Škoda Kamiq Ambition 1.0 TSI 115РЅ – РАЗИГРАН ДУХ ПОЛН СО СВЕЖИНА

23/12/2019

ГАМАТА НА ЧЕШКИОТ ПРОИЗВОДИТЕЛ ВАЖИ ЗА ДОБРА АЛТЕРНАТИВА СО КОЈА СЕ ДОБИВА МНОГУ ПОВЕЌЕ ЗА ВЛОЖЕНИТЕ СРЕДСТВА ОТКОЛКУ КАЈ КОНКУРЕНТИТЕ. КОРИСТЕЈЌИ ГО ТОЈ ТЕРК ŠKODA ТРГНА ВО СИЛНА ОФАНЗИВА, ОСОБЕНО ВО SUV СЕГМЕНТОТ КАДЕ ЗА КРАТОК ПЕРИОД ПРЕТСТАВИ ВЕЌЕ ДВА SUV МОДЕЛИ. ТРЕТИОТ И НАЈМАЛ ПРЕТСТАВНИК НА SUV ГАМАТА ТУКУШТО ПРИСТИГНА НА ПАЗАРОТ КАДЕ ШТО ЌЕ СЕ БОРИ СО ИГРАЧИТЕ КОИ ВЕЌЕ ГО ПРОНАЈДОА СВОЕТО МЕСТО ПОД СОНЦЕТО.

 

ИНДИВИДУАЛНОСТ ШТО ИЗДВОЈУВА

При првата средба со новиот Kamiq веднаш се забележува предниот дел на автомобилот, највеќе поради светлосните склопови. На највисокиот дел од предницата се наоѓаат дневните светла во лед технологија кои изгледаат како веѓи, поставени се над самите фарови кои, пак, се вградени во одделна рамка.

Разиграниот дух кој порано го поседуваа Roomster и Yeti дизајнерите одлучиле повторно да го вратат во игра со што на овој компактен автомобил му дава свежина и го издвојува од генеричката слика, а покрај техничката функција, оваквата поставеност игра голема улога и во поглед на индивидуалноста. Иако многумина сметаат дека Kamiq претставува повишена верзија на моделот Scala, малиот SUV во својата надворешност имплементира динамични детали и тродимензионални форми преточени во софистицирани течни линии со што го дефинира изгледот на еден модерен и привлечен кросовер со совршени пропорции.

Дека овој модел доаѓа од земјата на кристалот ни покажува елементот кој се истакнува на задниот дел. Стоп светлата кои патем се изведени по најновите технолошки трендови се тридимензионало обликувани на најдобар можен начин како би ја интерпретирале изработка на чешки кристал од познатите стари мајстори.

ОДЛИЧНО СМИСЛЕН ПРОСТОР СО МНОГУ ПАМЕТНИ РЕШЕНИЈА

Внатрешниот амбиент создава комбинација на ергономичност и емотивност, пропратена со типичното ниво на практичност што е препознатлив белег на марката Škoda. На прв поглед се забележува изработката на ентериерот, кој е изведен со материјали кои се меки на допир и прават престојот во кабината да биде пријатен на сите позиции. Кабинскиот простор на Škoda Kamiq го продолжува во континуитет дизајнерскиот јазик по кој е изведен екстериерот. Принципот за градење на внатрешноста е водена од идејата, максимален комфор и функционалност. Комфорните предни седишта, извонредната ергономија, логички распоредените примарни и секундарни команди го прават претстојот во кабината пријатен без разлика дали станува збор за кратка релација или подолго патување. Волуменот на самата кабина е и повеќе од доволен за четиричлено семејство.

Благодарение на новата платформа на која е поставен Kamiq зголемените габарити најмногу се забележливи во поглед на просторот и удобност за патниците сместени на задната клупа, а за сè да не заврши во кабината се грижи габаритот на багажниот простор чија зафатнина изнесува 400 литри во основната конфигурација. Како дополнување во Kamiq доаѓаат познатите Simply Clever интелигентни решенија на марката кои го прават секојдневието на возачот полесно, тука се отворот за чадор сместен во возачката врата, чистачот за мраз со лупа и мерач за исторшеност на пневматиците, како и батериската лампа која е прикачена во багажниот просотор.

АГРЕГАТОТ КОЈ ЌЕ БИДЕ БЕСТСЕЛЕР

Кога говориме за моторните опции кај Škoda Kamiq се нуди избор од повеќе единици погонувани од бензинско или дизел гориво. Во моментов на нашиот пазар кај бензинските мотори како единствена понудена опција доаѓа изведбата со трицилиндричен турбо агрегат чија зафатнина изнесува 999 cm3 во две верзии на моќност, тестираниот примерок ја поседуваше помоќната изведба со 115 КС која ја испорачува е повеќе од доволна за користењето во градски услови и повремени излети на подолги патеки. Автомобилот во оваа конфигурација потегнува без потешкотии, благодарение на влечната сила од 200 Нм која е на располагање од 2.000 врт/мин до 3.500 врт/мин, што за возачите кои имаат спортски аспирации преставува идеална можност за забава. Агрегатот работи во спрега со 6 брзинска трансмисија која се одликува со исклучителна прецизност и релативно краток од при промена на степените. Забрзувањето до 100 км/ч трае 9.9 секунди што е меѓу подобрите во класата.

Декларираната просечна потрошувачка изнесува 5.1 литри што за време на дружењето не успеавме да ја достигнеме, кај нас во просек трошеше 6.8 литри на секои 100 изминати километри, што се должи на брзото темпо на возење на отворен пат и градските гужви. Максималните 195 км/ч не се никаков проблем за агрегат од еднолитарна зафатнина бидејќи автомобилот е изграден од лесни материјали и неговата тежина изнесува само 1.160 кг.

За да биде сè на страната која го потегнува надворешниот дизајн се грижи подвозјето кое е сетирано кон комфор со доза на спортски призвук, што воедно овозможува возилото да се однесува многу софистицирано без разлика дали се управува во град, на отворен пат или на патишта кои обилуваат со свиоци. Самиот начин на лесно управување и комодитет што го овозможува го наметнува најновиот производ на чешката компанија како практичен избор кој е способен да одговари на комплексните барања на едно модерно семејство.

МОТОР: Трицилиндричен турбо бензинец
ЗАФАТНИНА: 999 СМ3
МОЌНОСТ: 115 КС
При 5.000 врт/мин.
МЕНУВАЧ: 6 Степен Мануелен
ПОГОН: На предните тркала
ОБЕСУВАЊЕ НА ТРКАЛА: НАПРЕД: McPherson
НАЗАД: Полузависен систем
СОПИРАЧКИ: Напред: Вентилирачки дискови
Назад: Дискови
ГУМИ: Напред 205/55 R17, позади 205/55 R17
МАСА НА ВОЗИЛОТО: 1.160 кг
ДИМЕНЗИИ: Д/Ш/В: 4.241X1.793 X1.553 ММ
ЗАБРЗУВАЊЕ ОД
0 ДО 100 КМ/Ч:
9.9 СЕКУНДИ
ПРОСЕЧНА ПОТРОШУВАЧКА: 5.1 лит/100 км
МАКСИМАЛНА БРЗИНА: 195 КМ/Ч
ЦЕНА НА ТЕСТ МОДЕЛОТ 17.970 €

 

 

Данчо Здравковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.