TWINGO CUP – EUROCUP ЈА СТАРТУВА СВОЈАТА ПЕТТА СЕЗОНА, НА КОЈА ОВАА ГОДИНА СЕ ПРИКЛУЧУВА И НАШАТА ЗЕМЈА И ТОА СО ТРКИ КАКО ДЕЛ ОД АВТОМОБИЛИСТИЧКАТА ФЕДЕРАЦИЈА НА МАКЕДОНИЈА.
На самиот почетокот на- април, на покана од Renault Sport како организатор на Twingo Cup се упативме кон тркачката патека во Серес, Грција каде се одржа првото промотивно возење на натпреварувачките модели од серијата. Пред самиот почеток претставниците на словенскиот Lema Racing Team одржаа темелно претставување на моделот на возачите, а се одржа и официјална презентација на правилата на учество за претстојните трки.
Во натпреварувачкиот куп моделите на Renault Twingo се унифицирани и специјално модифицирани од страна на Lema Racing Team со цел да ги има сите безбедносни и брзински карактеристики. Основно возило за преработка на купот е Renault Twingo со 3 цилиндричен атмосферски агрегат и мануелен менувач со 5 брзини. Агрегатот поради извршените модификации на издувната грана испорачува 78 КС, што е за 8 повеќе од сериската изведба. Измени има и во потпирањето кое во случајов е производ на познатата марка Eibach и поседува посебно штелување на геометријата на тркалата. За безбедноста на натпреварувачите се грижи реномираниот бренд Sparco кој ги обезбедува заштитниот кафез, сертифицираните седишта наменети за тркање, сигурносни ремени во 4 точки, специјалниот систем за гасење на пожар, тркачки управувач, леснометални натпреварувачки педали и заштитна мрежа. Пневматиците се во „полуслик“ изведба од тајванскиот производител Nankang, истите се монтирани на натпреварувачки Sparco алуминиумски фелни. Инструмент таблата е од производителот AIM на која е поставен GPS систем преку кој се бележат времињата на натпреварувачите, моментална брзина, вртежите на моторот и останата телеметрија. Возилата изобилуваат со аеродинамички додадоци и посебни делови кои се развиени од страна на стручните лица од Lema Racing Team. Идејата на ова натпреварување е во центарот на вниманието да бидат возачите и нивните индивидуални способности за управување со подеднакво подготвени автомобили.
За овој куп планирани се 8 трки од кои 4 ќе се возат на кружни патеки и 4 на ридскобрдски патеки. Според планот купот ќе се одржува во текот на наредните три години согласно официјалниот распоред на Автомобилистичката федерација кој ќе биде дополнително објавен. На крајот од секоја сезона за победниците, односно, за првите три места ќе бидат одвоени соодветни парични награди, додека, пак, на крајот од третата сезона како главна награда на купот е 100% електричното возило Renault Twizy.
ЗАД УПРАВУВАЧОТ НА МАЛИОТ БОЛИД
Веднаш по краткиот брифинг имавме можност да седнеме зад управувачот на едно од натпреварувачките возила. Како дополнителна информација од надлежните ни беше посочено дека во вистински тркачки манир автомобилот не користи серво сопирачки ниту, пак, серво управувач што бара кратко привикнување особено кога станува збор при наглите сопирања при поголеми брзини пред влез во серија свијоци. По загревачкиот круг веќе се стекна првичната доверба во автомобилот и неговите способности, затоа започнавме пожестоко да притискаме на педалот за забрзување, а во секој нареден круг педалот за сопирање го користевме кога ќе го донесеме автомобилот до самиот лимит. Поставеноста на агрегатот над задната осовина и погонот на задните тркала го прават чувството зад управувачот како во картинг, на секое претерување автомобилот пролизгува, но исто така, и лесно се враќа во претходно зададениот правец. По 6 извозени кругови на патеката имавме чувство дека со секој нареден круг постигнуваме подобро време на минување.
На крајот одговорните ни ги соопштија постигнатите резултати кои според нас беа одлични, но за жал во споредба со најдобрите времиња кои ги постигнуваа натпреварувачите во купот заостанувавме по 15 до 20 секунди по круг. Сепак, да се биде во седиштето на еден професионално подготвен натпреварувачки автомобил е нешто посебно и несекојдневно искуството.
На крајот би надополниле, со организирање на ваков тип натпревари се создава нова генерација на млади натпреварувачи каде талентираните возачи преку ваков тип на филтри во иднина ќе можат да ја продолжат својата кариера на повисоко ниво во некои поексклузивни европски и светски натпреварувања. Од таа причина домашните импортери би требало да покажат поголем интерес кон мото спортот во нашата држава како би можело тоа да се случи во блиска иднина.