„МОЖЕМЕ СÈ ДА НАПРАВИМЕ, АКО НАПОРНО РАБОТИМЕ“ – УБАВА МИСЛА ИСКАЖАНА ОД ЧОВЕК ШТО НЕШТО ЗНАЧИ ВО СВЕТОТ. НЕМА ЗЕМЈА НА ПЛАНЕТАВА ШТО НЕМА НЕКОЈ НЕГОВ ПРОИЗВОД. ТОА Е МИЧИО СУЗУКИ, ОСНОВАЧОТ НА КОМПАНИЈАТА „СУЗУКИ“ ЗАД КОЈА СТОЈАТ ИМИЊАТА „КАТАНА“, „ГИКСЕР“, „САМУРАЈ“, „ВИТАРА“, „СВИФТ“ И МНОГУ ДРУГИ.
Кога ќе се спомене името Сузуки, прво што ни „паѓа“ на ум се мотоциклите и трките. Овој јапонски производител има куп мотоцикли по кои светот го памети неговото име. Легендата „гиксер“ (г с икс р) или танкерот меѓу мотоциклите, моделот „хајабуса“. Не се паметат само тие мотоцикли, „Сузуки“ има цела дузина крос мотоцикли. Тие што возеле мотоцикл „сузуки“, многу добро знаат што претставува оваа марка во светот на две тркала.
Компанијата што годинава слави 100 години од своето постоење најмногу е позната по мотоциклите, но има и еден друг дел по кој се памети – автомобилите. Во тој чуден свет на четири тркала „Сузуки“ дејствувал на полето мали автомобили, градски, компактни и речиси никогаш не пројавил интерес за погорните класи, на пример, класичната средна, а уште помалку за високата класа. „Сузуки самурај“ е класа теренско возило, еден од моделите што светот многу добро го памети. Малото теренско возило предизвика голем интерес и кај нас, а тие што имале среќа да го поседуваат добро знаат какви терени може да совлада малото возило како играчка. Според изгледот, никој нема да каже дека „сузуки самурај“ е подготвен да се соочи со непредвидливи терени.
Но ако прашате некој од сопствениците, ќе ви одговори дека гo „згазил“ од возење и би сакал повторно да купи исто возило. Неговото заминување од светската сцена е малку чуден потег на одговорните во „Сузуки“. Одредено време продолжило да се произведува во Индија, под името „марути самурај“. Неговата замена наречена „џимни“ и натаму опстанува, но за него нема толкав интерес како за „самурајот“. Штета што едно брилијантно возило е тргнато од сцената и не доби поголем редизајн за да се најде повторно во продажба. Така некако „завршува“ приказната за малото, но многу способно, практично и неуништливо теренско возило со име „самурај“, произведено од „Сузуки. Ќе видиме како ќе се снајде новата генерација од моделот „џимни“, наследникот на „самурајот“. Претходната генерација од моделот „џимни“ не ја доби самурајската слава. На некои пазари малото возило со погон на сите тркала и редуктор се продаваше под име „џимни“, а некаде како „самурај“. За таа генерација велиме дека е најуспешна и затоа ја одвојуваме и ја нагласуваме како посебен „самурај“. Кога зборуваме за оние со погон 4х4, треба да ја споменеме и „витарата“, модел што стандардно добро поминува со продажбата.
„Гиксерките“ веќе се влезени во одделот наречен легенди. Овој модел на мотоцикл значи многу за „Сузуки“, но поважни се за мотоциклистите што се вљубени во трите букви „г с икс“ со наставка „р“. За способностите на овој модел и за неговите возни својства говорат задоволните сопственици, а тоа е повеќе од доволно од милион реклами. Појавувањето на „хајабусата“ беше како капак на сè. Ако Сузуки нема интерес во средната и во високата класа на четири тркала, тогаш ја има највисоката класа, која не е ни класа затоа што е надвор од конкуренција. „Сузуки хајабуса“ е мотоцикл крстосувач со погонска единица од автомобил, најголем меѓу најголемите во царството на две тркала.
