ЕДИНСТВЕНИТЕ РЕШЕНИЈА НА LAMBORGHINI ВО ПОГЛЕД НА ЛЕСНАТА ГРАДБА КОМБИНИРАНA СО ВРВНА АЕРОДИНАМИКА И ИНЖЕНЕРИНГ СВОЈСТВЕН ЗА ТРКАЧКИТЕ АВТОМОБИЛИ ГО СОЗДАВААТ НАЈАВТЕНТИЧНОТО ВОЗАЧКО ДОЖИВУВАЊЕ СО СЕКОЕ СЕДНУВАЊЕ ЗАД ВОЛАН.
Одгледувачницата на змееви од Сент`А- гата Болоњезе не престанува да го вчудоневидува автомобилскиот свет со своите ексклузивни проекти кои претставуваат најфино инженерско видување на врвните спортски модели кои ги негува. Токму така. Lamborghini преку своето спортско одделение Squadra Corse повторно одлучи да ја покаже својата храброст да ги искористи, и да ги вметне врвните технички решенија од тркачките изведби на Huracán: Super Trofeo EVO и GT3 EVO, (трикратен победник на 24 часа Дејтона, и двократен победник на 12 часа Себринг), во суперспортски модел хомологиран да вози на улица. Станува збор за Huracán STO – Super Trofeo Omologata, или во слободен превод: суперспортски автомобил хомологиран да вози во редовен сообраќај. Како дериват од два тркачи Huracán STO претставува најчиста концентрација на применети технички решенија со цел да се создаде најавтентичното возачко доживување со секое седнување зад волан.
ВРТОГЛАВИ СПРИНТ И СОПИРАЊЕ
Да почнеме веднаш со перформансите. Mаксимална брзина 310 km/h. Спринт 0-100 km/h 3,0 секунди, 0-200 km/h 9,0 секунди. Сопирање 100 km/h – 0, 30 метри, 200 km/h – 0, 110 метри. Импресивно зарем не? Перформансите се долг на тркачката спецификација на веќе прославениот V10 од 5,2 литри со континуирана варијабилна контрола на вшмукувачките и издувните брегасти вратила, сув картер и подобрен систем за ладење на маслото и водата. Навиен е на 640 КС при 8000 min-1 и ослободува вртежен момент од 565 Nm при 6500 min-1.
Моторот е калибриран да испорачува директен тркачки одзив на педалот за гас, а зголемена е и острината на продорниот рик при високи вртежи. Погонот е на задна оска преку роботизиран 7 степен менувач со две спојки, подобрен за поголема брзина при менување и механички самозаклучувачки диференцијал.
Сопирачките се на Brembo со карбон-керамички дискови CCM-R кои користат технологија од Формула 1 и имаат четири пати поголема термичка спроводливост од вообичаените карбон-керамички дискови CCB. Кај нив отпорот на стрес е повисок за 60%, максималната моќ на сопирање е поголема за 25%, а моќноста при забавување е поголема за 7%. Овие бројки резултираат во робусна сопирачка постојаност во сите возачки услови, вклучивајќи и излети на тркачка патека.
МАГИЈАТА ЛЕЖИ ВО АЕРОДИНАМИКАТА
Huracán STO својата динамика ја сокрива во напредните аеродинамички решенија докажани во светот на мотоспортот преку повеќе модели, а вкомпонирани на едно место. Предната хауба и браник се едно парче. За помала тежина, поголема цврстина и побрз пристап во трка. Отворите во хаубата го зголемуваат протокот на воздух низ централниот ладилник, го подобруваат ладењето на моторот и генерираат поголем негативен потисок. Сплитерот во браникот ,пак, го насочува воздухот кон новоконструираниот под на возилото и задниот дифузор. Шкргите над тркалата го одведуваат воздухот кој влегува под нивното куќиште, со што се намалува внатрешниот притисок и се зголемува негативниот потисок.
Задниот браник е земен од Super Trofeo EVO. Неговата конструкција ја намалува челната површина на автомобилот, а со неа и отпорот на воздух, додека го зголемува негативниот потисок и ја подобрува севкупната аеродинамика. Отворите интегрирани во браникот служат како вшмукувачки вод за моторот кој е покус и ги намалува загубите во статички притисок за 30% за подобрено дишење на моторот.
Хаубата на моторот добила интегриран вшмукувачки перископ преку кого воздухот директно се насочува кон моторот и издувот, и преку наменски дефлектори се одведува со што значително се подобрува ладењето во моторното одделение. На неа е поставена и перка како кај ајкула, која ја подобрува возната динамика во свијок. Во овие услови воздухот директно удира во неа зголемувајќи го притисокот на едната, а намалувајќи го на другата страна. Така директно влијае на аголот на свртување. Воедно перката го подобрува насочувањето на протокот на воздух врз задното крило, кое се мести рачно во три нивоа зависно од возачкиот стил и дополнително ја зголемува неговата ефикасност во свијок.
ФОРМАТА ЈА СЛЕДИ ФУНКЦИЈАТА
На прв поглед е јасно дека станува збор за Lamborghini Huracán, но ако се разгледа внимателно евидентно е дека деталите укажуваат не нешто малку поинакво. Начинот на кој е создаден го прави Huracán STO поразличен, и далеку повпечатлив од обичниот Huracán. Дури 75% од каросеријата е направена од јаглеродни влакна со „сендвич” технологија позната од авио-индустријата. Оваа технологија дозволува комплексните форми да бидат изработени во едно парче за поголема цврстина и помала тежина. Huracán STO на вага покажува 1.339 kg што е за 43 kg помалку од супер лесниот Huracán Performante за кого веќе стана збор во овие редови.
Бандажите се од магнезиум со највисока цврстина во однос на тежината и ги сокриваат вентилирачките бушени дискови CCM-R од 390 х 34 mm напред и 360 х 28 mm назад. Обуени се во гуми Bridgestone Potenza со димензии 245/30 R20 напред и 305/30 R20 назад. Гумите доаѓаат во две изведби: за пат, или за патека зависно од желбите на купувачот.
Од желбите на купувачот зависи и како ќе личи Huracán STO. Иако за претставување е избрана сина боја наречена Blue Laufey во комбинација со портокалова наречена Arnacio California со која се нагласува младешкиот и спортски дух, сопствениците ќе можат целосно да го персонализираат Huracán STO со неограничен број на бои и комбинации, како и налепници во тркачки стил. Можностите за персонализација важат и за внатрешноста која го следи принципот на лесна градба и обилно користи јаглеродни влакна за своите елементи. Од арматурата, преку тркачките кади, до панелите на вратите. Дури одстранети се и теписите, а на нивно место има патосници од карбон-фибер.
Цената на овој фино избрусен дијамант не е мала. Во Европа стартува од 249.412 евра, секако без давачки, а првите клиенти ќе ги добијат своите примероци оваа пролет. Серијата не е ограничена, така кој милува нека повели. Можеби малку ќе почека, но затоа ќе седне зад волан на врвен тркач хомологиран за на улица.