Минатиот месец пишувавме за култната „четворка“ на Рено која беше претставена само со слики, но на Салонот за автомобили во Париз, производителот најави нејзино сериско производство. Од концепт до сериски автомобил и тоа не било кој туку автомобил што одбележа еден период од историјата на четирите тркала.
Не е лесно да се оживее една легенда, но потегот е за поздравување. Концептот „4 евер трофи“ прикажан на саемот речиси воопшто не личеше на популарната „четворка“ – да кажеме дека е нејзина бледа копија. Што всушност сака Рено да постигне? Враќање на моделот и воедно лансирање на „сув“ модел со погон на сите тркала, опремен како да ќе оди на авантуристичко патување. Идејата им е добра, но „четворкава“ некако не е таа на која сме навикнале. И популарното „мини“ беше целосно обновено и приспособено за денешниве прилики, но главните линии и облици беа задржани, така што „минито“ и ден-денес е препознатливо. Засега така стојат работите со Рено, дали серискиот модел ќе биде дизајнерски многу поблиску до легендата, тоа допрва ќе го дознаеме, ќе видиме како Рено ќе го изигра своето полувреме.
Покрај надворешниот дизајн, позната е филозофијата која производителот сака да ја вткае во возилото, односно тоа се теренските способности заедно со погонот на сите тркала и целосната електрификација и сето тоа сместено во следниве димензии: меѓуоскино растојание 2.570 мм, 4.160 мм должина, 1.950 mm ширина и висина од неверојатни 1,9 метри. Шасијата е високо поставена затоа што така треба да биде кај теренските возила, но возилото да биде 1,9 метри високо, тоа е над сите очекувања.
Ќе треба да почекаме сѐ додека Рено не „истрча“ со серискиот автомобил, а потоа да даваме коментари. Засега сите забелешки се однесуваат на концептот „4 евер трофи“. До овој миг познато е само едно нешто, производството на сериската „четворка“ ќе започне во матичната земја, но кога ќе се случи тоа, се уште е непознато.