ПРВ ХЕТ-ТРИК ЗА НОВАТА РЕЛИ СУПЕР ЅВЕЗДА

17/06/2022

ГОЛЕМА ПОБЕДА НА РОВАНПЕРА НА РЕЛИТО НА ПОРТУГАЛИЈА И ПРВ ХЕТ-ТРИК ЗА НЕГО ВО НАТПРЕВАРУВАЧКАТА КАРИЕРА ВО СВЕТСКИОТ ШАМПИОНАТ ВО РЕЛИ. СО ТРИ ПОБЕДИ ЕДНА ПО ДРУГО МЛАДИОТ ФИНЕЦ НАЈАВУВА ВИСОКИ ДОСТИГНУВАЊА

 

Славното рели на Португалија годинава е првото рели кое се вози на песок и чакал, или првото вистинско рели, како што милуваат љубителите да ги нарекуваат релијата кои се возат на ваква нестабилна подлога. Воедно, годинава релито на Португалија беше домаќин на првиот од низата настани кои се организираат во чест на прославата на 50 годишнината на Светскиот рели шампионат. Првата сезона на Светското рели се возеше во далечната 1973 година, а годинава се слави јубилејот. Релито на Португалија кое е 619 по ред настан во историјата на шампионатот беше најголемиот собир на возачки шампиони и нивните совозачи кои оставиле печат во текот на полувековната историја на Светското рели. Возачки легенди како: Валтер Рерл, Ари Ватанен, Мишел Мутон, Мики Биасион, Дидие Ориол, Карлос Сајнц, Петер Солбер, Маркус Гронхолм… И секако совозачки легенди: Роберт Рид совозач на починатиот Ричард Барнс, Дерек Рингер совозач на трагично загинатиот Колин Мекре, Луис Моја совозач на Сајнц, Фабрициа Понс совозач на Мутон, Кристијан Гаистдорфер совозач на Рерл, Тициано Сивиеро совозач на Биасион, Тимо Раутиаинен совозач на Гронхолм… Во таа чест дури 30 класични рели автомобили како: Audi Sport Quattro, Lancia Delta S4, Lancia 037, Fiat 131, Opel Ascona, Renault 5 Maxi Turbo, Talbot Sunbeam, Toyota Corolla WRC, Ford Focus WRC парадираа низ дел од брзинските испити, а меѓу нив и победникот на првото рели на Монте Карло, Alpine A110.

 

Стартот на релито на Португалија со нетрпение се очекуваше, меѓудруго, бидејќи на него, по втор пат годинава, продолжи битката меѓу најуспешните возачи во историјата на релито Себастијан Лоеб и Себастијан Ожие. Супер ѕвездите на релито доминираа на релито на Монте Карло каде Лоеб извојуваше победа и со своите 47 години стана најстариот победник на едно рели. Меѓутоа неговата стартна позиција, стартува четврти, претставува хендикеп на лизгавата песоклива подлога. Ожие тука има предност посебно ако се земе предвид дека ја брка својата рекордна шеста победа во Португалија. Без оглед на предвидувањата и желбите на овие возачки легенди младиот Рованпера беше човекот кој ги сврте работите на глава и победи во Португалија освојувајќи ја при тоа својата трета победа едно по друго во годинешниот шампионат, но и во својата куса возачка историја во рамки на Светскиот рели шампионат.

 

