И ПОКРАЈ ТОА ШТО СЕ СМЕТА ЗА ОСОБЕНО ВАЖЕН МОДЕН ДОДАТОК И ВО ЛЕТО, НАЕСЕН Е ЗАДОЛЖИТЕЛЕН, ОСОБЕНО АКО ГО ПРЕФЕРИРАТЕ И БРИТАНСКИОТ НАЧИН, СТИЛ НА ОБЛЕКУВАЊЕ, ИНСПИРИРАН ОД ТАМОШНИТЕ ПРОДАВАЧИ НА ЛЕБ, ИГРАЧИ НА ГОЛФ, ВОЗАЧИ НА ТАКСИ… НАЈГОЛЕМ ПРИДОНЕС ВО НЕГОВАТА ПОПУЛАРИЗАЦИЈА ИМАШЕ СЕРИЈАЛОТ „PEAKY BLINDERS“, НЕСОМНЕНО
И неговата едноставност, практичност во голема мера придонесе за качкетот да се фаворизира толку многу, особено кога се работи за приврзаниците не само на последната, т.е. актуелна мода, туку и на класиката бидејќи рaмната, сплескана капа во исто време се смета и за старинска, традиционална…, која датира уште од 14 век. Освен што се носи во текот на летото, направена од инаков материјал, како на пример од лен и памук, во светли бои, обично со сино и со бело, наесен е голем хит, незаобиколен аксесоар – моден додаток во темна, загасната боја (вклучително и бежова, крем), изработен од различни ткаенини, меѓу нив и волна (твид) и кожа и сомот. Во минатото, качкетот бил заштитен знак, симбол на таксистите, машиновозачите, бродарите, голферите, лебарите, спасувачите на плажа…, оттаму и другите имиња, називи на рaмната, сплескана капа која често се врзува и со филмот „The Great Gatsby“, покрај серијалот „Peaky Blinders“ што со неговото појавување во 2013-та се издигна високо, ставајќи го на пиедестал. Како било, денес качкетот е најприсутен во модните колекции за есен-зима, но сепак го има и во (про) летните. На угодноста влијае и астарот, заради чувството на топлина кое го предизвикува, ствара.
НЕКОГАШЕН СИМБОЛ НА НЕБЛАГОРОДНОСТА, ВО КОНТЕКСТ НА СТАТУСОТ
Дизајнот, естетското обликување исто така влијае на неговата практичност. Лесно свитлив е, за да се носи в џеб. Ја нема формалноста на шеширот, но сепак не изостанува ни малку од елеганцијата, без оглед на лежерноста со која се одликува. Естетиката во денешно време сепак е приоритетна, за разлика од заштитната функција, намена. Порано, во согласност со некогашната мода, трендовите поврзани со неа, брадата и мустаќите се подразбирале кога во прашање било носењето качкет, на некој неопределен, непознат начин. Тенденциите се целисходни, како и промените. А, мотоциклите се само дел од нив, и едните и другите.
Нецели седум века, од 1571-ва, кога англискиот парламент ги донел законите за однесување ад акта, меѓу кои се вбројувал и кодексот на облекување, качкетот има посебна функција во гардеробата, целокупната облека на мажите, како своевиден знак на препознавање, врзан со професијата, но и стилот. Имено, збирката на правилата го задолжувале секое возрасно лице од машки пол и дете над шест години да го носи во неделите и за време на празниците, со цел да се стимулира потрошувачката на волна и трговијата воопшто, и внатрешна и надворешна. Во спротивно, им се изрекувала парична казна, и тоа на дневно ниво. Изземени биле само благородниците и високообразованите. И покрај нивното укинување во 1597-ма, качкетот се носел и натаму. Како симбол на неблагородноста, во контекст на статусот, едновремено бил и антипод на тудорскиот шешир условниот знак за академските граѓани.
