Многу се зборуваше за изведба со пет врати и што е малку чудно и необично, народот побара од Сузуки да го смени начинот на размислување. Досега трите генерации беа во класична за Сузуки изведба, исклучиво со три врати. Сега откако го смени начинот на размислување, и од изведбата со три, направи со пет. Зад оваа најнова изведба „стои“ Марути Сузуки, испостава на Сузуку во Индија. Новитетот таму ќе се произведува и на почетокот ќе се продава само на домашниот пазар, а потоа и во околните држави, но и во Африка, Ј. Америка и Австралија.
Должината на изведбата со пет врати е еднаква на 3.985 mm, додека ширината изнесува 1.645 mm. Новото меѓуоскино растојание од 2.590 mm е за 340 mm поголемо од изведбата со три врати. За задвижување задолжен е умерен хибриден бензински мотор со зафатнина од 1,5 литри кој развива 105 КС при 6.000 врт/мин. и максимален вртежен момент од 134 Nm при 4.400 врт/мин. и се разбира, силината оди на сите тркала преку обичен со пет или автоматски менувач со четири преноси.
И покрај петте врати и поголемата должина, одделот за товар останал мал, само 208, односно 332 литри со спуштена задна клупа. Најниската точка од возилото во однос на асфалтот се наоѓа на растојание од солидни 210 mm. Продажбата треба да започне во месец мај, по цена која сѐ уште не е позната.
Жарко Атанасоски