Автомобилите од марката „Сузуки“ се беспрекорни за градски средини. Конструкторите строго работат на тоа поле и многу успешно се снаоѓаат. Моделите „алто“, „ињис“ и „свифт“ успешно ги совладуваат уличните хаоси веќе со децении. Времето на еднопросторните возила го натера „Сузуки“ да размислува во тој правец и гамата доби проширување со „с икс 4 с крос“. И ниската висока класа е цел на конструкторите на „Сузуки“, каде што моделот „балено“ им се спротивставува на веќе добро познатите играчи, како што се „опел астра“, „форд фокус“, „фолксваген голф“, „пежо 308“, „хјундаи и 30“, „киа сид“ и другите од таа класа, односно сегментот „ц“ каде што конкуренцијата е најголема.
На почетокот текстов им го посветивме на моделите по кои „Сузуки“ е препознатлив во светот, но сè е во служба на 100-годишнината на оваа марка што е на 11. место во светот по број на произведени автомобили, а на трето на домашен терен. „Сузуки“ не произведува само автомобили и мотоцикли туку и вонбродски мотори, квадрицикли (квадови, возила за секакви терени) и други направи во кои вградува двотактни и четиритактни погонски единици. Ако се бројат производите со името „Сузуки“, може да се заклучи дека јапонската марка произведува од сè по нешто, а најмногу мотоцикли.
ИСТОРИЈА ДОЛГА ЕДЕН ВЕК
Компанијата „Сузуки“ постои од почетокот на минатиот век, поточно од 1909 година кога Мичио Сузуки основал компанија за производство на разбои во малото крајбрежно место Хамаматсу. Компанијата била наречена „Сузуки работилница за разбои“, а во 1920 година, оттогаш се смета едновековниот јубилеј, компанијата била реорганизирана и преименувана во „Сузуки производител на разбои“. Во 1929 година „Сузуки“ го конструирал најсовремениот механички склоп за ткаење. Откако светот, односно компаниите ја увиделе супериорноста на оваа направа поитале да нарачаат. Но Мичио Сузуки не застанал тука, иако растот на компанијата бил повеќе од добар. Своето внимание го насочил кон автомобилите. Во 1937 година започнал со планот за развој и производство на мали автомобили и набрзо се појавиле неколку прототипови, но наредните години не биле во прилог ни на Сузуки ни на кој било друг производител. Тогашните челници на државата забранила развој и производство на автомобили со изговор дека „автомобилите се непотребен комодитет“. Потоа војната го направила своето и автомобилите биле заборавени.
Првото возило што го направил Сузуки во повоениот период е велосипедот со помошен мотор наречен „паувр фрее“, придвижуван од двотактен мотор со зафатнина од 36 кубни сантиметри што развивал една коњска сила. Интересно е да се спомене досетливоста на конструкторите. Велосипедот можел да се вози додека работи моторот, а во исто време велосипедистот да врти со педалите, да се вози исклучително со помош на малата погонска единица, но бил во возна состојба и кога ќе снемало гориво. За велосипедот на две тркала со помошен мотор Сузуки добил скромен износ од државата за понатамошен развој на идејата затоа што во тоа време јапонскиот народ имал голема потреба од индивидуално превозно средство што ќе биде лесно за одржување, практично и едноставно за ракување и евтино за да може да го купат поголем број луѓе. Тоа се случило во 1952 година.
Времето одело во прилог на компанијата и производството напредувало – во 1954 година „Сузуки“ месечно произведувал шест илјади велосипеди со помошен мотор. Таа година името на компанијата било сменето во „Сузуки Мотор Компани“. Успехот со моторизираниот велосипед бил крунисан и со конструирање на првиот автомобил што во индустрискиот свет бил еден од најсовремените. „Сузуки сузулајт“ бил претставен во 1955 година. Имал агрегат со зафатнина од 360 ссм и погон на предната оска, со целосно независно обесени тркала и посебно развиен систем за управување, детали што не биле вообичаени кај другите автомобили. Дури три децении подоцна автомобилскиот свет ги применил новитетите што „Сузуки“ ги вградил во своето прво возило. Не е мала работа да се биде 30 години пред другите, пред конкуренцијата и тоа не со кое било возило, туку со првенецот. Таа година „Сузуки“ претставил и два мотоцикла, четиритактниот со еден цилиндар „коледа кокс 125 ссм“ и двотактниот едноцилиндричен „коледа ст 125 ссм“.
