СО ТРКАТА ЗА ГОЛЕМАТА НАГРАДА НА АБУ ДАБИ СЕ „СПУШТИ ЗАВЕСАТА“ ЗА ТРКАЧКАТА СЕЗОНА ВО КОЈА МАКС ФЕРСТАПЕН И РЕД БУЛ СТИГНАА ДО НОВ УВЕРЛИВ ТРИУМФ
З а Ферстапен ова беше деветнаесетта победа во сезоната, но во исто време четврта во низа кога станува збор за автодромот во Абу Даби. Во неговата кариера триумфот во Абу Даби е со реден број 54, со што се издигна над Ален Прост (51) и Себастијан Фетел (53) на вечната листа. Иако по многу нешта ќе биде запаметена како рекордна, за првпат во историјата се случи еден возач да ги комплетира сите кругови од оваа сезона и да биде на 1.003. од нив во водство.
Стартот на трката беше одбележан од дуелот на Ферстапен и Леклер, при што возачот на Ферари беше агресивно настроен, но не успеа да го остави ривалот зад себе и да поведе во трката, па Ферстапен почна да создава предност.
Менување на позициите имаше зад нив за време на промената на пневматиците, а најголемо внимание привлече дуелот на Перез и Норис, кои се бореа за четвртото место, па дури имаа и меѓусебен контакт, за што Мексиканецот доби казна од пет секунди како причинител на истиот во очите на стјуардите. Знаејќи го тоа, Ферари проба да направи стратегиска одлука и да го пропушти Перез пред Леклер со идеја Мексиканецот да може да ја компензира казната со возење брзи кругови, бидејќи на италијанскиот тим му одговараше тој да биде пласиран пред Џорџ Расел. Но, тој план не се оствари, па на крајот од трката, по аплицирање на петте секунди, Перез заврши една секунда зад Расел и Леклер, a со неуспехот да го избие возачот на Мерцедес од третото место, всушност Ферари ја загуби втората позиција во генералниот пласман.
Би било погрешно да замислиме дека постои магично решение кое ќе ни даде пет десетинки или да откриеме нешто ново. Перформансите доаѓаат од различни делови на компанијата, базирано на фактите колку сме способни брзо да ги произведеме деловите или колку имаме добра издржливост. Ние изгубивме премногу поени оваа сезона поради различни причини, и поради издржливост, и поради дисквалификацијата на трката во Тексас, и заради попречување други возачи во текот на квалификациите. Јасно е дека треба да работиме во тие насоки. Исто така, треба да ги подобриме аеродинамиката и моторот, секое поединечно нешто. Не би рекол дека ние имаме нешто лошо и дека со брза поправка ќе успееме да направиме напредок од четири или пет десетинки. Најважно е сите илјада луѓе во фабриката да бидат убедени дека перформансите зависат од нив и дека сите се обидуваат да дадат и повеќе од очекуваното, дури и кога е во прашање една илјадинка од секундата. Во втората половина од сезоната, помеѓу трките во Зандворт и Абу Даби, ние немавме огромни промени на болидот. Имавме надградба во Јапонија, но во основа го задржавме истиот болид и можевме да завршиме подобра работа благодарение на подоброто разбирање на болидот, на подобриот сет-ап и на подобриот пристап од возачите, прокоментира Фредерик Васер, тимскиот шеф на Ферари.
„Архивирајќи“ ја оваа сезона во која доминацијата на Ред Бул беше најголем печат, коментаторите се свртеа кон можното сценарио за создавање втор победнички тим, откако беше соопштено дека првиот тим ќе му испорачува компоненти за болидот на Алфа Таури (поранешен Торо Росо). Тоа ги поттикна гласините за „копија“ на болидите, како во 2020 година, кога тимот на Рејсинг Поинт на сличен начин се „адаптираше“ користејќи мотор и менувач од Мерцедес, но нивниот болид беше и дизајнерски мошне сличен. – Навистина сме далеку од приказната за „розевиот мерцедес“. Постојат некои компоненти што смеат да бидат пренесени и тие се дел од правилата што смееш да испорачаш и тоа е тоа што Алфа Таури ќе го добие. Но кога ќе го погледнете болидот, постојат фундаментални разлики меѓу нивниот болид и оној на Ред Бул. Според мене, има други болиди кои што се со многу поблизок концепт до нашиот отколку Алфа Таури. Доволно е само да ги погледнете Астон Мартин или Мекларен, ќе видите дека нивната задна суспензија е мошне слична на нашата, особено таа на Мекларен. Се разбира, и другите имаат право да го направат истото како што Мерцедес и Ферари веќе снабдуваат други тимови со менувачи, суспензија, воздушен тунел, па дури и алатки за симулација. И тоа ќе биде идентичен однос и во нашиот случај. Потоа останува на нив како тие ќе ги искористат. Можете да видите дека Мекларен во втората половина на сезоната подобро ги искористи некои делови отколку што самиот производител (Мерцедес) го направи тоа во својот тим,- рече Кристијан Хорнер во име на првиот тим на компанијата Ред Бул.
ШАМПИОНОТ СОНУВА ЗА ЛЕ МАН
Трките на издржливост како што е легендарната „24 часа Ле Ман“ се предизвик за многумина, а сега и Макс Ферстапен се придодаде на листата возачи кои сакаат да атакуваат на тој трофеј. Трикратниот светски првак во Формула 1 со тоа го поддржа ветеранот Фернандо Алонсо кој веќе го има освоено и посочи дека би сакал да вози заедно со Шпанецот во таков тим. Трките на издржливост во Ле Ман се нешто што јас дефинитивно би сакал да го работам. Сум бил веќе таму кога татко ми се натпреваруваше на некоја трка. Атмосферата е чудесна, има премногу луѓе, се вози преку ноќ, на изгрејсонце, а тоа е навистина „кул“. Сум зборувал со Фернандо на оваа тема и тој ми рече дека би се вратил со мене заедно на таквите трки. Па, јас реков, „уау“, тоа би било навистина „кул“, – изјави Ферстапен како одговор на новинарско прашање за неговата иднина, декларирајќи дека реализацијата на таквите планови ќе почека додека не ја заврши кариерата во Формула 1. |
КАЛЕНДАР НА ФОРМУЛА 1 ВО 2024 ГОДИНА
02.03 – ГН Бахреин, Манама |
Сезоната на Формула 1 во 2024 година ќе започне со зимските тестирања во Бахреин на 21-ви февруари. Една седмица подоцна ќе се одржи и првото гран при на истата патека, за потоа да уследи и трката во Саудиска Арабија. Она што е поразлично од досега виденото е дека трките ќе се возат во сабота навечер, со објаснување дека тоа морало да се направи заради почетокот на рамазанските пости на 10-ти март.