ДОСЕГА НИТУ ЕДНО РЕЛИ ДАКАР НЕ ЗАВРШИЛО БЕЗ НЕКОИ ПЕРИПЕТИИ, БЕЗ РАЗОЧАРУВАЊА, БЕЗ МАЛЕРОЗНИ МОМЕНТИ, БЕЗ НЕОЧЕКУВАНИ И ЧУДНИ СЛУЧКИ, А НИТУ БЕЗ ГОЛЕМА, ПРЕГОЛЕМА РАДОСТ. ОВА РЕЛИ Е РЕЛИ НА ИЗДРЖЛИВОСТ, МАРАТОН ОД НЕВИДЕНИ РАЗМЕРИ, КАДЕ ПОБЕДУВААТ НАЈПОДГОТВЕНИТЕ, НАЈВНИМАТЕЛНИТЕ, НАЈБРЗИТЕ И НАЈСРЕЌНИТЕ. КОЈ ОД УЧЕСНИЦИТЕ ГИ ИМА СИТЕ СПОМЕНАТИ ЕПИТЕТИ, НЕГОВИТЕ ШАНСИ ЗА ОСВОЈУВАЊЕ ТИТУЛА СЕ НАЈГОЛЕМИ.
Чудно но вистинито – релито кое беше познато по тоа што минува низ неколку земји, годинава се возеше само во една земја, Перу. Тоби Прајс од „даун андер“ е победник на 41. издание на релито Дакар за 2019 година во класата на мотоцикли. Упорниот и секогаш подготвениот Прајс ги изненади сите останати кога најави дека ќе вози и покрај неговиот напукнат зглоб на десната рака. Што значи тоа напукнат зглоб и да возиш не 50, туку 5.500 километри, најдобро е да прашате некој мотоциклист. Може да се каже дека Т. Прајс имаше повеќе среќа од неговиот директен конкурент Пабло Квинтанила кој на последниот брзински испит тргна во поход на титулата, но некаде во втората половина од етапата, доживеа пад и тука изгуби драгоцени 19 минути со што му беа отворени вратите на победникот од 2016 година да го повтори успехот. Така и се случи. Тоби Прајс ја искористи својата прилика и ете го со титулата отиде дома каде го пречекаа неговите во Квинсленд. Тој при првиот разговор со новинарите веднаш нагласи дека му е многу жал за Пабло Квантанила, „тој требаше да биде тука на подиумот затоа што го стори најдоброто…“. Пабло Квантанила успеа да го заврши релито, но не се искачи на подиумот, падна на четвртото место. Минатогодишниот победник Матијас Валкнер стаса втор, а Сем Сандеренд трет. Ова е воедно 18. титула за КТМ.
Кај автомобилите Насер Ал Атијах со совозачот Метју Баумел беа најбрзи. Порадосни и побучни од нив при прославувањето на титулата беше Тојота. Ова е нејзина прва победа и воедно прва за автомобил со бензински мотор откако карванот се пресели од Африка во Јужна Америка. Инаку минатите години кога Тојота влезе во ова маратонско рели, меѓу другите „болидот“ го развиваше и легендарниот рели возач Ари Ватанен, човекот со пет рели титули, една во Светскиот шампионат во рели и четири на релито Дакар.
Хуан Нани Рома и совозачот Алекс Харо Браво доцнеа 46 минути, а на третото место се пласираше Себастијан Лоеб кој возеше со Пежо во сопственост на приватен тим. Ако зборуваме за најинтересна категорија на 41. издание на релито Дакар тогаш признанието оди во рацете на квадовите. Аргентинецот Николас Гавиљиасо прв стигна на целта, но за него мора да се каже дека иако ова е негово второ учество тој успеа да биде најтрофејниот со неговите девет победи од вкупно 10 брзински етапи. Вакво нешто досега не му успеало на ниту еден друг учесник. Едниствената победа на таа етапа која му недостасува на носителот на титулата, третата етапа, на таа беше најбрз неговиот сонародник Хименез Гонзалез Фериоли кој стаса втор со доцнење од еден час и 55 минути. Со третото место мораше да се задоволи Александер Гирод, неубедлив пред налетот и доминацијата на Аргентинците.
Во класата „утв“ („јутилити таск викл или сајд бај сајд)“ која за разлика од другите е најбрзорастечка, победи Франциско Лопез Контардо, втор е Жерард Фарс Гул, а трет Реиналдо Варела. Во оваа категорија фабричкиот тим на Кан – ам ги имаше првите четири места. Како и секогаш, барем во последниве две децении, вообичаено за релито Дакар е Камаз да биде прв.
Едвард Николаев, Евгениј Јаковлев и Владимир Рибаков, тоа е екипажот кој се закити со годинашнава титула. Неговиот клубски колега Дмитри Сотников заедно со Дмитриј Никитин и Илнур Мустафин застанаат на подиумот веднаш зад победниците, а третото место го освои кој друг ако не припадник од семејството Де Рој. Откако таткото се откажа од учеството неговиот син Жерард де Рој е главниот во таборот и сегашната сенка Камаз.
Дакар не може да се замисли без Де Роевци и во последниве неколку години нивниот Ивеко. Останатите двајца од екипажот се Дерек Родевалд и Мозес Тораљардона. Камазовата победа не беше испуштена од честитање на претседателот на Русија, Владимир Путин, кој не штедеше зборови за да го пофали победничкото трио.
Таков е мото спортот, посебно во рели такмичењата каде неизвесноста трае сè до последниот миг и еден метар пред целта.
Ова рели е рели на издржливост, маратон од невидени размери, а таму победуваат најподготвените, највнимателните, најбрзите и најсреќните. Кој од учесниците ги има сите спомнати епитети, неговите шанси за освојување титула се најголеми.