Се чини дека релито на Португалија даде потврден одговор на прашањето: Дали Кале Рованпера е комплетен возач способен подеднакво лесно да победува, и на песок и чакал? Но, да видиме како младиот Финец стигна до петтата победа во својата куса кариера во WRC. Релито стартуваше во четврток навечер на улиците на градот Коимбра каде Тиери Нувил успеа да постигне најдобро време и да поведе. Но, овој прв брзински испит беше повеќе шоу. Утрото од вториот ден на релито во жешки и правливи услови беше фуриозно отворање на првиот настан кој се вози на чакал годинава. Благодарение на добрата стартна позиција Еванс веднаш поведе. По само два испити во петок наутро се впиша како ран лидер. За жал задоволството беше кусо. Веќе не третиот испит од денот Лоеб успеа да оствари брилијантно време и да го надвози својот британски ривал. Но, тоа не траеше долго. После големиот сервис на почетокот од четвртиот испит Лоеб излизга со својата Ford Puma удирајќи ја во ѕид. Ударот го откорна задното десно тркало кое означи крај на релито за најуспешниот возач во историјата на ова натпреварување. Лоеб беше првата голема жртва на бруталните услови кои владееја на патеките. Втора беше Ожие. Тој на два пати дупна гума и повеќе немаше резерва со која би продолжил и беше приморан да застане крај пат на шестиот испит. Така неславно заврши битката на двата големи ривали. Еванс покрај добрата стартна позиција возеше паметно во текот на целиот ден и тоа му ја донесе лидерската позиција на крајот од денот. Победи на четири од вкупно осум брзински испити и призна дека можел да вози за нијанса побрзо, но според него, на ова рели, со вакви брутални услови токму таа нијанса е разликата дали ќе продолжиш, или ќе го уништиш автомобилот. Денот беше успешен и за младиот Рованпера иако стартуваше прв и се соочуваше со, според него, најлошите услови што досега ги доживеал. „На моменти во кабина имаше толку прашина што едвај гледавме,” изјави Рованпера. Сепак, мајсторијата мора да му се призне бидејќи и во вакви услови победи на два испити пласирајќи се на 13,6 секунди зад Еванс. Трет денот го заврши дебитантот во сезоната Дани Сордо кој беше најуспешен од четворката на Hyundai.

 

Бруталните услови ги чекаа екипажите и во текот на третиот ден. Лошо беше посебно на крајот од денот кога заради истрошени гуми оние од врвот им ги препуштија добрите времиња на останатите натпреварувачи. Сепак, јунак на денот беше Кале Рованпера. Загуби време во однос на Еванс на трите утрински испити и пред големиот сервис од денот заостануваше 18,4 секунди. Но, потоа развојот на настаните се сврте во негова полза. Победи на четвртиот и петтиот испит од денот намалувајќи ја предноста на Еванс на 9,9 секунди. Потоа следеше второто минување преку најдолгиот испит на релито наречен Амаранте, и тоа во неочекувани услови на дожд. Најбрз на испитот беше Нувил. Буквално леташе преку патеката и го доби Рованпера со 16,9 секунди. Овие дождливи услови му одговараа и Рованпера, додека Еванс потфрли. Заврши 30,8 секунди зад Нувил, и 13,9 зад Рованпера. Така му ја препушти лидерската позиција на младиот Финец на еден испит пред крајот на денот. На последниот испит од денот Рованпера уште за малку ја зголеми предноста во однос на Еванс. Втор јунак на денот беше Такамото Катсута кој го доби Сордо овозможувајќи и на Toyota да се закити со 1-2-3 победа на крајот од денот.

 

Пет брзински испити од последниот ден на релито на Португалија го делеа Рованпера од својата трета победа годинава. Пет испити од кои Финецот освои три добивајќи го својот тимски другар Еванс со предност од 15,2 секунди на крајот од денот. Така Кале стигна до првиот хет-трик во неговата кариера во WRC. Победата изгледаше невозможна на почетокот на релито, во услови кога буквално мораше да ја мете патеката заради првата стартна позиција. Но, упорноста и истрајноста дадоа резултат. Згора победи и на последниот ТВ-испит кој му донесе дополнителни 5 бода. Еванс мораше да се задоволи со второто место, додека Сордо на последниот испит го доби Катсута за 2,1 секунди и заврши трет. Нувил и Танак ги поделија петтото и шестото место, а возачите на M-Sport Ford, Брин, Лубет и Формо се наредија на следните три позиции. Победата во Португалија му дозволи на Рованпера да ја зголеми предноста во шампионатот за возачи на 46 бода во однос на Нувил. Во само четири настани Финецот освои 106 бода, додека Нувил има 60 бодови. Трет е Катсута со вкупно 38 бода, а следат Танак со 37, Еванс со 36 и Брин со 34 бодови.

Toyota ја зацврсти својата позиција меѓу производителите. После релито на Португалија има 175 бодови пред Hyundai со 116 бодови и M-Sport Ford со 94 бодови. Четври со 42 бода е вториот тим на Toyota: Toyota Gazoo Racing WRT Next Generation за кого вози само Такамото Катсута. Следно е релито на Сардинија кое стартува на 2 јуни и со високите температури, грубите патеки и многубројни водни премини ќе претставува вистински предизвик за хибридните рели монструми.

 

Љубомир Анастасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.