ИАКО Е НЕОСПОРНО ДЕКА НА СТАРТОТ ОД СЕЗОНАТА МАКС ФЕРСТАПЕН ИМА МНОГУ ПОУБОИТ НАСТАП ВО ФОРМУЛА 1 ОТКОЛКУ ДОСЕГА, ПОСЛЕДНИТЕ ДВЕ ТРКИ НАПРАВИЈА ДА ИЗГЛЕДА ДЕКА ТОЈ СЕ БОРИ СО ПОВЕЌЕ ПРОТИВНИЦИ ОДЕДНАШ, А НЕ „САМО“ СО НАЈУСПЕШНИОТ НА СИТЕ ВРЕМИЊА, ЛУИС ХАМИЛТОН.
Во фудбалот вообичаено велат дека некои репрезентации имаат славни поединци, додека кај другите тајната на успехот е во тимската игра, без никој да се наметнува како ѕвезда. Овој пример делува како соодветен, бидејќи очигледно станува дека успехот на Мерцедес не е само во Хамилтон, туку и во инженерите кои ја подготвуваат стратегијата, тимскиот колега кој освојува пол позиции и котира високо на патеката, па дури и во подоброто снаоѓање со официјалните лица кои ги имплементираат правилата на ФИА.
Токму на последниве две трки видовме консолидирање на перформансите на „сребрените стрели“, згора на тоа две пол позиции за Мерцедес, првата за Ботас во Португалија, а втората за Хамилтон во Шпанија. И во двете трки Ферстапен за ривали ги имаше двајцата возачи на Мерцедес, додека Серхио Перез не играше значајна улога во нив. Во Португалија, Ферстапен успеа да го престигне Хамилтон, но не и да остане во водство. Нивниот болид покажа дека на таа патека „јаде гума“, повеќе од конкурентскиот. Во вториот дел од трката намерно предизвика дуел со Ботас, влегувајќи прв во боксот, по што Финецот ја следеше неговата стратегија, па Макс му се доближи и го престигна. За негова жал, му беше поништено времето за најбрз круг поради непочитување на границите на патеката, со што го загуби дополнителниот бод.
Техничкиот делегат на ФИА, Мајкл Маси, кој го наследи легендарниот Чарли Вајтинг како прв оперативец на федерацијата за време на гран при викендите, веднаш по трката изјави дека избришале многу времиња од многу возачи и дека покажеле конзистентност во спроведувањето на политиката за почитување на границите на патеката. Сепак, статистиката вели дека Ферстапен е единствениот возач на кој му е избришано времето на свиокот бр.14, додека на сите други возачи доделените казни им се за прекршување на лимитот на свиоците бр.1 и бр.4.
Работата е уште повеќе закомплицирана со примерот дека Ландо Норис бил со сите четири тркала надвор од патеката при рестартот на трката во свиокот број 4, по што вториот возач на Ред Бул, Перез вели дека не се ни обидел да се брани очекувајќи казна од ФИА која никогаш не стигнала.
– Загубивме и победа, и пол позиција и најбрз круг заради правилата за лимит на патеката. Нешто мора да се промени, или направете граница со тротоарите, или ставете песок. Казната ќе биде автоматска, – рече советникот за моторспорт во компанијата Ред Бул, Д-р Хелмут Марко, упатувајќи остра критика до ФИА.
– Би рекол дека премногу се контроверзни казните за напуштањето на патеката. Знам дека сакаат да ги направат патеките побезбедни со безбедни зони за излетување, но тоа е тешко да се контролира и да се разбере, зошто е казниво или не. Кога ќе дојде моментот за одлука, тоа е најтешкиот момент. Воопшто не им завидувам на стјуардите кои мораат да се справуваат со ова, – изјави поранешниот Ф1 возач, Хуан Пабло Монтоја.