Во 19 век и почетокот на 20-тиот, кога се носеле различни покривала, капи…, со цел да се укаже на изразитата мажественост, односно машкост нема дилема, Обединетото Кралство предничело во изборот на качкет. Имотните селани во Англија се препознавале меѓусебно по рaмната, сплескана капа. Во 1920-тите станала задолжителна за учениците, како дел од униформата, истовремено со модерните, современи мажи кои ја вбројувале меѓу омилените. Претходно качкетот стигнал до југот на Италија, некаде во доцните 1800-ти години. Се верува дека го донела британската војска. Благодарејќи на Мустафа Кемал Ататурк, од 1925-та во Турција се носел место фесот.
ИДЕАЛЕН ЗА ДРУЖБА, ЗА НА ИЗЛЕТ, ПРОШЕТКА, НО И ЗА НА РАБОТА
Поврзаноста меѓу качкетот и поп-културата во Британија се огледа и во ненаметливото влијание на работничката класа во Јоркширската околија врз модните правци, трендови кои се условени меѓу другото и од лежерноста, практичноста на облеката што ја преферираат. Оттаму и нејзиното прифаќање од вишиот слој на општеството. Гај Ричи, Дејвид Бекам, Најџел Менсел, Ричард Блеквуд и Чарлс Трети се само некои од ВИП личностите што ја прифатија без двоумење, а и нивниот придонес во популаризацијата на качкетот навистина е голем. И подиумите на кои настапуваат врвните музичари (на пример, Брајан Џонсон – вокалистот на групата „AC/DC“) помагаат да ужива големи симпатии кај поширокиот круг луѓе, вклучително и жените, претежно младите. Па дури и лондонските таксисти. Своевидно, качкетот е симбол на Обединетото Кралство. Ширум светот се пренел и благодарејќи на спортистите, во голема мера. Посебно голферите. А, неговата приказна ги вдахнува и модните креатори за тенденциите што ги создаваат.
Еквивалентен со капата за бејзбол, качкетот наголемо се носи и во Соединетите Американски Држави. Всушност, неговата распространетост е поширока. Убаво им прилега и на јоркширските гулабари, но и на поседниците кои неколкупати во текот на денот ги обиколуваат имотите. Го фаворизираа и скинхедсите и хипхоперите, буквално сите, вклучувајќи го и Дел бој и Семјуел Л. Џексон. Иако се носи и налето, со маица и фармерки/бермуди, се чини дека убавината на качкетот во есенските и зимските месеци доаѓа најмногу до израз. Неутралните бои, како на пример темносината и темносивата, се непогрешни во изборот за комбинирање со црни панталони, сива блуза и тегет јакна. Освен за на работа, комбинацијата е совршена и за на прошетка. Сепак, твидот важи како неприкосновен авторитет, кога во прашање се ткаенините за комбинирање со рaмната, сплескана капа. Неретко и кожата и сомотот е идеален за него и за дружба и за на излет.
Модните куќи во своите колекции за есен-зима не го заобиколуваат, секако – во зависност од стилот („Armani“, „Hackett“„, Ralph Lauren“ не го ни тргаат од продажба), но постојат и специјализирани продавници (работилници) за качкети, меѓу кои се вбројуваат и најстарата, од 1676-та – „Lock & Co. Hatters“, „Bailey Hats“ (нејзините рaмни, сплескани капи ги носеле Гари Купер и Кери Грант), „Borsalino“ (качкетите на италијанската марка од 1857-ма се забележливи во филмовите „Бони и Клајд“, „Казабланка“ и „Индијана Џонс“, каде што ги носат Ворен Бити, Хемфри Богарт и Харисон Форд), „Christys’ Hats“ (отворена во 1773-та, нејзините рaмни, сплескани капи ги носел и Џорџ Трети), „Garrison Tailors“ (изработувачот на качкетите за серијалот „Peaky Blinders“), „Gumble and Gunn“ (чии рaмни, сплескани капи се прават од мерино-волна), „Kangol“ (хипхоперите й се постојани купувачи).