Претставуваме McLaren 765 LT-ПОМЕСТУВАЊЕ НА ГРАНИЦИТЕ НА ВОЗМОЖНОТО

26/04/2020

НАЈКОМПЛЕТНИОТ И НАЈВОЗБУДЛИВИОТ MCLAREN, 765LT ИЛИ „LONGTAIL“, СТАПНУВА НА ПАТ, ИЛИ АКО МИЛУВАТЕ НА ПИСТА, MAЃЕПСУВАЈЌИ СО МАСИВНАТА МОЌНОСТ, НЕВЕРОЈАТНИТЕ ПЕРФОРМАНСИ, И СО, ДОСЕГА НЕВИДЕНОТО НИВО НА ВОЗАЧКО ДОЖИВУВАЊЕ.

 

Многумина името McLaren го поврзуваат со Формула 1. Има и зошто. Малата Британска мануфактура својот пробив во светот на автомобилите го направи токму преку врвното натпреварување во светот на мотоспортот, Формула 1. Основачот е Брус Мекларен кој своите идеи за влез во Формула 1 ги претвори во јаве во далечната 1965 година. Оттогаш до денес McLaren како тим се наоѓа во врвот на Формула 1. Заслужената слава во светот на мотоспортот McLaren ја преточува меѓу суперспортските автомобили со низа модели кои маѓепсуваат со перформансите, возната динамика, доживувањето зад волан, квалитетот и луксузот.

Минатата година на овие страници го претставивме тогаш врвот во понудата на McLaren, на моделот 720S кој тогаш важеше за успешен спој меѓу екстремните перформанси, луксузот и возачкото доживување. Но, сега McLaren оди чекор подалеку и со новиот 765LT фрла сенка врз, и бездруго извонредниот 720S. Тој е полесен и помоќен од 720S и што е најважно нуди за нијанса повисоко возачко доживување зад волан. Или на кусо, 765LT е ултимативната алатка за врвно возачко доживување.

АЕРОДИНАМИЧКА СКУЛПТУРА ОД КАРБОН-ФИБЕР

Името „longtail” не е случајно избрано за најновиот модел од серијата супер на McLaren. Издолжената мазна каросерија без непотребни додатоци кои би го нагрдувале флуидниот облик наликува на скулптура извајана од карбон-фибер чија врвна аеродинамика е скроена за да сече низ воздухот како врeл нож низ путер, и воедно да го подобри негативниот потисок (downforce) и ладењето потребни за на патека. Несакајќи да го нарушат ова совршенство на мазни линии дизајнерите и инженерите во McLaren морале да смислат иновативни решенија како да го задржат автомобилот залепен за подлогата. Така е создаден долгиот нос со интегриран сплитер кој го распределува воздухот во повеќе насоки, а сè со цел да се намали отпорот и да се постигне подобрено ладење на сопирачките и моторот при екстремни напрегања. Предните светла буквално се интегрирани во отвори за воздух преку кои се храни моторот. Издолжениот задник наречен „longtail” или долг опаш сокрива активно крило кое лежи при забрзување за да се намали отпорот на воздух, а се поткрева кога ќе се постигне зададената брзина за да го залепи задникот за подлога и да ја подобри тракцијата. Крилото се отвора максимално во услови на сопирање и делува како воздушна сопирачка за покуса сопирачка патека на 765LT. Севкупно благодарение и на ревидираниот вентуриев тунел во подот од карбон-фибер, продолжениот заден дифузор и уникатните крилца поставени околу арките на тркалата и праговите 765LT нуди 25% подобар (downforce) од 720S и е полесен за 80 kg.

ОЛИЦЕТВОРЕНИЕ НА СПОРТСКИ ЛУКСУЗ

Куполата на кабината е интегрален дел од монококот околу кој е изграден 765LT. Изненадувачки за ваков тип на автомобили кабината на 765LT е просторна и нуди единствено доживување и како во спортист, но и како во луксузен Грантурисмо. Проткаена со спортски луксуз кабината на McLaren 765LT e предмет на врвна рачна изработка. Изборот на карбон-фибер и аклкантара, лесни а благородни материјали е нужен за намалување на тежината. Тркачките кади на пример се комбинација на карбон-фибер и алкантара и се за 18 kg полесни од оние во 720S. Нудат доволно потпора за на писта, но и ниво на комфор за возење на долги рути. Врвната технологија се огледува преку низа детали како на пример секвенцата од настани кои следат при отклучување на автомобилот. Тогаш ретровизорите се отвораат, трепкачите трепкаат, се палат светлата и осветлувањето на кабината и моторот кое е глетка само по себе. Со отворање на врата излегува дисплеј пред возачот и се подигнува оперативниот систем на двата екрани. Кому прикажаните информации му се многу може да го затвори дисплејот пред себе. Погледот тогаш паѓа на една лента од информации што годи кога се форсира на патека. Сепак, во еден вака скроен суперспортист најважно е што се случува кога ќе се притисне копчето „Engine Start”.

