Светско првенство во ФОРМУЛА 1-ФЕРСТЕПЕН КАКО ТЕРМИНАТОР

15/06/2023

ТРИ ТРКИ ОД СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО НА ФОРМУЛА 1 СЕ ИЗВОЗЕА ВО ПЕРИОД ОД 28 ДЕНА, А НА СИТЕ ТРИ ПОБЕДАТА ЈА ОДНЕСЕ МАКС ФЕРСТАПЕН

 

Победата на Серхио Перез во Азербејџан беше најава дека прашањето на новата шампионска титула може да биде решено со внатрешен дуел во таборот на Ред Бул, но трите победи на Ферстапен не оставија простор за таквата констатација да еволуира.

Ако во Монако Перез самиот се „елиминираше“ со излетување во квалификациите, во Барселона таа слика на некој начин се повтори бидејќи натпреварот за стартните позиции се одржуваше на патека која сè уште беше лизгава по претпладневниот дожд. Сепак, Перез не беше единствениот кој не стигна до последната трета сесија, бидејќи на самиот почеток од квалификациите во Шпанија „отпадна“ Шарл Леклер, а во втората сесија проблеми имаше и Џорџ Расел. И покрај ова, проблемите кои ги мачеа останатите возачи, сепак му дадоа слика на Карлос Саинц од Ферари да прогнозира „еден-два“ победа за Ред Бул, откако тој го доби второто место на стартот.

 

Ќе биде тешко да го задржам второто место во трката. Очекувам дека уште кога ќе седнам со моите инженери да разговараме за трката да ми кажат дека нивната проекција е Перез од 11 место да стигне до второто. Ние ќе се бориме со Ландо Норис и со возачите на Астон Мартин, прогнозираше Шпанецот, алудирајќи на супериорните перформанси на сините болиди.

Спротивно од ова, трката покажа дека во трката Ферстапен беше тој што беше неприкосновен, додека возачите на Мерцедес покажаа голем напредок на нивниот болид и ги присвоија трофеите за второ и трето место. Во прв ред беа комплиментите за победникот, кој меѓу другото беше уловен во комуникацијата преку радио врската дека имал време да забележи детали кои не биле поврзани со неговото возење.

Мислам дека во 2016 година тој беше многу суров. Беше неверојатно брз и имаше огромен природен талент. Сè уште ја има таа огромна способност. Но мислам дека тој сега има и искуство, како и ментален капацитет. Кога го препозна ѕвонењето на телефонот на Хелмут Марко додека зборуваше по радио врска и се тркаше со болидот на патеката, тој само го прошири тој свој опсег на едно повисоко ниво и мене ми е возбудливо што гледам дека тој сè уште се подобрува. На крајот од трката беше предупреден од неговиот инженер да не презема ризик, но покажа целосна контрола, па иако беше свесен за ризикот, сепак успеа да извози најбрз круг со тие гуми што ги имаше на болидот, објасни тимскиот шеф на „биковите“, Кристијан Хорнер.

 

Изненадувачките перформанси на ривалите од таборот на „сребрените стрели“ беа протолкувани како голем напредок, за што кредит му беше даден на тест возачот, Мик Шумахер, како и на инженерската екипа која работи во симулаторот. Претходно, Хамилтон и Расел пријавиле дека имаат проблеми со избалансираноста на болидот за време на петочните тренинг сесии, но сето тоа се променило откако во петок навечер споменатите останале до полноќ на своите работни места.

Болидот беше мошне тежок за возење, се однесуваше непредвидливо, но нашиот тим успеа да заврши добра работа истата вечер. Мик заедно со нашиот одличен тим беше на работното место во симулаторот и успеа да ни помогне да имаме подобар болид за време на саботните квалификации, рече Хамилтон.

Болидот беше навистина одличен за возење, можеби најдобар што јас сум го почувствувал во Барселона. Дефинитивно, за оваа сезона ова е веројатно најдоброто чувство од болидот, болидот се чувствуваше најкомплетно. Работата што ја заврши Мик во симулаторот преку ноќ заедно со инженерите, ни отвори добра можност за денешната трка. Чекориме во вистинска насока. Треба да се осигуриме, особено следната година, дека ќе имаме брз старт, бидејќи мислам дека ние како тим веројатно се развиваме побрзо од другите, рече третопласираниот Џорџ Расел.

Возачите на Астон Мартин, Ленс Строл и Фернандо Алонсо, ја немаа потребната брзина во првиот дел од трката додека возеа со меки гуми, поради што не можеа да им се спротивстават на Мерцедес и Ферари на трката во Барселона, па на крајот завршија на шесто и седмо место.

 

Споредено со нашите директни конкуренти, ние немавме доволно брзина. Потребно е да разбереме зошто е тоа така бидејќи разликата беше значителна, особено на почетокот. Мораме да го разбереме тоа. Мислам дека ако стартувавме втори ќе беше тешко да го задржиме Мерцедес зад нас во првата фаза од трката, во првите петнаесет круга. Мислам дека во тие моменти бевме некаде 5-6, па дури можеби и 7 десетинки побавни од нив. На крајот со тврдите гуми имавме добро издание, но штетата веќе беше направена. Сепак можеби штета е голем збор, бидејќи и двата болида завршија меѓу првите десет и освоивме 14 бодови. Значи, и не е некоја голема драма – изјави Мајк Крак.

