Не е јасно што им стана на производителите сите прават по пет шест сув возила, а едно од друго поголемо или помало за неколку сантиметри. Еве го и Рено го згуснува своето семејство со „сув“ возила. Да појасниме. „Меган конквест“ 4,56 м, „аустрал“ 4,51 м, а најновиот „симбиоз“ има 4,41 м во должина и го сместуваат пред „каптурот“. Четири „сув“ модели сместени во должинска разлика од само неколку сантиметри, најмногу 10. Не е познато зошто производителите прават „сув“ модели со толку мала должинска разлика. Велат ќе тежи малку под 1,5 тони, што е успех кога зборуваме за електрични или целосно хибридни возила (ова не се однесува за тие со умерена хибридна технологија – 48 волтната).
Најновиот „симбиоз“ е во најава и треба да биде прикажан за првпат пред светската јавност некаде на почетокот од пролетта. Грандиозниот Салон за автомoбили во Женева нема да ја има таа чест да биде домаќин на светската премиера затоа што од најмалку 50 – 60 производители на автомобили, ќе присуствуваат само осум (8), а меѓу нив нема да биде Рено.
И како по некое непишано правило, погонските единици ќе го имаат мирисот на електрификацијата во најразличен облик, но најзабележителен ќе биде стаклениот покрив со течни кристали кои се затемнуваат ако надвор времето е сончево, а затемнувањето исчезнува во вечерните часови, така што ѕвезденото небо ќе може да биде набљудувано од патниците.
За дизајнот не се знае многу. Рено прикажа неколку затемнети фотографии во гро план од кои не се надзира ништо нарочно. Сепак како што ќе наближува денот на светската премиера, така Рено ќе објавува поцелосни фотографии од неговиот најнов модел „симбиоз“.
Жарко Атанасоски