ГРУПА УЧЕНИЦИ ОД СРЕДНОТО УЧИЛИШТЕ „ОРЦЕ НИКОЛОВ“ ВО СКОПЈЕ ГИ ОБЕДИНИЈА СВОЈАТА ЉУБОВ ЗА ФОРМУЛА 1 И НАУКАТА И ЗА ПРВПАТ ЈА ВНЕСОА МАКЕДОНИЈА НА СВЕТСКАТА МАПА ОД ПРОЕКТОТ ШТО ТРАЕ ДВЕ ДЕЦЕНИИ
Проектот „Формула 1 во училиштата се спроведува веќе втора деценија и преку него се дава поттик на младите вљубеници во авто-мото спортот да ги направат првите чекори во техничкиот дел, со што можеби ќе ја трасираат и својата понатамошна професионална кариера.
Во текот на 2022 година, идејата на неколку македонски ученици од една скопска гимназија стана реалност.
Аерт Рејсинг, најпрвин се оформи во СУГС „Орце Николов“ како тим кој за првпат ќе учествува на големото финале на најголемиот СТЕМ натпревар во Светот – F1 in schools (www.f1inschools.com). Тимот го оформија Мирослав Мишоски и Марио Блажевски, тековни ученици во 3-та година. Во тимот се приклучија уште 3 члена со кои успешно ја исполнивме нашата цел учество на F1 in schools на Silverstone, UK. Чувството е навистина уникатно да ја претставуваш твојата земја рамо до рамо со сите други земји од светот. Со собраното искуство и стекнатите пријатели, решивме Аерт Рејсинг да стане мрежа на средношколци кои се заинтересирани во науката и мотоспортот и со чие знаење ќе може да се натпреваруваме на било какви натпревари. Поради тоа се обединивме во невладина организација,- ни објасни Марио Блажевски.
Денеска младите љубители на науката и автомотоспортот обединети како „Аерт Рејсинг Тим“ повикуваат за проширување и обединување.
Сакаме да ги обединиме сите млади луѓе кои се заинтересирани во мотоспортот и науката и да се создаде квалитетен тим кој ќе учи сам од себе и ќе се натпреварува со слични тимови од целиот свет. Нашата цел е јасна: 100% Human 100% Човек. За да бидеме успешни, во нашата срцевина се наоѓаат најголемите морални вредности: лојалност и почитување. Аерт Рејсинг, во последните неколку седмици достигна голем рејтинг помеѓу скопските гимназијалци, бидејќи обединува секакви профили на луѓе – програмери, екологисти, машински инженери, математичари, дури и филозофи!
Тоа се должи на неколкуте општествени кампањи кои ги воведовме со цел подобрување на општественото добро, како „Жени во мотоспортот“, учество во кампањата на ФИА за безбедни патишта „Safety roads“, самоодржливост и екологија со акцент на опасните последици кои ни ги носи глобалното затоплување и обуката на младите да работат самоодржливо и да го искористат потенцијалот на ѓубрето кое го исфрлаат преку работилници.
Иако првото искуство е веќе зад нив, оваа година тие целат на ново учество со кое ќе ги корегираат грешките и ќе го поправат пласманот од 23 место. Но, сега хоризонтите се пошироки од претходно.
Формула 1 не е единствениот предизвик. Пред некој месец, Аерт учествуваше и победи на „NASA Space Apps challenge 2022“ на национално ниво и доби шанса дел од тимот да го посетат „Nasa Space Kennedy“ центарот во Флорида, САД. Следните планови на Аерт се, најпрвин проширување на групата која моментално брои околу 20-на членови и оформување на специјализирани подгрупи и подтимови кои ќе бидат способни да изработат една прецизна задача од една област. Понатаму, Аерт Рејсинг цели кон учество на поголеми светски признаени натпревари од областа на мотоспортот и роботиката. Поконкретно, целиме кон крајот на 2024-та година да бидеме целосно спремни за натпреварот „Formula Student“, каде што тимовите „од нула“ треба да изработат свој вистински болид кој ќе вози по патеката на Силверстоун во Англија.