Сомнежите се дека аеродинамиката на зелениот болид не им дава најдобри перформанси кога возачите се во своевидна сообраќајна мешаница, наспроти кога имаат чист простор пред себе. Крак појасни дека природата на патеката „Каталуња“ прави тоа да биде фактор во оваа трка, но дека другите конкуренти кои што, исто така, биле дел од таа мешаница не покажале пад во перформансите. Дополнително, силниот дел од изведбата на нивните возачи кој што беше прикажан на крајот од трката дојде во ситуација кога тие веќе немаа други болиди околу себе.

ОДЛОЖЕНО ВРАЌАЊЕ НА ЈУЖНА АФРИКА ВО КАЛЕНДАРОТ

За повторно вклучување на патеката Кијалами, која последен пат беше организатор на трката за Големата награда на Јужна Африка во 1993 година, одамна се зборува дека е на дневен ред. Тоа беше потврдено и со фактот дека извршниот директор Стефано Доменикали веќе имал состаноци со официјалните лица од оваа земја, па се шпекулираше дека оваа трка ќе биде дел од календарот за 2024 г. Сепак, последните вести укажуваат дека тоа нема да биде можно пред 2025 година, првенствено поради запазување на високите стандарди потребни за организација на ваков спектакл.

Од една страна, позицијата е комплексна бидејќи Формула 1 ги загуби трките во Кина и Русија, првата поради пандемијата, а втората поради војната, за на крај да се случи и природната непогода што ја погоди италијанската покраина Емилија Ромања. Нов организатор е навистина многу потребен, но има укажувања дека политички ситуацијата се искомплицирала откако американскиот амбасадор во Јужна Африка посочил дека постојат сомненија дека оваа земја испратила воена помош на Русија откако војната во Украина била започната. Наспроти ова, некои автодроми во календарот (чие што место се смета загрозено) добиле продолжување на договорот со времетраење од само една година, како што е случајот со старата патека во Белгија, Спа Франкоршамп. Новите трендови укажуваат дека Формула 1 се движи кон големите метрополи, воведувајќи трки како Мајами и Лас Вегас (претходно Абу Даби и Сингапур), додека се повеќе се оддалечува од класичните автодроми, особено кај вон-европските трки. Прашање е дали има алтернатива за Јужна Африка?

Ми се допаѓа насоката во која што се движи Формула 1. Тука сум веќе подолго време и ми се допаѓаат промените што ги гледам.

Сметам дека е возбудливо да се оди на различни краеви од светот и на различни патеки. Одиме на сите континенти, се надевам дека наскоро ќе ја посетиме и Африка и дека тоа ќе биде чудесно искуство за целиот циркус, за да се почувствува тамошната култура, гласи изјавата на Луис Хамилтон, кој е еден од најголемите промотери на идејата за трка на „црниот континент“

Најголемото разочарување повторно доаѓа од Ферари, каде што сè уште не можат да му „стапнат на опаш“ на проблемот кој ги мачи.

Мислам дека наш главен проблем не е потенцијалот во текот на еден круг, ниту пак типот на свиоците. Имаме проблем со постојаноста, на пример, болидот на Шарл, ако гледаме меѓу првиот и третиот стинт кога имаше исти гуми, на почетокот беше со проблематичен баланс, додека на крајот беше прифатлив. Во случајот на Карлос, имаше пристоен прв дел и убав крај, но во средината загуби меѓу 15 и 20 секунди споредено со конкурентите. Многу е тешко да разбереме зошто тоа се случува и да го поправиме, бидејќи не е секогаш исто, не е секогаш идентичен проблем. Мислам дека немавме проблем со деградацијата на гумите.

 

Тоа можеше да биде проблем ако притискавме повеќе, но сепак тоа не е главниот проблем. Во случајот на Карлос, неговите проблеми се појавија додека беше сам на патеката, наспроти Шарл кој се жалеше на балансот од самиот почеток. Нашите проблеми мислам дека се на страна на шасијата и се појавуваат во различни етапи од трката, па поради тоа развојот на нашиот болид ќе оди во насока да се подобри конзистентноста и да биде полесен за возење, – рече тимскиот шеф, Фредерик Васер.

Пред летната пауза, во Формула 1 ќе се возат пет трки, две во јуни и три во јули. По седум извозени трки, Ферстапен е убедливо прв со 170 бода, додека Перез е на втората позиција со 117 поени. Алонсо е најдобар од останатите со 99, по што следат Хамилтон со 87 и Расел со 65 бода.

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

АМСМ | Клуб мобилити
Privacy Overview

This website uses cookies so that we can provide you with the best user experience possible. Cookie information is stored in your browser and performs functions such as recognising you when you return to our website and helping our team to understand which sections of the website you find most interesting and useful.