Името „Сузуки“ го краси посебната карактеристична буква „с“. Таа специфично обликувана буква е „родена“ во 1958 година и оттогаш стои во името, но и како амблем на сите возила што излегуваат од погоните на компанијата. По успехот со возилото „сузулајт“, конструкторите решиле од него да направат товарна изведба и во 1961 година го лансирале под името „сузулајт кери“ со ист мотор од 360 ссм.
Покрај работењето во фабриката, Сузуки паралелно работел и на тркачките патеки. Годината 1962 ќе биде запаметена по првата победа и тоа во неговата прва сезона од натпреварувањето. „Сузуки“ победил во класата до 50 ссм по тешка битка со „Хонда“ и „Креидлер“. Победничкиот мотоцикл со погонска единица „р м 62“ го возел Ернст Дегнер, кој една година претходно возел за тимот на „МЗ“. Една година подоцна, во 1963 година, Митсуо Ито е првиот јапонски возач што победил на трката Ман класа ТТ. Победил во последниот круг кога неговиот тимски колега Дегнер излетал од патеката. Таа година „Сузуки“ победил и во Светскиот шампионат за возачи и во Шампионатот за производители и тоа во две класи, до 50 и до 125 ссм, што значи дека царувал на тркачките патеки. Сознанијата и искуствата стекнати на тркачките патеки производителот ги пренел во туристичките модели. Во 1965 година во САД „Сузуки“ го претставил најбрзиот туристички мотоцикл во класата до 250 ссм и веднаш станал хит секаде во светот.
Хронолошки следен настан било појавувањето на моделот „фронте“, изведба од „фронте 800“. Новото мало возило имало двотактен мотор од 360 ссм. Тоа се случило во 1967 година, кога „Сузуки“ бил крунисан како победник во Светскиот шампионат во мотоциклизам, но се повлекол од трките поради неповолните измени во новиот правилник донесен од ФИМ. И додека „Сузуки“ напорно работел на спортската програма, дел од конструкторите работеле на сосема нов производ, вонбродски мотор. Првиот мотор наменет за малите пловила бил прикажан во 1965 година, а неговото име било „д 55“.
Во 1970 година „Сузуки“ го лансирал моделот „џимни л ј 10“, прво возило со погон на сите тркала придвижувано од веќе познатата воздушно разладувана двотактна погонска единица со работна зафатнина од 360 ссм. Да се биде успешен на две полиња одеднаш не е воопшто лесно, но на „Сузуки“ тоа му пошло од рака. Автомобили и мотоцикли во еден здив е премногу макотрпно, напорно. Тоа било првото 4х4 возило, а неколку месеци подоцна во 1971 година освоил две титули во Светскиот мотокрос шампионат во класите 250 и 500 ссм.
Во тој период „Сузуки“ веќе ја освоил цела планета, насекаде се граделе производни погони, сервиси, претставништва, а бројот на вработените значително се зголемувал. Тогаш „Сузуки“ го претставил мотоциклот во кој бил вграден ротационен агрегат. Мотоцикл бил именуван како „р е 5“ и наедно тоа бил прв во светот со толку специфична механичка погонска направа. „Сузуки“ доживеал мал пад во времето кога од производителите се барало да ги воведат новите правила за намалување на испуштањето на штетни гасови од моторите. Додека се средувале регулативите за издувни гасови, посебно за Австралија „Сузуки“ го претставил моделот „л ј 50“, поснажна изведба од возилото со погон на сите тркала, со двотактен реден трицилиндричен водено разладуван мотор со зафатнина од 550 ссм. Погонот на сите тркала бил клучен за оваа посебна испорака затоа што Австралија изобилува со терени што се вообичаени за ова возило, но се ноќна мора за класичните туристички.
