ВО СЛЕДНАТА 2021 ГОДИНА РЕЧИСИ СИТЕ ПРОМИНЕНТНИ ТИМОВИ ВО ФОРМУЛА 1 ЌЕ ИМААТ ПРОМЕНИ ВО ВОЗАЧКАТА ПОСТАВА, НО НЕ И МЕРЦЕДЕС. КАКО ПО ПРАВИЛО, ДО ВАКВИТЕ ПРОМЕНИ СЕ СТИГНУВА ПРЕКУ ЛАНЧАНА РЕАКЦИЈА, ОТКАКО ЕДЕН ВОЗАЧ ЌЕ НАПРАВИ ТРАНСФЕР ВО ДРУГ ТИМ.
Приказната за големата преселба започна со објавувањето на отказот за Фетел во Ферари, проследено со ангажманот на Карлос Саинц Јуниор. Тешко е да се претпостави што точно беше иницијалната каписла за ваквиот чин, но факт е дека Ферари западна во длабока резултатска криза од која не може да го извлечат ни најдобрите пилоти. Едноставно е да се мисли дека прекинот на соработката доаѓа само поради тоа што во Ферари се свесни за сопствената мизерија и решија барем да скратат на трошоците за скапите возачи.
Од друга страна, тука е се посилниот Леклер, кој покажува голем талент и брзина, иако видливо е дека му недостига искуство и сè уште прави грешки во клучни моменти како при престигнувањето на Перез во Истанбул. Дополнително, за седиште во Ферари чекаат и други млади возачи, кои во моментов се „на пракса“ во други тимови, еден од нив е и Мик Шумахер, синот на поранешниот шампион со Ферари, Михаел Шумахер. Веројатно никогаш нема да дознаеме дали отказот што му го врачија практично пред рестартот на сезоната беше со причина да му помогнат на Фетел да си најде нов ангажман или затоа што му замерија за грешките од минатата година, како судирот со Леклер во Тексас.
Ферари го избра Саинц за негов наследник, при што го префрли товарот на Мекларен да најде замена за него. Според изјавата на Зак Браун од Мекларен, уште во меѓусезоната тие „знаеле дека или ќе го задржат Саинц или ќе го донесат Рикардо“. Претходно, во 2018 година, не успеаја да го донесат Австралиецот, но со именувањето на Андреас Зајдл како тимски шеф, нештата добија поинаков тек. Ангажманот на Рикардо беше објавен само неколку дена по комплетирањето на зделката на Ферари, додека објаснувањето беше во насока дека барале возач со поголемо педигре кој ќе „испровоцира“ поголем напредок кај Ландо Норис, кој останува нивен пилот на долг рок.
И додека сите чекаа Фетел евентуално да се насочи кон Рено, се случи дополнителна компликација при што Рејсинг Поинт го раскина договорот на Серхио Перез. Тие од идната година ќе го променат името во соработка со фабриката Астон Мартин и ќе имаат третман на фабричка екипа. Со други зборови, видоа погоден момент да поработат на поткревање на рејтингот и да соберат сопствени навивачи со тоа што ќе го ангажираат Фетел како поранешен четирикратен шампион, но за тоа да се случи мораше да се исполнат повеќе услови. Изборот на Фетел, де факто, беше меѓу Рено и Астон Мартин, но со мислите беше „во Мерцедес“. Откако стана јасно дека таму Ботас останува во тимот, Фетел го потврди трансферот.
За да може приказната да прерасне во вистинска сага, се погрижија од Рено со тоа што го ангажираа поранешниот светски првак Фернандо Алонсо. Шпанецот освои две титули во 2005 и 2006, но иако беше две години надвор од Формула 1 со учество во Индикар трките, како и релито Дакар, го прифати предизви кот. Тимскиот шеф Сирил Абитебу нагласи дека и Алонсо и Рено со мислите се во 2022 година, кога треба да се сменат дел од сегашните правила, по што би можело да има и нов распоред на силите меѓу екипите. Тоа е она што го привлекло Шпанецот да се врати, со цел да освои уште една титула.
Се чинеше дека клопчето ќе се одмота до крај, а решение за продолжение на кариерата на Перез нема да видиме оваа година, бидејќи и самиот тој најави дека „во најмала рака ќе биде трет и тест возач во еден топ тим“. На крајот и тој потпиша за Ред Бул, каде што Ферстапен без Рикардо очигледно не може сам против Мерцедес. Ова партнерство може да донесе и други промени во светот на Ф1, како што се спонзорствата од мексиканските компании да добијат друг тек, а младите возачи од оваа земја наместо во Академијата на Ферари да завршат во Ред Бул, но сето тоа е второстепено.
Факт е дека Мерцедес остана сам и изолиран по прашање на трансферите, па оттука „штих-пробата“ со Џорџ Расел во Бахреин не беше случајна. Тој дефинитивно е еден од новите таленти, но прашање е дали има трпение да чека уште долго возејќи на опашката од колоната. Мерцедес мора прво да го заврши процесот со Хамилтон , кој се чини дека неминовно ќе се комплетира за 2021 година, а потоа да размислува за возачите кои ќе ја градат нивната иднина, бидејќи во овој момент изгледа дека сите други заземаа стабилна позиција за сезоните кои следуваат.