БУДЕЊЕ НА ГАЛОПИРАЧКА КОЊАНИЦА

Тогаш се буди галопирачка коњаница од масивни 765 КС, бројка која не случајно соодвејствува со ознаката на моделот. Како кај сите модели на McLaren таа ја означува моќноста. Едноставно и практично. Моторот е истиот кој работи во 720S, но е дополнително навиен. Станува збор за познатиот V8 од 4.0 литри со два твинскрол турбополначи кој за во 765LT е дополнително доработен. Моторот носи специфични за LT клипови од кован алуминиум, заптивка на глава на мотор во три слоја како кај тркачот McLaren Senna, ултра- ефикасни подигнувачи на вентили обложени со карбон, дополнителна пумпа за гориво, ревидирана пумпа за масло и издув комплетно изработен од титаниум кој завршува во четири издувни цевки задолжени за „парачкиот“ звук на моторот. Сето ова заедно со рекалибрираниот управувачки систем за контрола на моторот ја подигнува моќноста на 765 КС при 7500 min-1 и максимален вртежен момент од 800 Nm при 5500 min-1. Поставен централно во шасијата и спарен со седум степен секвенцијален менувач преку кого се задвижуваат задните тркала, моторот е способен да го катапултира 1339 kg тешкиот автомобил од место до 100 km/h за 2,8 секунди, а до 200 km/h за 7,2 секунди. Од место четвртина милја, или 400 метри лови за помалку од 10 секунди, а максималната брзина запира на 330 km/h.

ЗАВИДНО НИВО НА ВОЗАЧКО ДОЖИВУВАЊЕ

Прочуената шасија на 720S која секој одвозен метар го претвора во максимално задоволство е подобрена за да понуди уште поголемо возачко доживување. Управувањето е дополнително изострено со нова управувачка летва кој има побрз сооднос и поцврст стабилизатор со што се добиени уште побрз одзив на волан и почисти повратни информации. Менувачот менува за 15% побрзо од 720S, а проактивната контрола на шасијата има нови алгоритми кои овозможуваат уште подобра контрола и прецизност при водењето. Затоа секој одзив на автомобилот на командите од возачот е непосреден, директен прецизен и брз како мисла. Сè што возачот ќе посака да направи се случува во истиот миг, како автомобилот да ги чита мислите и постапува соодветно дури пред моторните функции на возачот да реагираат на командата од мозокот. Тракцијата е масивна заради полесните двојни пружини кај потпирањето кои реагираат побрзо држејќи ги тркалата цврсто залепени за подлогата, a варијабилната контрола на пролизгување му дозволува на возачот да избере дали со 765LT ќе лови совршена линија низ свијок, или ќе се впушти во ултимативна забава и ќе дрифта низ свијоци.

ЛОВЕЊЕ СОВРШЕНА ЛИНИЈА ПРЕКУ СОПИРАЊЕ

Тежнеејќи кон пониска маса McLaren ги трга настрана помагалата како скапи и тешки самозаклучувачки диференцијали и вискоспојки. Место нив McLaren користи управување преку сопирање. Идејата е едноставна, барем што се однесува до принципот на работа. Преку незабележливо сопирање на задното внатрешно тркало во свијок се намалува нагонот за подуправување и со префрлање на моќноста кон задното надворешно тркало се подобрува тракцијата. Така се влијае и врз нагонот да се нападне свијок, да се задржи совршената линија низ свијок и да се подобри забрзувањето при напуштање на свијок што директно се одразува на чувството зад волан. Покрај што служи за управување масивниот сопирачки апарт му помага на 765LT во импресивно голтање на брзината сè до потполно сопирање. Карбон-керамичките вентилирани и бушени дискови од 390 mm напред кои ги зафаќаат шестклипни сопирачки клешти и од 380 mm назад кои ги зафаќаат четири клипни сопирачки клешти имаат иновативен начин на ладење инспириран од Формула 1. Насочувањето на воздухот кон сопирачките клешти и дисковите нуди за 50 степени пониска температура на плочките при возење на патека, а новата технологија на изработка на дисковите ги прави за 60% поцврсти во однос на конвенционалните дискови од ваков тип. Затоа на 765LT од 100 km/h до целосно запирање му се потребни само 29,5 m, а од 200 km/h помалку од 110 m. Импресивни бројки кои го надминуваат досегашниот шампион во оваа категорија 720S за 0,2 m од 100 km/h до 0, и за повеќе од 7 m од 200 km/h до 0. Нема двојби дека со 765LT McLaren создал екстремен автомобил избрусен до совршенство како најфин дијамант. Од 720S како основа, идејата за ултимативно возачко доживување ја подигнал на ниво кое ги поместува границите на возможното.

 

Љубомир Анастасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

АМСМ | Клуб мобилити
Privacy Overview

This website uses cookies so that we can provide you with the best user experience possible. Cookie information is stored in your browser and performs functions such as recognising you when you return to our website and helping our team to understand which sections of the website you find most interesting and useful.