Светско првенство во ФОРМУЛА 1 – ДВЕ ПОБЕДИ НА ХАМИЛТОН НАД КАЗНЕТИ РИВАЛИ

26/06/2019

Луис Хамилтон се издвои на врвот на табелата со две победи во низа, но и двете беа оптоварени со казни на неговите најблиски ривали.

 

Tрките за Големата награда на Монако и на Канада му припаднаа на Луис Хамилтон, но двете беа освоени во сосема поинаков манир.

Ако низ на Монте Карло негов противник беше Макс Ферстапен, кој се најде на второто место по промената на пневматиците, задачата на Хамилтон беше „олеснета“ бидејќи возачот на Ред Бул доби казна од пет секунди (додавање на конечниот резултат) поради небезбедно вклучување во трка по интервенцијата во гаражата. Хамилтон единствен имаше поинаков избор на пневматици (медиум) и ги прогласи за истрошени дваесетина круга пред крајот, а во таа тензија дополнителен „зачин“ беше Ферстапен кој се обидуваше да го престигне и да ја анулира казната. „Крешендото“ се случи на два круга пред финишот, кога Ферстапен конечно го нападна, но нивниот дуел иако заврши со лесен контакт и опстојување на Хамилтон како победник, за стјуардите не беше спорен. На крајот, Хамилтон победи, а пехарот за второ место отиде кај Фетел, додека за трето место кај Валтери Ботас, додека по додадената казна, Ферстапен беше „поттурнат“ на четврто место.

Во Монтреал имаше поинаква слика, па Ферари се потруди да направи шоу на тренинзите и на трката, а тоа кулминираше со освојување на првата пол позиција во 2019 година од Себастијан Фетел. Сепак, во тркачки режим Мерцедес беше подобар, но не доволно за да го престигнат пилотот на Ферари. Сепак, едно мало невнимание на Фетел и возење преку тревната површина направи проблем, бидејќи Хамилтон веднаш се залепи зад него, но беше принуден и тој да оди надвор од патеката под закана дека Фетел можеби ќе излета. Иако Фетел брзо се „освести“ од грешката, и продолжи да води во трката до самиот крај, стјуардите му доделија казна од пет секунди (додавање на конечниот резултат), па на крајот тој немаше доволно предност и Хамилтон иако заврши втор, сепак го доби победничкиот трофеј. Фетел го задржа второто место пред својот тимски колега Леклер, четврт беше Ботас, додека петто место му припадна на Ферстапен.

За разлика од првиот случај во Монако, втората казна на противниците на Хамилтон предизвика бурни реакции и изјави од многу поранешни шампиони.

– Мислам дека функцијата на стјуардите е да ги санкционираат намерните небезбедни потези, а не ненамерните грешки кои се резултат на жестоката трка. Она што се случи во Канада е неприфатливо на ова ниво во овој важен спорт, – напиша светскиот првак од 1978 година, Марио Андрети, јасно застанувајќи на страната на Фетел кој се чувствуваше оштетено од стјуардите со петте секунди казна кои ги заработи.

На слична позиција е уште една голема легенда, а тоа Најџел Менсел. На сонародникот на Хамилтон не му се допадна ваквиот финиш на трката.

– Многу, многу засрамувачко. Нема посебно задоволство гледајќи ја оваа трка, двајца шампиони возеа одлично, а на крајот заврши со лажен резултат, – напиша Менсел.

Еден од светските прваци кој е сè уште актуелен возач, Кими Раиконен, откри и друга димензија на случајот, каде што од возачите се барало да ризикуваат повеќе, а за возврат им била ветена поголема слобода, односно дека стјуардите нема да санкционираат чисти тркачки маневри.

– Ни беше речено дека ќе добиеме повеќе слобода и истата треба да ја користиме на „паметен“ начин, но реалноста не е баш таква. Возачите знаат како треба да ја користат слободата, односно очекуваат казна кога ќе направат нешто глупаво и ќе исфрлат некого од трката. Но, кога епилогот е фер, не треба да има казни. Не сакам да навлегувам во дискусија, но не видов возење на Себ кое треба да се казни. Но, некој друг очигледно видел, – изјавил Раиконен.

Наспроти ова, Нико Розберг застана на страната на Луис Хамилтон.

– Фетел велеше „Немав контрола, каде требаше да отидам? Имав проблеми да го стабилизирам болидот и не го видов Хамилтон“. Ок, супер, но Луис беше таму, а правилото вели дека кога ќе излезеш од патеката, треба да се вратиш на неа без да предизвикаш опасност. Тој отиде надесно, ја премина целата патека и не му остави ни малку место на Хамилтон. Луис виде дека ситуацијата е опасна, затоа што Фетел се движеше надесно и мораше да отстапи. Ја гледав снимката многу пати, Хамилтон ќе удреше во оградата или во Фетел ако останеше во дуелот. Затоа велам дека го прекрши правилото, враќањето мора да биде безопасно и точка, казната е сосема заслужена, – вели Розберг.

Самиот Фетел бурно реагираше и на официјалниот паркинг, го премести знакот 1 за првопласиран болид, од пред болдиот на Мерцедес, до болидот на Ферари , а исто така го искажа своето негативно мислење преку радио врската. Неговиот тим Ферари најави дека ќе поднесе жалба на одлуката на стјуардите, но не го направи тоа на истекот на 96-часовниот рок. Шпекулациите се дека стјуардите имаат дополнителен доказ со кој можат да потврдат дека Фетел направил дополнително движење за да го блокира Луис Хамилтон, но тоа нема да биде објавено пред јавноста.

По извозени седум трки во јубилејната 70. сезона од светските првенства, на табелата кај возачите се издвои Хамилтон со 162 бода, пред Валтери Ботас со 133. Фетел има 100, Ферстапен е четврти со 88, а Шарл Леклер на петтото место има 72 бода. Пред лентата пауза во август, календарот предвидува во јуни да се вози трката за Големата нагади на Франција, а потоа и онаа и за Австрија.

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.