Ако зборуваме за Субару и трките или рели натпреварите тогаш за него е специфично ова второво со релито. Таму Субару најдобро се снаоѓал, но не заборавајте на асфалтните рели натпревари каде автомобилите се подготвени речиси исто како тие од кружните патеки. И сега што имаме во врска со најавава? Ново „брзо чудо“ од посочениот производител кој пред неколку години си ја зголеми гамата за едно компактно спортско купе и тоа во нов облик на втора генерација. А зошто „брзо чудо“? Затоа што неговото име е „субару брз“, се толкува како „боксер, реар вил драјв, зенит“, односно „брз“. Првичното претставување пред светската јавност се одржа не било каде, туку во Калифорнија, во земјата каде постои најголем интерес за вакви автомобили.
Веднаш да поминеме на погонскиот агрегат кој сега веќе не е со зафатнина од 2,0 литри како претходникот, туку 2,4 и секако неодминливиот облик толку специфичен за Субару, боксер, односно цилиндри поставени во V под агол од 180 степени. Не само што е моторот поголем по зафатнина и поснажен, 231 КС, туку се врти до неверојатни 7000 вртежи во минута. Неговата положба е уште пониска од претходниот модел, а штом тежиштето на автомобилот е пониско тоа допринесува за поголема стабилност. Силината од погонската единица се пренесува на задните тркала преку шестстепен обичен или автоматски менувач со исто толкав број преноси.
Компактното купе е подолго за 25 и за скоро 13 мм пониско, додека меѓуоскиното пораснало за 5 мм и сега тоа изнесува 2575 мм, а неговата вкупна тежина е некаде под 1.351 кг. Намалувањето на килограмите се должи на употребата на лесни материјали – алуминиум за покривот, капакот од моторот (хаубата) и за предните одбојници (одбивници, браници). Конструкторите покрај тоа што ја намалиле тежината истовремено ја зголемиле неговата цврстина во однос на првата генерација за огромни 50 отсто.
Класика од купе со 2+2 седишта, но со багажник во кој може да го пренесете вашиот велосипед, или ако сте тргнале на патека да ги испробате крајните способности на новиот „брз“, со себе можете да го земете сетот од четирите тркачки („слик“) пневматици. Токму така, четири пневматици сместени во одделот за товар, но со претходно преклопување на задните седишта. Продажбата треба да започне на почетокот од идната година, но сè уште не се знае по која цена.