Стелантис, тоа е новото име произлезено од потпишувањето на договорот помеѓу компаниите „Фиат Крајслер Аутомобиле“ и „Пежо СА“ за соединување на компаниите каде обете страни учествуваат со по 50 отсто. Минатата година во октомври двете корпорации склучија договор за заедничка соработка на највисоко ниво, односно некој начин на соединување каде обете страни учествуваат подеднакво. Сето ова здружување ќе биде административно заокружено наредата година на пролет.
Името „Стелантис“ ќе се користи на корпоративно ниво, на пример кога ќе се потпишуваат договори од најразличен вид со друга корпорација. Останатите марки си ги имаат веќе установените имиња и заштитни знаци, таму нема никакво менување на имињата и заштитните знаци. Кога веќе сме кај компаниите учеснички во ова здружување, ги има 14 на број и редно е да ги именуваме: Абарт, Алфа Ромео, Фиат, Масерати, Ланча, Крајслер, Џип, Рам, Доџ, Пежо, Цитроен, ДС, Опел и Воксал.
Со здружувањето на Фиат и Пежо, светот на автомобилите доби нов „голем играч“, тој играч е наречен „Стелантис“ и според бројот на произведени моторни возила е на четврто место во светот со 8,7 милиони единици, а на трето по вредноста на компаниите или 185,6 милијарди долари (податоци од 2019 година).
Овој вид здружување ќе допринесе за енормно намалување на трошоците во производството и во истражувањата, тестирањата и експериментирањата. Народски кажано „сè на еден трошок“. Името Стелантис (стела на латински ѕвезда), значи „да свети заедно со ѕвездите“, така или нешто слично во таа смисла на зборот.
Жарко Атанасоски