Мекларен, Рејсинг Поинт и Рено се најдоа пред Ферари во 2020 година и успеаја да промовираат концепти со кои се верува дека можат да имаат прогрес и во новата сезона.
Промовирањето на новите правила во Формула 1 би требало да отвори ново поглавје од трките во светското првенство, а со тоа се подгреваат надежите дека е можен и нов, понеизвесен распоред на силите, или со други зборови крај на доминацијата на Мерцедес.
Поради појавата на пандемијата со Ковид-19, правилата кои требаше да стартуваат од 2021 година се поместени за 2022 година, па со тоа и плановите на сите инволвирани беа поместени за една сезона. Но, Рено го потврди напредокот во однос на 2019 година и оваа година го освои петтото место кај конструкторите со 181 бод, во речиси изедначена трка со Мекларен и Рејсинг поинт, кои завршија пред нив со минимална предност од 202, односно 195 бода. За споредба, во 2019 година, исто така, беа петти, но со 91 бод. Оваа година можеби Ферари беше слаб, но осетно засилени беа и Рејсинг Поинт и Мекларен кои, исто така, бележат голем скок во однос на пред две сезони.
Секоја од овие три екипи кои во моментот ја сочинуваат горната половина од „златната средина“ има свои планови и надежи како да се доближи уште повеќе до врвот.
Да тргнеме со ред, од трето до петтопласираниот!
Мекларен подолго време го подготвува својот камбек на врвот, но откако пропадна планот со Хонда и Алонсо, се свртеа кон моторот на Рено. Бидејќи и таму се смени менаџментот, Зак Браун одлучи да се префрлат на моторите од Мерцедес, а во меѓувреме го обезбедија Џејмс Ки, техничкиот директор на Скудерија Торо Росо. Иако пред него многумина се обидоа, тимот се соочуваше со разни технички проблеми и постојано имаше префрлување на одговорноста од тимот за шасија кон тимот за моторот, или обратно. Дополнително, во нивниот табор доаѓа Даниел Рикардо, еден од возачите кои важат за „топ 5“ во моментов, па сега е прашање кога сето тоа ќе се вклопи во еден идеален спој? Фактот што Ландо Норис ќе ја вози третата сезона и веќе собра значајно искуство, прави шансите на Мекларен да добијат на „тежина“, иако е повеќе од јасно дека интеграцијата на новиот мотор со шасијата е клучната алка за перформансите во 2021 година.
Рејсинг поинт го промени сопственикот откако беше Форс Индија, но сега откако истиот сопственик ја купи англиската фабрика Астон Мартин, повторно го преименува тимот и влегува во натпреварувањето како „фабрички тим“. Но, ова не е единствениот адут на екипата: во нивниот болид седнува Себастијан Фетел, четирикратен светски првак кој треба да се промовира во лидер покрај младиот Ленс Строл. Минатата сезона на Серхио Перез му појде од рака да освои прво место во Бахреин со нивниот болид, за кој на почетокот на годината имаше поплаки дека премногу наликува на оној од Мерцедес користен во 2019 година. Иако ФИА во одреден момент им изрече парична казна по поплаките од Рено, изостана очекуваниот расплет со одземање на бодови или суспендирање, по што екипата продолжи да ги користи „спорните делови“. Менувањето на корпоративните бои од розеви во зелени веројатно е најмалата промена што влијае на перформансите, но ќе ги направи препознатливи.
„Грми“ и во Рено! Откако дојде до промена на врвот на менаџментот (во фабриката), прашање на време беше кога ќе биде обелоденета новата стратегија на француската фабрика во однос на Формула 1, но првите вести најавуваат големи реформи! Реномираниот Ф1 тим кој бил шампион и како конструктор, но и како снабдувач со мотори, реши од 2021 година учеството во светското првенство да го направи со автомобилскиот бренд Алпин. На некој начин, со тоа ќе ја дистанцираат Формула 1 од марката Рено, односно ќе ја испромовираат спортската верзија на француските автомобили, како што Мерцедес го прави тоа со АМГ, но Германците ги задржаа и двете имиња. Откако стана јасно дека Рикардо си оди, пукна нова „бомба“ со ангажманот на Фернандо Алонсо, кој пред две години се повлече од Ф1 за да ја брка „тројната круна“, односно победи на трките „24 часа Ле ман“ и „500 милји Индијанаполис“. Дополнително, со откажувањето на Мекларен, тие сега се самостојни корисници на своите мотори. Последен детал во нивниот мозаик е ангажманот на „магионирачорот од Мото ГП“, Давиде Бривио, поранешен тимски шеф на Јамаха кој направи историја со Валентино Роси, а потоа го следеше и во Дукати, а во Алпин доаѓа директно од шампионскиот табор на Сузуку, каде што, исто така, создаде светски првак во елитната класа – Жоан Мир. Има промени и над него, но тоа се менаџерски структури на кои Бривио треба да им рапортира.
По сето изнесено, станува јасно дека сите направиле чекори кои теоретски водат кон подобри денови за нивните тимови. Можеби „најстресно“ е во Рено, бидејќи де факто со промената на Сибил Абитебу од местото тимски шеф (претходно беше и технички директор), всушност се губи нишката со оној кој досега ги влечеше клучните потези. Иако не беа соопштени причини за прекин на соработката со Абитебу, не може да се заобиколи фактот дека тој најавуваше концепт во кој 2021 година беше „однапред прежалена“, бидејќи сите ресурси и идеи беа насочени кон шансите за пресврт со промена на правилата во 2022 година. Тоа може да биде „нож со две острици“ бидејќи од една страна ги ослободува од притисок за успех во 2021 година и можат да „тренираат“ во висок режим за следната сезона, но во исто време може да биде и демотивирачки, како и да компромитира некои одлуки во клучен час, како на пример развој на болидот во сфери кои можеби се неинтересни од аспект на правилата за 2022 година.
На хартија, Рејсинг Поинт (Астон Мартин) има наједноставна транзиција бидејќи е со истиот мотор од лани, спротивно од Мекларен кој ќе мора да ги решава загатките на почетокот од сезоната, а предвиден е само еден официјален тест со 3 дена! Дополнително, ФИА и промотерите од Либерти Медија, донесоа одлука тренинзите во петок и сабота наместо по 90 да траат по 60 минути што, исто така, не оди во насока на оние на кои им е потребна километража и тестирање за да го разберат болидот и да ги одгатнат неговите тајни за подобро штелување.
Но, сезоната е долга! Календарот предвидува 23 трки од 28 март до 12 декември, и приказната е веќе видена. Некој ќе се развива побрзо, некој побавно, но на крајот сите имаат доволно „умни глави“ во екипите за да знаат како да извадат подобри перформанси. Тогаш ќе дојде време да се постави и клучното прашање, колку се далеку Мерцедес и Ред Бул, па и Ферари, бидејќи никој од нив „не седи со скрстени раце“.
Ултимативно, трки во кои нема да има доминација на една екипа, а повеќе од нив ќе се борат за победи и пол позиции, ќе донесе поголема возбуда и неизвесност. Очекувањата се познати, реализацијата на замислените планови ќе биде прикажана во пракса. Одложувањето на првата трка и нејзиното поместување кон крајот на сезоната дава две екстра седмици за совршени подготовки и старт од соништата во новата сезона на Формула 1.