи екипи како Рено, Ферари и Мекларен, сум освоил две шампионски титули и 97 подиуми. Тоа е тоа, немам за што да жалам,- одговори Алонсо.