ИАКО МИНАТАТА СЕЗОНА БЕШЕ ПРОДОЛЖЕНИЕ НА ТУРБУЛЕНТНАТА 2018 ГОДИНА, НАЈУСПЕШНИОТ МАКЕДОНСКИ ВОЗАЧ, ИГОР СТЕФАНОВСКИ-ИЏЕ, УСПЕА ДА ГИ КОНСОЛИДИРА РЕДОВИТЕ И ДА СЕ ПОДГОТВУВА ЗА НОВА СЕЗОНА.
Укинувањето на првенството на ФИА за туринг возила во 2018 година го истакна приватното првенство ТЦР Европа како највисок ранг на кружни трки на Стариот континент. Иако Иџе стартуваше со ново возило (Хјундаи и30), имаше малер да излета на првата трка и потоа цела година да мачи мака со поправки на автомобилот во услови кога организаторите „тренираа строгост“.
Честите поправки доведоа до ревитализирање на претходниот автомобил Сеат Леон, па по неколку извозени трки Стефановски заклучи дека треба да ги потврди сомнежите, односно дека проблемите со другото возило сè уште постојат и сè уште не се до крај расчистени. Иако беше направен ремонт на електрониката, поради понискиот буџет тимот на македонскиот возач се пријави за новото натпреварување кое беше најавено за 2019 година, ТЏР ридски трки.
Но, организаторите во последен момент одлучија дека интересот за оваа дисциплина е пренизок, па го повлекоа распишаниот шампионат.
Тоа кумуваше на изминати и пропуштени рокови за пријава на кружните трки, па на крајот од денот Стефановски настапуваше претежно во Италија на нивниот национален шампионат, отколку на ТЦР Европа. Но, дојде крај и за осцилациите од 2019 година, па конечно со возобновена визија за дуел со најквалитетните европски пилоти, Иџе влегува во новата сезона со свеж оптимизам.
– Најнапред, среќен сум што двете возила сега се во многу подобра состојба. Успеавме да лоцираме нови недостатоци поврзани со турбо полначот во автомобилот Хјундаи, па верувам дека тука ќе запрат кошмарите со неговата санација. Направивме неопходен сервис, возилото покажа подобри резултати, но сè уште ни недостига можност да го тестираме на тркачка патека. Верувам дека наскоро и тоа ќе биде адресирано,- изјави Стефановски за „Клуб Мобилити“.
Официјалниот календар за првенството на ТЦР Европа во 2020 година е веќе дистрибуиран до медиумите, а во него се предвидени седум трки, колку што имаше и во 2019 година.
Пет од трките се исти, со што се овозможува добар континуитет за натпреварувачите кои учествуваат во највисокото по ранг натпреварување со туринг автомобили на Стариот континент. Две трки кои отпаднаа од календарот се германскиот Хокенхајм и унгарскиот Хунгароринг. На нивно место, се враќа трката во Ле Кастеле, Франција, на патеката „Пол Рикар“, а откако беше дел од ЕТЦЦ првенството на ФИА, сега во ТЦР Европа влегува и Золдер (каде што Иџе победи во 2017 година), со што Белгија ќе биде домаќин на две трки во 2020 година. За одбележување е дека трката на „Ред Бул Ринг“ што е закажана на 16/17 мај нема да се поклопува со Формула 1 календарот, како и трката во Спа, каде што ќе се вози на неработниот ден (интернационален празник) 1 мај, за да се избегне судир со трката од Формула 1 на патеката Зандворт во Холандија.
– Финансиите се клучни за новата сезона, па само поради тоа не сакам предвреме да дадам ветувања. Сите знаеме дека во овој спорт не можеш да настапиш доколку не купиш гуми за тренинг, гуми за трка, други резервни делови, како и да имаше решени логистички и шпедитерски прашања. Пријавувањето за ТЦР Европа е отворено до 12 април и ние работиме на обезбедување на буџетот,- додава Стефановски.
Неговиот тимски менаџер и воедно главен инженер, Мирослав Растовиќ, во текот на јануари го посети Стефановски во Скопје и прецизираше детали за новата сезона.
– Што се однесува до плановите, јас од аспект на менаџментот сум научен од сега да планираме за 2021 година, да работиме на нештата една година однапред. Во спортот тоа не функционира секогаш така. За време на посетата на Скопје заедно со главниот механичар Жац Посавец успешно направивме мало освежување на автомобилите. Сите сакаме оваа сезона конечно на Иџе малку да му се насмевне среќата, па по толку малери минативе две сезони, повторно да се врати онаму каде што заслужува, во борбата за врвот,- изјави Растовиќ.
Паралелно со комуникацијата за настап во ТЦР Европа, се разгледуваат и опциите за учество на поблиските трки од шампионатот на ТЦР за ЦЕЗ зоната, каде што припаѓа и Македонија, заедно со уште десетина земји од регионов. Минативе години Иџе направи име и со учеството на италијанскиот ТЦР шампионат, па повторно има покана да биде дел и од него, па засега сите опции се отворени, иако се знае дека официјалната серија која е најсилната во Европа го има предимството, но воедно е и најскапа и најисцрпувачка за патувања.
– Кога сме некаде на пат, цела недела живееме како најблиски, како едно семејство. Овие долги зимски паузи се убиствени за нашата тимска хемија, па едноставно јануарското видување на сите ни беше потребно. Секогаш се потпираме еден на друг, имаме доверба при извршувањето на задачите, а тоа е нешто што мора да го одржуваме и да го стимулираме. На долгите патувања, тоа е од исклучителна важност, бидејќи најлесно е да не победат ако ни е скршен духот. Напротив, тоа е нашето тајно оружје, во овој тим сите го даваме максимумот,- заврши Растовиќ.
По промените во бодувањето во 2019 година, од 10 на 15 возачи, сега ќе има и други измени. Најавено е дека досегашното темпо на возење од „23 минути + 1 круг“ ќе се смени во трка со финиш во кругот кога ќе се надминат 55 километри. Притоа, ќе има други ситни промени, па така аплицирањето на возилото за безбедност ќе биде лимитирано да одзема по два круга од трката (ако има повеќе, нема да се земат предвид). Бројот на возачи со перманентни лиценци за цела сезона ќе биде лимитиран на 30, колку што претходно изнесуваше лимитот на возачи за една трка.
Сумата за лиценца на годишно ниво се очекува да остане на 19.500 евра, додека за апликација само на одделни трки е четири илјади евра по учество.
КАЛЕНДАР НА ТЦР ЕВРОПА
01/02 МАЈ
БЕЛГИЈА, СПА ФРАНКОРШАМП
16/17 МАЈ
АВСТРИЈА, РЕД БУЛ РИНГ
27/28 ЈУНИ
ГЕРМАНИЈА, ОШЕРСЛЕБЕН
18/19 ЈУЛИ
ФРАНЦИЈА, ПОЛ РИКАР
12/13 СЕП.
БЕЛГИЈА, ЗОЛДЕР
26/27 СЕП.
ИТАЛИЈА, МОНЦА
10/11 ОКТ.
ШПАНИЈА, БАРСЕЛОНА