Мора да се спомене и периодот од 10 години во кој „Сузуки“ царувал во Светскиот шампионат во мотокрос во класата до 125 ссм. Од 1975 до 1984 „Сузуки“ 10 пати ја освоил титулата со возачите: Гастон Рахер, Акира Ватанабе, Хари Евертс, Ерик Геборс и Микеле Риналди. Во мотокрос „Сузуки“ не ја добил титулата доктор, туку гуру.
Успесите не завршиле со натпреварите во мотокросот. Победите се нижеле и со секојдневните возила. Конструкторите забрзано работеле на малото современо градско возило наречено „алто“. По појавувањето во 1979 година јавноста одговорила многу позитивно и профитот се зголемувал, а „Сузуки“ застанал на уште поцврсти нозе. Имено, во тоа време моделот „алто“ станал најпродаван производ на „Сузуки“. Во 1981 година Сузуки ја обелоденил соработката со „Џенерал Моторс“ и „Исузу“ за мали автомобили. Тогаш „ЏМ“ купил 5,3 отсто од акциите на „Сузуки“. Таа година бил претставен мотоциклот „р г гама“ и се појавил на ГП трките за светското првенство. Со оваа „машина“ „Сузуки“ освоил седум титули една по друга во класата на конструктори, а во 1981 година возачот Марко Лучинели и во 1982 година Роберто Галина станале шампиони во кралската класа. Истовремено е создаден и мит од мотоцикл, моделот „катана“, дизајниран од Ханс Мут, за кој како мотив бил земен самурајскиот меч за да се создаде „г с икс 1100 с катана“. Овој мотор уште повеќе го нагласил името „Сузуки“ во светот, а мотоциклот „катана“ станал име што веднаш потсетува на „Сузуки“.
Годината 1981 била значајна и по појавувањето на втората генерација од популарното мало теренско возило со погон на сите тркала, познато како „сј 410“ со 1,0-литарски мотор. За канадскиот пазар се продал под името „самурај“, но и во некои други земји и на континентов, а за останатите пазари бил „јимни 1000“. Една година подоцна била лансирана новата генерација од успешниот модел „алто“ и првиот квадрицикл „квадранер 125“, возило наменето за совладување секакви терени, возило што ќе стане пример за другите какви треба да бидат тие што се движат по секаков терен. Дојдовме до редизајнот и надградбата на моделот „сј 4х4“, односно „самурајот“. Добил 1,3 – литарски реден четирицилиндричен мотор со петстепен обичен менувач. Симпатичното возило станало хит насекаде во светот и се продавало во повеќе од 100 земји на планетава. Покрај „самурајот“, Сузуки го пуштил во погон сосема новиот модел „витара (ескудо)“, исто така, со погон на сите тркала. Но ова теренско возило било поголемо од „самурајот“ и се нудело во две каросериски изведби, со три и пет врати. И овој модел го „окупирал“ светот, така што „Сузуки“ станал еден од попознатите во светот по производство на возилата со погон 4х4. На почетокот на 90-тите години од минатиот век „Сузуки“ отворил фабрика во Унгарија, во Езтергом. Производството и продажбата на автомобилите направени во унгарската фабрика почнале во 1992 година. Поголем дел од континентов и пошироко оттаму се снабдувал со дел од возилата „Сузуки“. Една година подоцна се појавило чудното мало возило „вагон р“ што личело на мало комбе само малку повисоко. Во последниов век се појавиле нови модели, на пример, камионетот „екватор“, прво возило на „Сузуки“ од таков вид (пикап). Светската премиера била одржана во 2008 година на Салонот за автомобили во Чикаго.
Денес „Сузуки“ продава возила насекаде во светот, со исклучок на северноамериканскиот пазар од каде што се повлече пред извесно време. Моментно своевиден хит на светскиот автомобилски пазар се најновата генерација од моделот „џимни“, потоа новата „витара“, а „свифтот“ е посебно привлечен со изведбата „спорт“ што најмногу е посакувана од младата популација возачи и од поклониците на динамичното возење.