Претставуваме Zenvo Aurora-БЕСКОМПРОМИСНА РАМНОТЕЖА НА ЕКСТРЕМИ

16/05/2025

ТЕХНИЧКОТО РЕМЕК-ДЕЛО КОЕ ПРИПАЃА НА АВТОМОБИЛСКА РЕТКОСТ НУДИ ЕКСТРЕМИ, КАКО ВО ПОГЛЕД НА ПЕРФОРМАНСИ, ТАКА И ВО ПОГЛЕД НА ИЗРАБОТКА И ЦЕНА. ЗА 1.850 КС, 450 KM/H, И НЕФИЛТРИРАНА ПОВРЗАНОСТ НА ВОЗАЧОТ СО ПАТОТ ТРЕБА ДА СЕ ИЗДВОЈАТ ПОВЕЌЕ ОД 2,5 МИЛИОНИ ЕВРА.

 

Феноменот на Северна светлина познат како Аурора Бореалис, која танцува на небо со магична привлечност, е ретка природна појава, чија убавина засекогаш останува врежана во сеќавањата на оној што ја доживеал. Од овие причини Zenvo, данскиот производител на автомобилска реткост, за својата нова креација го одбира името Aurora. Ова ремек-дело на иновативна оригиналност, исто како и Аурора Бореалис, треба засекогаш да остане врежано во сеќавањата на оној што еднаш ќе го доживее.

Zenvo Aurora e чичка нова дизајнирана и конструирана магија на четири тркала, создадена за да донесе нефилтрирана поврзаност на возачот со патот. Еден ваков бескомпромисен став при креирањето на Aurora ги натерал одговорните во Zenvo да се одлучат за радикален потег, кој прилега на данскиот начин на размислување, надвор од рамки. Затоа паѓа одлуката од сам почеток да се создадат два исти, а различни модели, и да се понудат истовремено. Па така, идниот сопственик да одлучува која опција ќе ја избере: со акцент на возна динамика, или со акцент на стил.

Резултатот на двата различни пристапи при конципирањето е тркач со агресивен стил, Aurora Agil, надополнет со прекрасната и елегантна Aurora Tur. Заедничко за двете креации се иновативен дизајн воден од потребите на аеродинамиката, која го насочува струењето на воздухот да тече озгора преку автомобилот, оздола под автомобилот и низ него, односно, низ самата структура на автомобилот. Ваквиот пристап е вообичаен во светот на мотоспортот, но барем досега, беше непознато за автомобил од сериско производство.

 

ИСТА ОСНОВА, РАЗЛИЧЕН КОНЦЕПТ

Aurora Tur, која претставува гранд-туринг варијанта, чии чисти линии на прекрасно извајаната каросерија се надополнување на префинетата возна динамика, кој е сетирана да понуди стабилност во сите услови и комфорно возење на отворен пат.

Aurora Agil го следи истиот елегантен дизајнерски стил. Но, спротивно на Tur, кај Agil, чиј концепт е фокусиран кон врвни перформанси потребни за возење на тркачка патека, чистите линии добиваат екстремно остра нота. Таа е потребна за во целост да може да се искористи струењето на воздухот за создавање високи вредности на „down force”. Затоа Agil изобилува со сплитери, спојлери и огромно задно крило кое го менува аголот зависно до брзината, а при сопирање се исправа и служи како воздушна сопирачка.

УМЕТНИЧКО ДЕЛО НА ТЕХНИКАТА

Без оглед за која изведба станува збор, шасијата и компонентите прикачени на неа се врвни уметнички дела на техниката. Токму затоа, место да ги сокријат под панелите на каросеријата, во Zenvo одлучиле да ги остават откриени, како една комплексна скелетна структура на врвен часовник со автоматски механизам, или пак, како отворен скелет на мотоцикл. Затоа Aurora плени со откриените делови од шасијата, водилките на тркалата, пружините со вметнати амортизери поставени по принцип пуш-род, капаците за присилно ладење на сопирачките и тунелите кои минуваат низ каросеријата како кај болид од Формула 1. Ова посебно важи за изведбата Agil која делува значително поекстремно.