– Навраќајќи се назад кон трката за Големата награда на Португалија, мора да кажам дека освоеното второ место беше апсолутниот максимум за нас после неколку незгодни дена. Оваа сезона ќе биде долга и ќе гледаме на неа викенд по викенд. Но, пред сè, ќе продолжиме да се бориме до крај, – изјави директно засегнатиот, Макс Ферстапен.
Вториот возач на Ред Бул, Серхио Перез, го освои четвртото место, додека зад нив со многу промени во позициите конечниот редослед го формираа Норис, Леклер, Окон, Алонсо, Рикиардо и Гасли.
Веќе на следното гран при во Шпанија, Ферстапен доживеа ново разочарување. И овој пат тој успеа да излезе на стартот пред Хамилтон (кој ја оствари рекордната стота пол позиција во кариерата), водеше 60 круга, и на крајот беше престигнат бидејќи Мерцедес ја смени стратегијата во текот на трката. Ред Бул се одлучи за ризична стратегија со едно влегување во бокс, додека Хамилтон на 23 круга пред крајот, ги стави најмеките гуми и успеа да надокнади многу висока негатива во однос на Холанѓанецот, кој на крајот немаше никакви сили да се брани. Хамилтон имаше заостанување од 23 секунди, кои ги надомести за 17 круга, односно на шест круга пред крајот едноставно го мина својот главен ривал за титулата. Во очајничките обиди да имаат барем најбрзо време, Ферстапен влезе по вторпат во боксот откако беше престигнат, што му донесе утеха со најбрзо време и еден дополнителен бод.
– Можевме да видиме дека престигнувањето доаѓа од некаде. Тие веќе беа побрзи и имаа многу поголема брзина со средно меките гуми. Не можевме да направиме многу. Кога повторно застанаа и влегоа во боксот по нови гуми, веќе знаев дека е готово, знаев дека ќе загубиме. Веќе беше тешко со средно меки гуми, Луис ми се приближуваше, па на крајот бев како лесна мета за него. Пробав сè што можев, направив сè што можев. Ова покажува дека сè уште не сме таму каде сакаме да бидеме. Треба да работиме напорно, во овој момент сме побавни од нив, – порача исфрустрираниот Макс. Валтери Ботас одново се задоволи со третото место, а мала сензација приреди Леклер од Ферари со четвртото место, по што во првите 10 се најдоа Перез, Рикиардо, Саинц, Норис, Окон и Гасли.
Иако е трет на табелата, Ботас е под константна критика од медиумите кои ја протежираат идејата неговото седиште да биде дадено на Џорџ Расел.
– Ваквите информации не ми пречат бидејќи знам дека нема да бидам заменет среде сезона. Ние како тим не правиме такви потези, имам договор за оваа сезона, а сите знаеме дека има само еден тим кој прави такви работи, – изјавил Ботас алудирајќи на Ред Бул.
Хамилтон е прв на табелата со 94 поени, при што Ферстапен со 80 бода е единствениот во непосредна близина. Ботас со 47 бода има тесна предност во однос на Леклер со 41, Норис со 40 и Перез со 32 бода.
Следува мошне интензивен период од два месеца, од 23 мај до 1 август се предвидени седум трки до летната пауза. Прва е онаа низ улиците на Монте Карло, по што во јуни има три трки: Азербејџан, Турција и Франција, како и три во јули: Австрија, Велика Британија и Унгарија. Најголем дел од тимовите потоа започнуваат со подготовки на болидите за следната сезона, поради што се очекува „копјата да се кршат“ токму во овој период од годината.
ФЕРСТАПЕН КОНТРА БОГОВИТЕ НА ТРКИТЕ
Поранешниот возач на Вилијамс, Мекларен и Ред Бул, а денешен ТВ коментатор, Дејвид Култхард, е убеден дека Ред Бул и Макс Ферстапен се одлично подготвени во оваа сезона да ја прекинат доминацијата на Мерцедес и Луис Хамилтон. Шкотланѓанецот кој во Формула 1 кариерата возеше за Вилијамс, Мекларен и Ред Бул смета дека Хамилтон може само среќно да ја продолжи серијата.
