КОГА СЕ ЗБОРУВА ЗА ВРСКИТЕ, НИКОЈ НЕ ОСТАНУВА РАМНОДУШЕН. ЧОВЕКОТ Е ДРУШТВЕНО СУШТЕСТВО И, СПОРЕД ТОА, ВРСКИТЕ ОД СЕКАКОВ ТИП МУ СЕ ПОТРЕБНИ ВО НЕГОВОТО СЕКОЈДНЕВИЕ, ЗА ДА МОЖЕ ДА ГИ ПОСТИГНЕ И ДОСТИГНЕ СВОИТЕ ЦЕЛИ, ДА СЕ ЧУВСТВУВА УБАВО И САКАНО, ДА СПОДЕЛУВА МОМЕНТИ НА СРЕЌА, РАДОСТ И УСПЕХ.
Постојат повеќе типови врски – пријателски, фамилијарни, бизнис-врски, врски со колеги и шефови и интимни. Секој заслужува безусловна љубов, меѓутоа могумина не веруваат во тоа и своето верување го изразуваат во своите врски. Првенствено погледнете го својот однос спрема себеси. Тој однос отсликува како вашите родители се однесувале спрема вас и на тој начин вие се однесувате спрема себеси, се критикувате, понижувате, прекорувате, не се одобрувате.
Обично децата се врзуваат за еден од родителите. Машките деца својот однос го градат спрема однесувањето на мајката. Доколку имате проблем во врска со односот спрема себеси, запрашајте се каков бил вашиот однос со еден од родителите додека сте биле дете, што ве научиле за почитувањето, за заслугите, за изразувањето на емоциите, дали ви викале „немој да плачеш, ти си машко, срамота е“… Скриените пораки што ги добиваме во детството ги обликуваат односите и врските што ги создаваме кога ќе пораснеме. Нема да ги обвинуваме родителите бидејќи ни го пренеле сето тоа, едноставно тие пренесуваат нешто што им е познато и воспитуваат на начинот на кој и тие биле воспитувани, тие не знаат подобро од тоа.
Врските се нашето огледало. Секој однос во нашиот живот отсликува некој дел од нас. Секоја личност во нашиот живот е тука за да направиме или пополниме некој дел од себеси, можеби тоа е некоја празнина или неправда од детството што постојано ја исправаме и оправдуваме преку односите со околината. Сето она што не го сакаме кај другите личности е отсликување и препознавање на некои наши особини и на тој начин ние бараме личности што ќе ни го потврдат тоа, иако не се согласуваме со нив. Гледањето на негативните особини кај другите личности е знак дека нешто се случува внатрешно со нас и дека е време да ја провериме љубовта спрема себеси. Критиката и навредата на друга личност се исто и критика и навреда спрема самите нас. Ако имате пријатели што ве извисуваат, запрашајте се дали и вие сте личност што извисила некого. Ако вашата партнерка не ви обрнува внимание и не ви покажува емоции, запрашајте се како вие ги изразувате вашите емоции и кога бевте дете што добивавте од родителите кога ќе побаравте љубов. Ако вашето дете има лоши навики и вам ви пречи тоа, запрашајте се од кого ги научило и зошто го идентификувате тоа како познато.
За да се измени односот на другите спрема вас постои само еден начин, да се смените вие. Немојте да ги обвинувате другите личности во вашиот живот бидејќи не можете да остварите стабилни и здрави врски, запрашајте се кој дел од себеси не можете да го прифатите, па затоа постојано барате некој сличен на вас, кој може да ви го потврди вашиот став. Вашите интимни врски се повторување на врските од вашето детство. Кога бевте дете дававте љубов и за таа љубов добивавте невнимание, забелешки, критикување, тепање, омаловажување, а некој добивал и љубов. Доколку не ви оди во интимните врски со жените, погледнете го вашиот однос со вашата мајка и сѐ ќе ви биде јасно.
Најважната работа во исправањето на шаблоните што ги имаме добиено како деца е прифаќањето и реалното согледување на ситуацијата, колку и да е болна. Тој период од нашето детство, кој нѐ научил како да реагираме сега, кога се во прашање нашите врски, е дел од нас и нашиот живот, и сето тоа е во ред. Прифатете се себеси и секој дел од вашето минато и на тој начин издигнете ја вашата свест на поголемо ниво, каде што ќе можете единствено вие да имате моќ над вашите случувања во животот.
НА КОЈ НАЧИН ДА ЈА ПРИВЛЕЧЕТЕ ЉУБОВТА?
Ако сакате партнерка, а не можете да ја најдете, не обидувајте се да го сторите тоа на сила и да западнете во врска по секоја цена. Не е погрешно да се биде сам, можеби во одреден период ви одговара тоа и можеби сѐ уште не сте достигнале ниво на свесност за да прифатите љубов каква што би сакале.
Кога ќе се прашувате зошто немате љубов, запрашајте се дали некогаш сте направиле список на квалитети какви што би сакале да има вашата партнерка. Можеби не знаете што барате. Каков вид врска би сакале? Какви стандарди имате? Можеби се превисоки во однос на тоа колку вие самите се цените себеси. Најчесто љубовта не можеме да ја доживееме бидејќи не сме подготвени да ја дадеме. За да дадеме љубов треба да ја имаме, првенствено спрема себеси. Колку се сакате себеси и колку си давате внимение и важност? Што ви е побитно: да бидете во право или да имате мир, да се докажете пред другите личности или да уживате во тоа што сте го постигнале, да дадете критика или да подарите убав збор, да се фокусирате на себеси или да се споредувате со други личности? Ова се некои показатели што укажуваат дека имате недостиг од љубов спрема себеси.
Засакајте се себеси и на тој начин бидете подготвени и отворени за да дадете и да примите љубов. Бидете личност што го сака светот и вие ќе бидете сакани. На денот на вашето раѓање заслуживте да имате сѐ најдобро во вашиот живот, прифатете го тоа добро, не отфрлајте се себеси.