REZVANI BEAST-РЕЗВАНИ СО НОВ „ЅВЕР“

21/12/2023

Само скица, односно неколку бели линии на темно сива основа. Со тој цртеж или контури во сенка, нѐ „поздрави“ Резвани, нагласувајќи дека наскоро неговиот супер автомобил ќе биде за првпат претставен пред светската јавност. Минаа точно 10 години откако Резвани на светот му подари спортски купе автомобил. Сега некој ќе праша, зошто толку долго се чекало на втората генерација(?). Возилата од марката Резвани се прават рачно или полурачно и строго по нарачка и таму каде се конструираат возилата, тоа не е фабрика, туку работилница. Тоа значи дека Резвани е малотиражна марка која најмногу посветува внимание на луксузот безбедноста и брзината. Кога е во прашање брзината неговите возила се екстремно лесни како на пример купе моделот „бист“ тежи околу 800 кг, а во себе има 315 КС (на шасија од „ариел атом“), вистинска молња.

Подоцна првата генерација од моделот „бист“ доби 500, односно 700 КС на шасија од „лотус елис“. Да потсетиме, работилницата Резвани ги прави своите возила на веќе постоечки шасии – позајмува делови и ги склопува на свој сопствен начин, односно има своја филозофија на производство. Новиот „бист“ (ѕвер) кој допрва треба да биде претставен, се прави на основа од „шевролет корвета ц 8“, има тело од карбонски влакна, средишно сместен мотор со малку над 1.000 КС и секако врвни материјали во оскудниот простор за возачот и совозачот.

Одговорните велат супер купето ќе биде претставено во првиот квартал од 2024. Дали Резвани го подготвува купето за Салонот за автомобили во Женева на крајот од февруари, или ќе си направи светска премиера на домашен терен, некаде во Калифорнија?

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.