При првата светска премиера која беше дигитална, „рено петката“ имаше жолта (и сина) боја. Деновиве погледите на светот се завртени кон вториот од четирите најголеми тениски турнири, Роланд Гарос. Спомнувањето на тенискиов турнир е токму поради возобновената и легендарна „петка“. Бидејќи Рено е официјален превозник и еден од главните помагатели на турнирот, покрај истакнувањето на заштитниот знак и името на компанијата, таму пред главниот стадион изложен е вториот концепт, односно прототип наречен „рено 5 прототип роланд гарос“ обоен во бела седефаста боја. Рено на големо се подготвува за претставување на сериската изведба која ќе биде исклучиво со електрична погонска единица.
Тука мора да го спомнеме умниот потег на челниците од Рено за враќање на легендарната „петка“, овој пат со малку поголеми димензии од оригиналните, но затоа дизајнот е зачуван до перфекција. Така и треба да прават сите производители затоа што легендарните автомобили мора повторно да се вратат. Тие оставиле, не голем, туку премногу голем печат во автомобилската индустрија. „Рено петката“ стана легенда по многу нешта, но и по својот многу специфичен облик, по своите неповторливи линии. Наследникот „клио“ колку и да запнува да ја достигне славата на „петката“, во тоа нема никогаш да успее, затоа што ја нема ниту душата, ниту обликот, ниту линиите од „петката“.
Останатите производители кои имаат вакви и слични модели, треба да се подзамислат и да постапат како што постапи Фиат со моделот „500“.
Првичното претставување на возобновената „петка“ пред светската јавност е закажана за наредната година.
Жарко Атанасоски