НАЈМОЌНИОТ СЕРИСКИ V12

Развиен од специјалистот Mahle Powertrain, централно во шасијата, на Aurora е поставен најмоќниот сериски V12 на светот. Моторот е конструиран во т.н. жешка V конфигурација, кај која, турбо полначот е поставен во внатрешниот дел меѓу двата блока цилиндри поставени под агол од 90°. Во моќникот од 6,6 литри пумпаат четири мали турбо полначи, со цел да се намалат нивните инерциски сили и да се подобри одзивот на педалот за гас при ниски вртежи. Палењето на смешата во цилиндрите е преку систем Jet Ignition патентиран од Mahle. Системот користи мала комора поставена над цилиндерот во која иницијално се пали смешата. Потоа експлозијата преку шест мали отвори се враќа во цилиндерот и го пали остатокот од смешата. На овој начин се добива подобро согорување, поголема моќност, пониска потрошувачка и пониска емисија на издувни гасови, која во случајов задоволува норма Euro7.

„Беснотилаков“ е навиен да испорачува 1.250 КС при 9.800 min-1 со линеарен одзив од најниски вртежи како кај атмосферски мотор. Функција каква што преферираат тркачите. Меѓутоа бесниот V12 претставува само еден дел од приказната за моќта на Aurora. Тој е спарен со седум степен хибридизиран менувач кој има интегриран електричен мотор со моќност од 150 kW. Менувачот со едно вратило е дело на специјалистот Ricardo и нуди исклучително мазно менување на степените. Електричниот мотор покрај тоа што му помага на моќниот V12, се користи и за возење во рикверц, и за стартување на моторот. Воедно со него Aurora може да патува до 35 километри возејќи само на струја.

 

ПЕРФОРМАНСИ ШТО ОДЗЕМААТ ЗДИВ

Во оваа конфигурација вкупниот вртежен момент е измерен на 1.450 Nm, а моќноста на 1.450 КС кои на лесниот Agil, (на вага мери едвај 1.300 kg), му овозможуваат да се катапултира од место, до 100 km/h за 2,5 sec., до 200 km/h за 4,6 sec. и до 300 km/h за 10 sec. Максимумот застанува на 365 km/h, а при 250 km/h генерира „down force” од 880 kg. Ова е ултимативниот пакет за на тркачка патека. Но, може да биде и поинаку. Односно, ако клиентот посакува Agil може да се добие и со погон на четири тркала кој, пак, е основната поставка во Tur.

Всушност за Tur не постои друга комбинација. Задната хибридна погонска спрега е надополнета со два електромотори поставени на предните тркала. Тие покрај тоа што нудат погон на четири тркала, дозволуваат и векторска распределба на вртежниот момент меѓу тркалата на предна оска, значително подобрувајќи ја стабилноста и управливоста. Вкупната моќност изнесува 1.850 КС, а вртежниот момент 1.700 Nm. И сето ова на тежина од 1.450 kg. Перформансите сѐ уште постравични. Од место, до 100 km/h на Aurora Tur и требаат 2,3 sec., до 300 km/h 9 sec. и до 400 km/h 17 sec. Максимумот застанува на 450 km/h.

Ова техничко ремек-дело кое припаѓа на автомобилска реткост нуди екстреми како во поглед на перформансите, така и во поглед на изработката. Шасијата изработена од карбон-фибер е безмалку целосно отворена. Видливи се преку 70 проценти од лакираниот карбон-фибер кој е најзабележлив во кабината. Неговата откриеност и дава доза на ексклузивност, но и на пуритански минимализам. Во неа возачот се чувствува како да е едно со автомобилот, делумно и заради седиштата кои се интегрирани во шасијата и директно пренесуваат сѐ што се случува на пат. Нема двојби дека Aurora ќе му приреди на возачот доживување кое никогаш претходно не го почувствувал.

Планот на Zenvo е да произведе по 50 примероци, и од Agil, и од Tur. Производството ќе стартува во погоните на Zenvo во данскиот град Престо, во текот на годината. Првите примероци треба да стигнат до клиентите дури во 2026 година. Цената, ексклузивна подеднакво како и автомобилот, преку 2,5 милиони евра нето, плус за исполнување на желбите на купувачот.

 

Љубомир Анастасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