– Ред Бул и Ферстапен се подготвени, се работи за тим кој веќе неколку сезони има брз болид. Иако е многу млад, Ферстапен делува искусно, ужива во притисокот и сезонава е подготвен да стане светски шампион. Единствено што може да го спречи се Боговите на тркањето, односно некоја несреќа или голем технички проблем кој би се провлекувал. Не треба да се заборави дека Хамилтон секогаш наоѓа дополнителна мотивација кога е притиснат до ѕид, а тоа е добро и за него, но и за целата Формула 1, – истакнал Култхард.
НОВ ДОГОВОР МЕЃУ ХАМИЛТОН И МЕРЦЕДЕС?
Луис Хамилтон не планира да се повлече од Формула 1, туку напротив сака да го официјализира продолжувањето на договорот со Мерцедес многу порано. Британецот не сака да се повтори последната ситуација, кога преговорите се одвиваа за време на зимската пауза меѓу двете сезони, по што на крајот и двете страни се пожалија дека лошо ја темпирале оваа акција.
– Не сакаме да се најдеме во позиција како што бевме во јануари и февруари. Си ја уништив цела зима, а не верувам дека таквата ситуација му одговараше и на Тото Волф, кој не можеше да биде релаксиран во таа кратка пауза која ја имаме. Имаме уште 19 трки, но би било убаво да имаме појасна слика пред паузата, за тоа навистина да биде еден мини одмор за сите, – изјавил Хамилтон. Паузата на која алудира возачот на Мерцедес ќе започне по трката во Унгарија закажана за 1. август и белгиското гран-при кое ќе се вози на крајот на тој месец.
ВОВЕД ВО ГРЕН СЛЕМ ТРКАЧКИ ВИКЕНДИ
Поранешниот технички директор на Бенетон, Ферари и Мерцедес, Рос Браун, сега е во улога на извршен директор на спортот (на местото на Берни Еклстоун) и ги објасни штотуку воведените правила за таканречените „спринт трки“ и „спринт квалификации“. Англичанецот за официјалниот веб сајт на првенството даде изјава во која вели дека ваквиот формат нема да биде добар на секоја трка, а тоа тврдење го илустрира со пример за Монако, патека што е позната дека нема место за престигнување. – Ваквите „Грен слем“ трки треба да бидат расфрлани низ сезоната, а не да бидат на секој настан. Сепак, тоа дополнително треба да се одлучи, а јас сум за лимитиран број на трки,- вели Браун.
Според предвиденото, наместо три тренинг сесии во петок и сабота од по 90 минути, се предвидува еден тренинг во петок од 60 минути, по кој би следувала квалификациска сесија каква што сега ја знаеме, со три сесии и испаѓање на најбавните. Овие квалификации го даваат стартниот поредок во саботната трка, која е крстена како „Спринт квалификации“ за неделното гран при, па така – во неа нема да има победници на таа мини трка од 100 километри, туку освојувачи на бодови за првите три места, по принципот „3-2-1“.
– Предизвик е да се најде вистинскиот баланс со што би имале интересен петок и сабота, но без да и одземеме нешто на главната трка во недела. Секој им различен поглед како треба да биде, но во исто време тоа мора да биде и решение кое нема да се одрази на економската и логистичката страна. Тимовите го сакаат ова, возачите се отворени, а нам толку ни треба. Ќе можеме да направиме евалуација и да одлучиме за иднината. Ако ова не функционира, ќе се откажеме и ќе се замислиме повторно,- заврши Браун. Претходно во ерата на Берни Еклстоун како промотер на Формула 1, беше направен експеримент со двојно бодување на одредени трки, но потоа беше укинато, иако имаше поголема неизвесност до крајот на сезоната.